За љубовта
 
 
 
 
 

За љубовта (28.04.2015)

Макар и да вкусиш од небесното и да станеш заедничар на онаа мудрост и веќе да имаш длабок мир во својата душа – и во тој случај не се превознесувај и немој да се надеваш на себе, како веќе да си ја достигнал и сфатил целата вистина, за да не ти се случи и ти да чуеш: „Презаситени сте веќе, се збогативте веќе и се зацаривте без нас; камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас“ (1. Кор. 4, 8). Напротив, дури и да си вкусил од христијанството, за себе мисли како да не си се ни допрел до него. И тоа во тебе да не биде површна мисла, туку нешто трајно насадено и зацврстено во твојот ум.

 

***

Оние што во себе го имаат божественото богатство на Духот, кога на другите им соопштуваат духовни зборови, им го предаваат она што го извадиле од својата ризница. А тие што не го собрале ова богатство во ризниците на срцето, од коешто истекува добрината на божествените мисли, тајни и превозвишени зборови, тие, откако набрале неколку цветови од Писмата на двата завета, ги носат на врвот од својот јазик; или, пак, откако ги слушнале духовните луѓе, се фалат со нивното учење како да е нивно, присвојувајќи си го туѓото. И на другите им обезбедуваат лесна наслада со она што им го предаваат, а самите по беседата излегуваат налик на сиромавите луѓе, бидејќи секој нивен збор некако се враќа кај сопственикот, од кого што е позајмен, а тие самите не стекнале своја сопствена ризница, па да можат отпрвин самите да се веселат преку неа, а потоа и на другите да им ја предадат за нивна полза. Значи, потребно е најпрвин да испросиме од Бог да го добиеме ова вистинско богатство, а тогаш лесно ќе можеме да им бидеме од полза и на другите и да им предаваме духовни и таинствени учења. Зашто благоста Божја благоволила да престојува во секој што верува. Господ вели: „Кој ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам“ (Јован 14, 21). И на друго место: „Јас и Мојот Отец... ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме“ (Јован 14, 23).

 

***

            Духот на најразлични начини управува со оние што се удостоиле да станат чеда Божји и во себе Го имаат Христос, Кој ги просветлува, и благодатта ги грее во скришните места на нивното срце. Но најдобро е да покажеме некоја од видливите световни наслади за да ги споредиме со божествените утехи што благодатта ги твори во душата. Зашто тие што се удостоиле за овие утехи, понекогаш се веселат како да се на царска вечера и се радуваат со неопишлива и неискажлива радост: де се насладуваат духовно, како невестата со младоженецот, де како бесплотни ангели чувствуваат еден полет и лекост на телото, толку што дури сметаат дека веќе не се облечени во тело. Понекогаш ќе се развеселат, како да пиеле нешто, и се опиваат со неопишливата опиеност од духовните тајни. Понекогаш, пак, плачејќи и тажејќи, со солзи се молат за спасението на сите луѓе, зашто, горејќи од божествената духовна љубов кон сите луѓе, го восприемаат во себе плачот на целиот Адам. А понекогаш, наоѓајќи се во наслада на духот, што не може со зборови да се опише, се разгоруваат со таква љубов што, кога би било можно, секој човек со болка во срцето би го засолниле во својата прегратка, без да прават никаква разлика меѓу лошиот и добриот. Понекогаш толку се понижуваат себеси што не можат ни да си замислат човек подолу од нив, туку за себе сметаат дека се последни од сите. Де ги проголтува неискажливата радост на Духот де како некој силен човек, облечен целосно во царска воена опрема, кој излегол во борба и ги натерал непријателите во бегство, и тие, оградувајќи се со духовните оружја, излегуваат против невидливите непријатели и ги згазуваат под своите нозе. Другпат ги опкружува голема тишина и мир и се обземени од некоја чудна наслада. А другпат, пак, преку разбирањето, божествената мудрост и неиспитливото знаење на Духот, по благодатта Христова, се умудруваат во тоа што никаков јазик не може да го искаже. А има и време кога ќе ги видиш дека, како што изгледа, по ништо не се разликуваат од кој било човек. Така божествената благодат, која што на најразлични начини се менува во нив и најразлично се пројавува, сака да ја воспитува и да ја вежба душата, за на Небесниот Дух да Му ја претстави совршена, непорочна и најчиста.

 

Свети Макариј Велики