Христос воскресе!
 
 
 
 
 

Христос воскресе! (25.04.2015)

Денес[1] во ќелијата ме посетија неколку мои духовни чеда, па сите заедно трипати отпеавме: Христос воскресе. Им го честитав празникот со следниве зборови: „Молитвено ви посакувам Воскресението на нашиот Господ Исус Христос да го воскресне во вас секое благородно и убаво чувство, сите нас да нѐ поведе по патот на светоста и во нас да го победи стариот човек со страстите и желбите (Гал. 5, 24). Тоа го бара Господ. Затоа се молиме и посакуваме Воскресението Негово да ни помогне и да благоизволи и ние целосно да го победиме и усмртиме во себе нашиот стар човек (Рим. 6, 6), да бидеме достојни за Црквата. Така посакуваме и се молиме Господ да ни помогне. Најголемото чудо што Христос го извршил е Неговото Воскресение. Тоа никогаш да не го заборавиме. На многаја лета!“

Некој рекол дека денес сѐ се моли – земјата, небото, ѕвездите, миомирисното цвеќе, поточињата што жуборат, бистрите води, малите славеи што црцорат, пеперутките што летаат. Сѐ пее: Христос воскресе! Толку бил воодушевен што од радост гласно викал: Христос воскресе!

Исто така, тоа еднаш се случи и со мене на Света Гора. Беше Велигден. Се искачив на ридот во правец на врвот на Атон и дојдов некаде до осумстотини метри височина. В раце го држев Стариот Завет. Го набљудував ведрото сино небо, бескрајното широко море во долината, дрвјата, птиците, пеперутките, целата таа убавина, и гласно извикнав, од воодушевеност: Христос воскресе! Додека го изговарав тоа, од воодушевеност, а не ни сфатив како, ги раширив рацете. Во таа положба ми останаа вкочанети. Бев како надвор од себе.

Потоа го отворив Стариот Завет. Погледот ми падна на следниве зборови од Книгата на мудроста Соломонова:

 „...Со Тебе е Премудроста, која ги знае Твоите дела, таа беше таму кога си го создавал светот, знае што е угодно пред очите Твои и што е право според заповедите Твои. Испрати ја од Твоите свети небеса, испрати ја од престолот на Твојата слава, за да ми помага во моите напори и да знам што е угодно пред Тебе; зашто таа сѐ знае и сѐ разбира и мудро ќе ме раководи во моите работи и во својата слава ќе ме запази“ (Мудр. Сол. 9, 9-11).

Разбирате ли какво значење имале овие зборови за мене?

„Таа знае што е угодно пред очите Твои и што е благоугодно пред Тебе.“ Тоа да го посакувате, во тоа да уживате, по тоа да копнеете! Така незабележливо ќе Го возљубите Христос.

 

Преподобен Порфириј Кавсокаливиски



[1] Ова се случило на Велигден, 1989 година