„Живејте го мигот на Крстот“
 
 
 
 
 

„Живејте го мигот на Крстот“ (02.04.2015)

 

Целото христијанство е жртва. Постот и молитвата во нас ја градат нашата исправеност пред Бога. Со нив можеш да се издигнеш до рајот.

 

Мораме да го следиме примерот на Спасителот, Кој врз Себе ги зема сите гревови на светот. Кoга ќе видиме дека нашиот брат прави грешка, не треба да брзаме да фрлиме со камен по него. Попрво – треба да се сметаме себеси виновни за неговата грешка – и тоа е она што значи да ја носиме слабоста на својот брат; на тој начин тој е ослободен, олеснет. Овој вид на жртва најмногу Му е угодна на Бог, и нема побесценета и попрекрасна круна која ќе ја добиеме за ваквото дело, бидејќи Господ рече: „Љуби го ближниот свој како самиот себеси“.

 

Оној кој е бесчувствителен за страдањето на својот ближен не оди по вистинскиот пат. Духовната состојба ти овозможува да се сметаш себеси за поништожен од сите луѓе и во себе да го гледаш падот на сето човештво – тоа е тоа: секој е виновен за сите и сите се виновни за секого. И ова е најдобриот начин да му помогнеме на ближниот: прво види се себеси како најголем грешник, затоа што, всушност, тоа е вистината!

 

Најважно е да знаеме како да се молиме. Многупати ние монасите сме во манастир и не се молиме – имаме само впечаток дека се молиме. Не е доволно да се оди во црква, на службите, и да се биде таму од обврска, како да ја исполнуваш својата должност. Мораме да се стремиме кон внатрешното дело. Многу молитви кажани со устата или со умот, без да се оди подлабоко, без да се живее она за кое молиме, се залудни.

 

Сега мирјаните треба да ја продлабочат својата молитва во срцата, бидејќи таа ќе биде единствениот излез и ослободување. Сите страсти се вкоренети во срцето, и таму е местото каде што треба да се трудиме. Досега можевте да поминете со помошни нешта, но тоа нема да биде доволно во времињата кои се пред вас. Ако немаме молитва од плачното срце, нема да бидеме способни да го издржиме психолошкиот напад на непријателот, кој користи невидени средства за умствено превоспитување.

 

Ќе дојдат времиња во кои само оние што активно го искусуваат дејството на благодатта ќе бидат способни да го разликуваат доброто од злото. Луѓето нема да бидат способни да изберат меѓу доброто и злото служејќи се само со својот човечки разум. Ќе има вешти прелести и измами, и само благодатта Божја ќе може да нѐ спаси од сето тоа. Затоа, моли се – моли се за да не паднеш во искушението на прелеста! Благодатта Божја можеме да ја добиеме само со молитва. Ако продолжиме да седиме непокајани и да опстојуваме во нашата мрзливост и небрежност, без да се молиме, можеме да ја изгубиме наклонетоста кон покајание. Господ да чува од тоа да ја изгубиме желбата за покајание!

 

Денес, кога времето се чини дека минува пребрзо, и луѓето брзаат во сѐ што чинат, до степен да се преморени дури и да помислат да го отворат Часословот, најдобро оружје против непријателот е Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“. ...Оваа молитва има моќ да го собере умот многу бргу, да се свртиш навнатре и да повикаш кон Господ од длабочините на срцето. Исусовата молитва не треба да биде практикувана само од монасите – оваа молитва е должност на сите христијани. Со векови, животот на Црквата е втемелуван на неа, бидејќи таа ги уништува страстите, кои се вкоренети во нашите срца... Затоа, христијаните треба постојано да ја кажуваат Исусовата молитва со својот ум, без разлика каде и да се наоѓаат: дома, на работа, патувајќи со автобус, во авион, готвејќи, поправајќи нешто – каде и да се, и што и да прават. Бог ќе ја вгнезди Својата Божествена благодат во нашите срца, согласно нашиот труд.

 

Денес за мене тоа е најголемиот грев. Нашите срца веќе не се движат со помош на молитвата, немаме солзи на покајание. Ќе дојде време кога оние што ја имаат благодатта на Духот ќе можат да го разликуваат доброто од лошото; самиот човеков ум тоа не може да го разликува. Ќе дојде време на голема збрканост и само Светиот Дух ќе може да нѐ спаси.

 

Устата и срцето кои во секое искушение Му благодарат на Бог, ги добиваат Неговиот благослов и благодат.

 

Оној што ја избегнува празната слава на овој свет, во својата душа ја чувствува славата на идниот век.

 

Во животот на христијанинот нема место за самооправдувањето, него никаде го нема во Христовото учење.

                                                                                                      Старец Јустин Парву

*

 

Служете Му на Бог со целата своја душа. Живејте го мигот на Крстот. Господ нема да те праша за она што не си го знаел. Тој ќе те праша: зошто не си го исполнил она што го знаеше?

 

Потребно е во себе да имаме внатрешен мир, срдечна радост, во кои може да престојува непрестајната молитва. Состојба на радост, ослободена од животните и другите проблеми. На кој било начин да се трудиме да бидеме во таа состојба, затоа што со тагата ние сме „инкубатор“ на ѓаволски јајца. Треба да бидеме ослободени од неприродното. Ако човекот не умира во духовниот подвиг, не го подига знамето на вистинската вера, тогаш целото создание страда. Ние живееме во тесна меѓусебна врска, бидејќи целото Божјо создание е едно. Ако се одделиме од тоа сеопшто единство, тогаш самите се уништуваме себеси. Затоа препорачувам духовно да се подвизуваме.

 

Убаво исповедајте се. Сфатете дека тоа е Тајна, која нѐ спасува. Бидејќи „што ќе разрешите и Јас ќе разрешам!“ Тајната е втемелена во Светото Писмо, и точка! И гревовите повеќе нема да ти бидат спомнати ниту на Последниот суд ниту на митарствата. Значи, готово е!

 

Литургијата не е човечко дело, мил мој, ниту ангелско, таа е непосредно Божја! Бидејќи не можеш ти да претвораш; Тој е Оној, Кој Е! И ако би било можно да се отворат небесата, дури и покривот над олтарот, ниту на небото не би можел да видиш повеќе Светлина и таков поредок како оној што го има во светиот олтар, ниту толку ангели, бидејќи со нас е Христос. Ние дури имаме и една молитва кога го правиме входот: „И направи, Господи, нашиот вход да биде вход и на светите Твои ангели, кои служат со нас!“ Значи, свештеникот има власт, затоа што тие се таму, мноштво ангели! Тоа е Христос!

 

Моли се смирено за да Го доведеш Господ во срцето и не вознесувај се со умот, и не талкај во височините, бидејќи подобро е да бидеш ништо отколку херој на кој било друг, освен на Христос.

 

Без смирение нема никаква надеж за спасение. „Ако нема кроткост во твоето срце, тогаш знај дека тука има некакво високоумие.“ Неопходно е да се сфати дека Бог толку малку бара од нас, за да го здобиеме Неговото наследство. Кроткост, кроткост и уште еднаш – кроткост!

                                                                                                  Старец Арсениј Папачок

 

*

            Секогаш кога луѓето ја чувствуваат љубовта Божја и на некој начин ѝ одговараат, тие живеат во вечноста. Навистина, на некој начин, секогаш кога тие живеат во љубов едни со други, тие живеат во вечноста.

 

            Времето е како местото помеѓу краевите на еден мост. Тука нешто е несигурно. Станува збор за едно движење или во насока на смртта или кон полнотата на животот. (...) Да се остане на едно место значи да се умре. Треба да продолжиме да одиме, без да обрнуваме внимание на оваа состојба загрозена од смртта, уверени дека ќе ја најдеме полнотата на смртта. Всушност, ова значи дека не живееме за нас самите, туку за Оној Кој ќе Го најдеме само ако умреме за нас самите (ако се откажеме од себе). Прифаќаме да изгубиме еден измамлив живот за да го најдеме вистинскиот; ова значи смртта да се победи со смрт.

отец Димитриј Станилое

           

*

Свети Исаак Сирин совршенството го нарече најголемо смирение; но истото може да се каже и за љубовта, поврзувајќи ја со совршенството, бидејќи Љубовта одлучи Господ да слезе од Небото и да стане Човек, а не постои поголемо смирение од тоа Господ да живее меѓу луѓето, на тој начин докажувајќи ја Својата љубов.

 

Животот ни е од Бог: со Него живееме, се движиме и постоиме (Дела 17, 28). Односно Бог е извор, заштита, предназначеност на нашиот живот. Ако живееме во согласност со Него, тогаш имаме живот, загарантиран од страна на Бог, а ако не Го следиме и нашиот живот го трошиме на секакви беззаконија и гадости, поради кои и душата и телото ни стануваат опседнати, тогаш Бог – поради нашите гревови – се оттргнува од нашиот живот. Но Он сепак не се одвојува од нас веднаш после гревовите, туку некое време ја трпи човековата заблуда на Својот помлад син, повикувајќи го на сите можни начини...

           

Мерата на љубовта кон непријателите мора да ја достигнат сите христијани што сакаат да се спасат.

 

Преку Црквата сме родени како Божји синови и сега имаме дел од Христос, преку секој дар. Христос е целосен само во Црквата, во Неговата видлива и невидлива заедница: преку Воскресението и при повторното доаѓање (види Мат. 19, 28), Христос ќе престојува во сѐ; совршенство без граници. Во Црквата луѓе над природата или богови по благодат се раѓаат од горе и живеат на земјата, победувајќи во битките.

Старец Арсениј Бока