Воскресението на Христос Спасителот (20.04.2015)
Да си го замислиме камениот гроб во градината на Јосиф од Ариматеја и во неа издлабена мала пештера, односно просторија со низок влез. Кога ќе се влезе внатре, од десната страна се наоѓа камен одар чија должина и ширина се доволни за на него да се положи тело на упокоен, додека од левата страна има онолку простор колку што е неопходно за да може да ги собере тие што го внесуваат телото. Да си замислиме што се случило во таа гробница ноќта во онаа сабота што оправдано ја нарекуваме Велика сабота: да си замислиме, но не така што ќе ја препуштиме мечтата на волјата, туку на основа на она што ни го соопштуваат зборовите на вистината. Во самракот Јосиф и Никодим го внесуваат телото Христово, од крстот симнато и во платно со миомириси обвиено, и го положуваат на камениот одар покрај камениот ѕид. Подоцна, во мигот предназначен од вечноста и познат само на вечноста, погребните повои се одмотуваат. И крпата што Му е на главата исто така се одмотува, правилно се здиплува, за да се најде посебно свиткана на едно место (Јн. 20, 7), уредно и свечено положена, а не случајно испуштена. Духот Христов, на Крстот предаден во рацете на Бог Отецот, одново го оживува Неговото тело. На Тавор Светлината Божествена за кратко време и делумно, колку што Апостолите можеле да примат, засветлила преку ова тело, за сега, во гробот да засветли совршено: и ова тело, до тој миг земно и подложно на смрт, се преобразува во небесно, бесмртно и прославено. Со ова преобразување, коешто го надминува Таворското, Божествената светлина и најсвет миомирис ја исполнуваат гробницата, додека самото Тело Христово, веќе духовно и прославено, продира и поминува низ камениот бедем, исто како што после ќе помине низ затворената врата. О небесно место на земјата! О постело на смртта, рамна на престолот на Божествената слава! О камену што си Го примил Бог! Не е ли овој првиот камен на Сион, најскапоцениот камен на целиот свет, на кој, пред сѐ друго, мислел Пророкот кога Го навестувал Воскреснатиот – Оној што ќе го помилува Сион, поради верата на сите на кои им се мили камењата Сионови, обележани со допирот и стапалата на Воскреснатиот: Кога ќе станеш, ќе се смилуваш на Сион… бидејќи на Твоите слуги им омилеа и камењата негови (Пс. 101, 13-14).
Свети Теофан Затворник