ЗА ЉУБОВТА, ПОЗНАНИЕТО И ВЕРАТА
 
 
 
 
 

ЗА ЉУБОВТА, ПОЗНАНИЕТО И ВЕРАТА (23.04.2015)

Нека биде благословен овој час, кога Господ ми даде радост да заедничарам со вас. Мислата моја е дека сета судбина, сиот живот и постоење наше – произлегува од Вечниот Бог. И самото искуство ни покажува дека молитвата, што Му ја принесуваме на Бог, Он ја слуша и ни одговара. Навистина, Он одговара побавно отколку што би сакале ние, но „не е на нас да Го поправаме“. Во тие мигови, кога Он доаѓа да нѐ спаси, се разбира, ние го чувствуваме Неговиот живот. И за Него е својствено жеднеењето Он да се знае и љуби. Кога велиме „знае и љуби“, тоа е речиси исто – во вечноста знаењето е последица на љубовта. Љубовта е производител на соединувањето со Бог Кој Го призиваме. И така, сиот наш живот поминува во тоа стремење.

            Нѐ оптеретува стварноста што нѐ опкружува. Тоа е стварност од чуден вид: никогаш не стои на место. Ништо не е непоколебливо. Сѐ се менува. А ние мора да бараме битие неизменливо.

            Како е можно воскресението? Каде е таа сила што ќе го воскресне животот, кој веќе се распаднал во гробот? Нашите Отци го составиле „Симболот на верата“ што нѐ води низ животот. Затоа секој ден повторуваме, за време на секоја молитва: „Верувам во Едниот Бог Отец“ итн. Од Евангелијата знаеме што е тоа вера: Таа е животворна сила, способна да прими живот дури и кога човекот е скршен од болести или старост. И еве, Отците го заклучиле „Симболот на верата“ со зборовите: „Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век“. Веќе сум ви говорел за тоа, но сепак, цело време со молитва се терам да повторувам, за тоа да се утврди во сите вас. Ние Го живееме нашиот Бог во времето: секој час од нашиот живот, во секоја работа што ја почнуваме во овие овоземни промени, нестабилности и трудови. Поради наметливоста на нашата смртна природа, кога живееме и постојано дознаваме за смртта на наши блиски или далечни луѓе, ние во некоја смисла се обесхрабруваме. И каде е таа создавачка сила? Се чини дека доколку живееме со молитва, тогаш би требало цело време во нас да расте влијанието на Духот Божји, на Животот непоколеблив. А ние тоа не го чувствуваме – го чувствуваме само тогаш кога нашата молитва се оснажува и вдлабочува. Но еве, „Симболот на верата“ започнува со зборовите „Верувам“, и завршува со зборови од друг вид: „чекам – го очекувам воскресението на мртвите“. И така, нашата вера преоѓа во чин од друг вид. Јас не само што верувам туку и го ЧЕКАМ тоа. Само тоа очекување – „го чекам воскресението на мртвите“ – веќе е енергија што неизоставно и сигурно ќе нѐ воскресне. Во црковните молитви за упокоените се вели: „Во надежта за живот вечен се упокоиле“. И на христијаните им е својствено да умираат за да го остварат тоа заради што сме создадени, односно заради живот сличен на Самиот Бог. Јас ве заморувам, повторувам, но не жалам поради тоа, зашто се надевам дека постојаното и разумно повторување ќе ни даде да почувствуваме дека токму таа енергија – како и власта да се воскресне од мртвите – се изразува во зборот „чекам“. Така, навистина разумно ќе ја поттикнуваме таа несоздадена енергија во себе. „Несоздадена“ означува дека по својата природа таа Му припаѓа на Вечниот Бог и самата претставува вечно Битие. Во нашето видување на Бог сѐ што е нетелесно му припаѓа на Божествениот поредок, а сѐ што е создадено исто така Му припаѓа на Бог, но во поредокот на нештата. И тоа создавање претставува процес што ние го нарекуваме „време“. Во конечното остварување на нашиот живот времето повеќе нема да постои, и неговата содржина ќе се измени, исполнувајќи се со бесконечната сила на Самиот Бог. Во „Симболот на верата“ се зборува за тие дејствија што Господ и Бог наш ги направил заради нашето спасение – „заради нас луѓето и заради нашето спасение слегол од небесата“.

            Секако, состојбата на болест, која што се нарекува „старост“, ме тера на помислата за смртта. Но тоа воопшто не мора да значи дека таа треба да ви биде нешто туѓо бидејќи сѐ уште сте млади. Психолошки не ви доаѓа постојано да мислите на смртта, но духовно тоа не е правилно. Во искуството на светите Отци-подвижници гледаме призивање на посебен вид благодат, која што се нарекува „сеќавање на смртта“. И таа може да се појави кај сосем млад човек: навистина, по благодат, откако Бог ќе му даде на човекот да искуси блискост со Него. Тогаш тие зборови стануваат разбирливи. Животот што нѐ опкружува постојано нѐ притиска и како да сака да го угуши во нас сеќавањето на смртта, и постојат многу нешта што му сметаат на нашиот дух во својата чистота да вознесува кон Бог мисли за Него.

Најдобрите намери се среќаваат со страшно противење. И оттаму, кај некои Отци се појавило чувство дека овој свет е тесен како буре. Гогољ завршува еден од своите раскази: „Досадно е на овој свет, господа“. Но, кога тој би го познавал нашето време, мислам дека на секоја страница би ги напишал тие зборови. Чувствувам дека овој свет е тесен како „камена темница“. Така Русите ги нарекувале затворските ќелии во Петропавловската тврдина.

Но сепак, моја длабока желба е да ги запаметите овие зборови: „Го чекам воскресението на мртвите“.

            Зошто Отците го сметаат очајот за грев и страст? Да се одречеш од тоа што Бог ни го подготвил е голем грев. Значи, Бог да нѐ сочува од тој грев, кога ќе кажеме: „О како се уморив од овој живот“. Но, кога вистински го чекаме воскресението на мртвите, таму се крие енергија-сила што ќе нѐ воскресне.

 

Старец Софрониј Сахаров