За воскресението и колебањето (13.04.2015)
Ден е на Воскресението,
и почетокот е десен,
та да се просветлиме со празникот
и еден со друг да се прегрнеме.
Да им речеме: браќа! и на оние што нѐ мразат,
а не само на оние што од љубов нешто ни учиниле или претрпеле.
Сѐ да простиме со Воскресението.
1. Да си простиме едни со други: и јас што бев угнетуван со добро насилие – ете сега ова го изнесувам – и вие што сте учиниле добро насилие, доколку нешто сте ми забележале поради колебањето, кое како да е подобро и на Бог како да Му е помило од итањето на некои други. Оти понекогаш е добро по малку и да се отстапи пред Бог, како Мојсеј на времето, а подоцна и Еремија, за потем спремно да потрчаме кон Него штом ќе нѐ повика, како Арон и Исаија (види: 2. Мој. 4, 13; Ерем. 1, 6; 2. Мој. 4, 27; Ис. 6, 8), само и двете благочестиво да се чинат: првото – поради сопствената слабост, а второто – заради силата на Призивателот.
2. Тајната ме помаза, пред Тајната накратко отстапив, колку себеси да се испитам; со Тајната повторно се враќам, наведувајќи го овој Благ Ден (Воскресение) како покровител на мојата бојазливост и слабост, за денес Воскреснатиот од мртвите и мене да ме возобнови со Духот Свет, и облекувајќи ме во нов човек, да ме дарува на новата твар, на оние што се родени од Бог – како добар изобразител и учител, кој доброволно умира и воскреснува со Христос.
3. Вчера Јагнето беше заклано и портите [со крв] се помазуваа, и Египет ги оплакуваше своите првородени, а нас, пак, истребителот нè одмина, и печатот беше страшен и достоен за почит, а ние со Неговата Крв сме заштитени (види: 2. Мој. 12, 5 – 14; 29-31; 1. Петар 1, 19).
Денес во чистота избегавме од Египет и од фараонот, горкиот владетел, и од тегобните началници, и се ослободивме од калта и правењето тули (2. Мој. 1, 14). И веќе нема кој да нè спречува на Господ Бог наш Празникот на Исходот да Му го празнуваме; и тоа да Му го празнуваме „не со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со пресни лебови во чистота и вистина“ (1. Кор. 5, 8), без ништо со себе да понесеме од Египетскиот и безбожнички квасец (види: 2. Мој. 12, 34).
4. Вчера се сораспнав со Христос, денес се сопрославувам со Него. Вчера се соумртвив со Христос, денес сооживувам со Него. Вчера се сопогребав со Христос, денес совоскреснувам со Него. Затоа, да Му принесеме плодови на Оној што за нас пострада и воскресна (види: Рим. 7, 4; Кол., 1, 6; 10).
Веројатно мислите дека зборувам за овие плодови: за злато и сребро, за ткаенини или проѕирни и скапоцени камења, за минливите вештества на земјата, кои долу остануваат, кои секогаш најмногу ги поседуваат злите луѓе и оние што им робуваат на овозмните нешта и на кнезот (види: Јн. 14, 30). Не, туку да принесеме плод – нас самите, кои сме Му на Бог најскапоценото и најблиско благо. Да му го воздадеме на Образот она што е „по образот“ (види: 1. Мој. 2, 7; Рим. 8, 29; Кол. 3, 10); да го познаеме своето достоинство, да го прославиме Првообразот; да ја познаеме силата на Тајните и зошто Христос умре.
5. Да станеме како Христос, оти и Христос стана како нас. Да станеме богови заради Него, оти и Он стана Човек заради нас. Го зеде на себе полошото, за да ни го даде тоа што е подобро; Он осиромаши, за ние преку Неговото сиромаштво да се збогатиме; Он образ на слуга прими, за ние слобода да добиеме; Он слегна, за ние да се издигнеме (види: 2. Кор. 8, 9; Фил. 2, 7; Гал. 5, 1); Он беше искушуван, за ние да победиме; беше лишен од чест, за нас да нѐ прослави; умре, за нас да нѐ спаси; се вознесе, за кон Себе да ги привлече оние што лежеле долу во гревовниот пад. Секој нека даде сè, сè нека Му принесе како плод на Оној Кој Себеси се даде како откуп и замена за нас (види: Мт. 20, 28). А нема да даде ништо од тоа што е самиот тој, кога ќе ја разбере тајната и ќе стане заради Него сето она што Он заради нас стана.
6. Како што гледате, ви плодоноси Он, Пастирот, оти на тоа се надева и тоа го посакува и бара од вас кои сте под раката Негова, Он – Добриот Пастир, Кој душата си ја полага за овците Свои (види: Јн. 10, 15); и двоен наместо единечен Себеси ви се дава, и од бастунот на староста чини стап на Духот Свет; и на бездушниот храм му додава храм душевен, и на овој прекрасен и небесен му додава каков било, и малкуцка да е, но за Него најскапоцен, со многу пот и труд изграден, а можеме да речеме и достоен за трудот. И Он сѐ Свое вам ви го принесува – о великодушност! Или уште поточно да кажам: о чедољубивост! – староста, младоста, храмот, архиерејот, подателот на наследството, наследникот, словата за кои зажедневте – не оние залудните и во воздух расеани, кои само до ушите досегаат, туку оние што Духот ги испишува и ги втиснува во плочи камени, односно телесни; слова што не се испишани на површината, ниту, пак, лесно се бришат, туку во длабочината се изобразени, не со мастило, туку со благодат (види: Јез. 36, 26; 2. Кор. 3, 2-3).
7. Ете, тоа ви го учинува овој честит Авраам патријархот, оваа чесна и почитувана глава, ризница на сите добра, кој денес на Господ Му приведува доброволна жртва – единородниот син на ветувањето (види: 1. Мој. 22, 2; Гал. 3, 16).
А вие принесувајте Му и на Бог и нам плодови со тоа што ќе бидете добра паства, населени на плодно пасиште (види: Пс. 22, 2), напојувани од водите на покојот, добро познавајќи си го пастирот и добро познати од него, следејќи го кога пастирски и слободно ве повикува низ дверите, а по туѓинец, пак, не одејќи, кој разбојнички и подмолно прескокнува преку оградата (види: Јн. 10, 9-15), ниту слушајќи туѓ глас, што поткраднува и оттргнува од вистината во гори и пустини и бездни, и на места што Господ не ги чиноначалствува, одвојувајќи од здравата вера, верата во Отецот и Синот и Светиот Дух – Едно Божество и Сила, Чиј глас насекаде го слушаат и ќе го слушаат овците мои – та заведувајќи ги со лажни и расипани зборови што одвојуваат од Вистинскиот и Прв Пастир. Од таквите да бегаме далеку, сите ние, и пастирите и паствата, и напасителите и напасуваните, како од болно и смртоносно пасиште, та сега и во тамошниот покој сите да бидеме едно во Христос Исус, Кому слава и сила во вековите на вековите. Амин.
Свети Григориј Богослов