Мирот во мојата душа се раѓа од мирот во душата на мојот ближен
 
 
 
 
 

Мирот во мојата душа се раѓа од мирот во душата на мојот ближен (01.05.2015)

Едно попладне дојде до прекин на кабелската линија. Тоа се случи во декември 1948 година. Имаше многу снег. Во четири часот попладне дојде наредба да одиме во селото, два часа одење, да ја поправиме линијата и да се вратиме назад. Но, после два часа се стемнуваше. Војниците беа капнати од умор и немаа сили да тргнат. А и каде да го најдеш кабелот во толкав снег!

На крај ми дадоа една група луѓе и отидовме уште малку понапред за да го смириме командирот. Потоа им реков: „Да побрзаме зашто треба да се вратиме“. Отидов напред бидејќи цело време негодуваа. Постојано повторуваа: „Грција никогаш нема да умре, но затоа ние ќе умреме“. Одев напред; ќе паднев во снегот, а тие ќе ме извлечеа; повторно ќе паднев, а тие повторно ќе ме извлечеа... Имав еден бајонет, па почнав да го забодувам во снегот пред себе за да видам каде би можел да поминам. Постојано требаше да проверувам. Одев пред сите. „Одиме понатаму, овде не поминуваат животни, па кабелот овде не може да биде пресечен. Да побараме некој шанец над кој виси кабелот“. Конечно, стигнавме до едно село пред кое имаше насипи, скриени од погледот со снежни наноси! Кога стигнавме до тие насипи, пропаднав во снегот. Другарите многу тешко ме извлекоа. На крај, сите се спуштивме, преоѓајќи од еден насип на друг – само не прашувај како – и така, доцна во ноќта стигнавме во селото. На едно или две места наидов на кабел како виси над некој шанец; го споивме и воспоставивме врска со командирот. „Враќајте се назад!“, гласеше наредбата на командирот. Но како? Покрај тоа што е ноќ, како сега да се качиме на оние насипи? Се спуштивме оттаму тркалајќи се. Каде сега да најдеш пат? „Како сега да се вратиме? – го прашав – надолу некако одеше. Ако може да се вратиме изутрина, од другата страна на селото, одејќи одоколу.“ На тоа командирот ми одговори: „Никако ’ако може’, реков вечерва“. За среќа, разговорот го слушна еден аѓутант на командирот кој го замоли да преноќиме во селото. Така останавме. Во една куќа ни дадоа две-три черги. Добив треска. Бидејќи одев пред сите за да им правам пат, целиот бев мокар. Другарите се сожалија на мене, зашто, на некој начин, претрпев повеќе мака од нив, па ме ставија во средина за да се стоплам. Тогаш изедовме по едно парче леб. Не се сеќавам дека некогаш во животот сум почувствувал поголема радост од онаа што ја почувствував тогаш.

Морав да ги спомнам овие примери за да сфатите што значи жртва. Не ви го кажав сето ова за да ми аплаудирате, туку за да сфатите од каде потекнува вистинската радост.

А потоа, во одделот за радиоврски сите се обидуваа да ме излажат. „Дојде татко ми. Те молам, замени ме малку“, ќе речеше еден. „А мене ми дојде сестра ми“, ќе речеше друг – иако таа не му беше сестра. Трет ми говореше нешто свое, а јас седев и за првиот, и за вториот, и за третиот, и се жртвував. По дежурството чистев, сѐ средував зашто на другите им беше забрането тука да влегуваат. Дури ни офицерите од другите оддели не смееја да влегуваат бидејќи беше војна. Затоа и не можевме да имаме чистачка. Значи, ќе земев метла и ќе ги исчистев сите простории. Таму научив да метам. „Ова е службена просторија, место – на некој начин – свештено, не е добро да биде неуредно“, помислував. Не бев должен да метам, ниту, пак, знаев да го правам тоа. Дома никогаш немав фатено метла в раце! Ако некогаш сакав да ја земам, сестра ми ќе ме скршеше од ќотек со таа метла! Другарите ме викаа „Чистачка“ и „Вечна жртва“. Не обрнував внимание на тоа. Не го правев тоа за од нив да слушнам „благодарам“, туку бидејќи тоа го чувствував како потреба и зашто тоа ме радуваше.

 

Старче, зар не Ви доаѓаа помисли „одлево“? Зар никогаш не си помисливте, на пример: „Оној таму се шета, а и никаква сестра не му дојде?“

 

Не, немав такви помисли. Од моментот кога некој ќе ми речеше: „Те молам, можеш ли да останеш место мене?“, сѐ беше завршено. Еднаш некој ми бараше пари велејќи дека му се потребни, божем, за децата. Но тој бараше пари и од својата жена за да ги троши за себе. Сфаќаш? И јас повторно не го правев тоа за да ми речат: „секоја чест“, тоа го чувствував како своја потреба. Бидејќи никаде не излегував, другите тоа го користеа и целата работа мене ми ја трупаа. Требаше да ја завршам работата за целиот вод. Куп шифрирани знакови за пренос, шалтерите само грмат. Пропаднав. Едно време постојано имав температура триесет и девет со пет, а никому не кажував. Но потоа, од замор паднав како мртов. Се онесвестив. Ме ставија на носилка и слушнав како говорат: „Ајде Бенедикте[1], одиш на генералка, на носила ќе те однесеме таму каде што се поправаат стари автомобили!“ И така ме однесоа во болница. Ме оставија сам – на кого би му било гајле за мене, сите се грижеа за ранетите – но јас и таму чувствував радост, радост што произлегува од жртвата, зашто мирот во мојата душа се раѓаше од мирот во душата на мојот ближен.

 

Преподобен Паисиј Светогорец



[1] Свештеноманах, проповедник од околината, се викал Бенедикт, па војничките другари на отецот, сакајќи да се пошегуваат, Старецот го викале „Бенедикт“.