Душата за која прибежиште бил Крстот Твој, нека ја види милоста Твоја и Денот на Доаѓањето Твое (03.04.2015)
Прва молитва
„Татко, згрешив против небото и пред Тебе, Господи Боже Седржителу, и не сум веќе достоен да се наречам твој син“ (Лука 15, 18-19), ниту да погледнам и да ја видам висината небесна, од мноштвото неправди мои, ниту славното име Твое да го произнесам, со грешните усни мои. Оти самиот себе се сторив недостоен за небото и земјата, нажалувајќи Те, преблаг Владико. Затоа Те молам, и повторно Те молам, Господи, не отфрлај ме од лицето Твое и не отстапувај од мене, за да не погинам. Оти да не ме покриваше милоста Твоја, веќе ќе бев пропаднал и ќе исчезнев како прав пред лицето на ветрот, како никогаш да не сум бил во овој живот. Откако го оставив патот Твој, не дочекав ниеден добар ден, оти денот го поминувам во грев – иако се покажува добар, погорчлив е од најгорчливите денови.
Отсега се надевам на милоста Твоја, дека ќе ми дадеш сила да се погрижам за моето спасение. И сега припаѓам кон Тебе и Ти се молам, помогни ми мене застранетиот од патот на правдата. Излеј ја над мене обилната милост Твоја како на блуден син, оти го обесчестив животот мој, расфрлајќи го изобилието на благодатта Твоја. Помилуј ме, Боже, и не гневи се на мене поради бедниот живот мој. Смилувај се над мене како на блудницата, цариникот и разбојникот, тие што на земјата од сите биле презрени, а кои Ти, Господи, си ги примил и направил причесници на рајот на наслади. Затоа, прими го покајанието и од мене, непотребниот слуга Твој, оти презрен сум од сите. А Ти, Господи, си дошол не праведниците, туку грешниците да ги повикаш на покајание. Тебе Ти прилега славата во вечни векови. Амин.
Молитвено излевање на душата пред Бог при упокојувањето на ближни
Еве денови што ги побудуваат очите на солзи, рацете во гради да удираат, усните да ридаат. Ти, Господи, утеши ме!
Еве денови што многумина на плач ги призиваат, и тие што влегуваат, и тие што излегуваат – сечија уста со ридање е исполнета. Нека нѐ утеши благоста Твоја!
Еве денови што го нарушуваат заветот на свршените, и наместо брачни одаи, подготвуваат гроб. Нека ги израдува Твојата брачна вечера!
Еве денови што го разделуваат телото од животот, и наместо со миро, го обвиваат со кал. Озари го со блаженството Твое!
Денот на смртта е најгорчливиот ден. Тој сите ги принудува на пролевање солзи, сите во жалост ги воведува. Удостој нѐ, Господи, да го видиме Денот Твој!
Еве денови што одвојуваат и раскинуваат еден член од заедничкото тело на браќата и ближните. Ти, Господи, одново присоедини ги!
Во ден смртен заминуваат и се разделуваат родители и ги оставаат децата свои сирачиња и без старатели. Ти, Господи, воспитувач им биди!
Во тој ден брат од брат се разделува и бројот им се намалува, и како меѓу прстите, недостатокот се гледа. Ти, Господи, дополни го нивниот број!
Во овој ден маж од жена се разделува, осамено останува реброто, оти веќе го нема другарот негов. Нека тие повторно, еден со друг, во Едем се сретнат.
Еве денови што разделуваат пријатели, како пар волови во еден јарем вјрамени. Соедини ги повторно со љубовта Своја!
Денот на Твоето раѓање ги израдувал родителите Твои, денот на упокојувањето Твое ги ожалостил наследниците Твои. Нека повторно Те видат во Едем.
Молитвена песна кон Бог – Воскресителот на мртвите
Благословен нека е Оној што смртта ја направи непоткуплива, оти таа подеднакво ги прима и добрите и злите!
Душата за која прибежиште бил Крстот Твој, нека ја види милоста Твоја и Денот на Доаѓањето Твое.
Не сум постоел, но Ти од прав си ме создал; сега кога се упокоив, воскресни ме за да Те прославам.
Ти, Христе, Цару наш, Кој од висините си слегнал, мртви воскреснуваш и тие што се во гробовите ги подигаш.
Воскресни ги, Сине Божји, сите наши упокоени и облечи ги во славата на Царството Твое!
На гласот на Синот ќе се отворат гробовите и мртвите ќе станат за да принесат пофалба.
Ново сонце ќе засветли над упокоените, и од гробовите свои на Христос пофалба ќе Му принесат.
Христос слегнал заради наше искупување, ќе дојде заради нашето воскресение.
Помилуј ме, оживотвори ме, прости ми ги долговите мои, да ја видам милоста Твоја во Денот на доаѓањето Твое.
Се изврши волјата Твоја; заповедта Твоја ме одведе одовде; по милоста Своја воскресни ме, за да станам и да Те славам!
Нека е благословен Христос, Кој ја воскреснал умртвеноста наша, и им ветил живот и надеж на упокоените.
Го прославувам и Му се поклонувам на Синот, Кој нѐ избавил од ропството на човекоубиецот – смртта.
Ти, Оче, Кој од почетокот од прав Си ме создал, помилуј ме и оживи ме, да ја славам благоста Твоја!
Слава Тебе, Исусе, Спасителу наш! Во Твоите раце е смртта, и во Твојата волја – животот.
Слава на Отецот, славословие на Синот и Духот Свети, Кој нѐ воскреснува!
Он ја уништува смртта, ветува воскресение, и сите праведници ќе станат во слава.
Верувам во Отецот, Го славословам Синот, Му се поклонувам на Светиот Дух, Воскресителот мој!
Преподобен Ефрем Сирин