Богојавлението е природа на светот, а богослужењето е цел на светот
 
 
 
 
 

Богојавлението е природа на светот, а богослужењето е цел на светот (14.05.2015)

Секоја твар е чувар на една мисла Божја; оттука секоја твар е мало Евангелие Божјо, бидејќи Го проповеда Бог, мислата Божја, бидејќи е неуморен гласник Божји. Неразорното јадро на секоја твар ја сочинува мислата Божја што е во неа, мислата на Божјата Мудрост, на Божјиот Логос. Оттука сѐ се стреми, сѐ гравитира кон Бог, кон Божјиот Логос, бидејќи со логосната суштина секое битие чезнее за Бог, копнее за Бог, се орасположува за Бог. Божјите мисли се како светлосни зрнца, расеани по сите твари, па секоја твар зрачи со логосна светлина, и сите зраци од сите твари водат и одведуваат кон вечното и неугасливо Сонце: Бог Логосот – Господ Христос.

            Логика на светот? Има ли овој свет логика, свет во сите свои поединости и во својата сеопфатна целина? – Да, има: Бог Логосот е единствената логика на светот. Во Логосот е и логиката, само во Логосот. Но, тој Логос на светот не е некој замислен, апстрактен, трансцендентен, платоновски, безличен логос, туку историски реална и вечна Божествена Личност: Бог Логос Кој станал човек, станал тело, станал материја, и на тој начин влегол во матицата наша, овострана, земна стварност, и во сферата на човечката историја живеел и дејствувал како Богочовек Исус Христос. (...) Светиот апостол Павле вели: „Сѐ преку Христос и за Христос се создава“. А тоа значи: сѐ во светот, од ангелите до црвите, од сонцата до атомите, има свој логос и своја логика, и тоа – божествен логос и божествена логика; па уште и со овој неминовен додаток: сѐ во светот постои за таа божествена логосност и за таа божествена логичност. Без тоа, светот е алогосно и алогично чудовиште.

            Бог Логосот не е само центар на сите битија и твари туку е и создателна, и животворна, и кохезивна, и синтетичка и промислителна сила во сите битија и во сите твари. Сѐ зрачи со Логосот, бидејќи сѐ е логосно и логично. Сѐ има своја божествена смисла, божествена цел, божествена вредност, сѐ – освен гревот, освен злото. Зашто во овој свет само гревот е безлогосен, безлогичен, бесмислен. Црната сила што го обесмислува светот, што ги обезлогосува битијата и тварите е гревот. Бог Логосот со овоплотувањето влегол во овој свет за да го ологоси, за да го протера од него гревот и неговата бесмисла, да зацари во него божествена смисла и да внедри божествена вредност. Само уништувачот на гревот во светот може да биде осмислител и просветител на светот. А тоа е единствено Он, единствено – Богочовекот Христос. Со овоплотувањето Он влегол во матицата на огревовениот свет за светот со Бог да се очисти од гревот и злото, да се осветли со Бог, да се просветли со Бог и да се осмисли со Бог. И навистина, Богочовекот е единствениот меѓу земните битија што божествено мудро, божествено совршено, божествено потполно ја објаснил тајната на светот и човекот.

            Она на што стои светот, темел и основа на светот е – Бог Логосот. Само на тој и на таков темел може да се изгради човечен свет, полн со божествена логика, божествена смисла, божествена мудрост, божествена вечност. Камен темелник – столб на сѐ вечно-човечко е поставен еднаш засекогаш – тоа е Господ Христос. Ќе се отфрли ли Христос, отфрлена е основата на светот, извлечен е темелот под градивото на светот и сѐ одеднаш се струполува во хаос, во бесмисла, во лудило, во ѓаволски водвиљ.

            Што е материјата според светосавската философија на светот? – Материјата е нешто божествено, нешто логосно, зашто и таа настанала преку Бог Логосот. Затоа, материјата зрачи со логосна светлина и божествена логичност. А и современата наука тврди дека материјата зрачи со некоја предсончева светлина. Преку сѐ и од сѐ што ние луѓето го нарекуваме материја зрачи, сјаи, блеска Логосот. Светот свети со Бог Логосот, со Божествена Светлина, со Божествена Логика, со Божествен Разум. Затоа овоплотениот Бог Логос рекол: „Јас сум светлина на светот“. На тоа додајте го и ова: светот живее со светлината, зашто е и соткаен од логосна светлина; животот е живот на божествена  светлина, затоа и овоплотениот Бог Логос за себе го рекол и ова: „Јас сум светлина на светот“. И светот е свет со Логосот, и животот е живот со Логосот. Логосот е и во атомот и во вселената; од врвот до дното – сѐ е од Него, сѐ е во Него, сѐ е преку Него. И самото постоење е од логосен карактер, бидејќи „сè стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана(Јован 1, 3). Сѐ што постои сочинува една целина, божествено логосна и божествено логична... Во светот на материите зад сите појави се крие невидливата сила Божја. Секоја твар е извор, извор на таа сила. Колку чуда во една капка вода, а камоли во Сонцето, во ѕвездите, во соѕвездијата, а пак во Творецот на сите тие чуда! Окото човечко не може да гледа во Сонцето, а камоли во Творецот на толкуте сонца!

            Господа, евангелската светост ја обесконачи човековата душа со божествени бесконечности, и свет човек божествено длабоко го гледа светот, божествено широко ја чувствува неговата тајна, божествено високо мисли за светот. Секоја твар е мало богојавление, зашто секоја твар со самото свое постоење Го објавува Бог. Лисчето на љубичицата, зарем тоа не е мало богојавление? Окото на ластовицата – зарем тоа не е поголемо богојавление? А зеницата во твоето око – зарем тоа не е поголемо богојавление и од едното и од другото? (...) Да, секоја твар со својот главен нерв е поврзана со Творецот! Да, секоја твар е богогласник! Да, секоја твар е богојавление! Да, овој свет е непрестајно и незамолчливо богојавление; преку него Бог ја објавува и мудроста Своја, и љубовта Своја, и силата Своја, и вистината Своја, и правдата Своја, и добрината Своја, и убавината Своја...

            Само ситните – мали души не можат, зашто не сакаат, да се нурнат во божествените длабочини на светот и таму да ја пронајдат неговата божествена логика, и идеја, и мисла, и смисла. Површински паразити, тие постојано остануваат на површината на светот, затоа и не можат надвор од прашината на светот. Прашината им ги затворила очите, па не Го гледаат Бог, ниту што било Божјо. Тварта ја прогласиле за прво и последно битие, за прв и последен живот, за прва и последна вистина. А тоа е идолопоклонство, и извор на секое идолопоклонство, било духовно било физичко.

            Господа, вие сте почувствувале, првото начело на светосавската философија на светот е: светот е богојавление. А второто, кое е второто начело? – Човекот е богослужење. Богојавлението е природа на светот, а богослужењето е цел на светот. Бог се објавува преку светот. На богојавлението човекот одговара со богослужење. Во светот што е богојавление, сиот живот човеков, од почеток до крај, од врвот до дното, треба да биде непрестајно служење на Бог, непрестајно богослужење. Главната обврска човекова во овој свет, во овој грандиозен храм Божји е – служење на Бог, богослужење. Природно и логично е во оваа вселена, во овој храм Божји, да се живее – служејќи Му на Бог. Бидејќи овој свет е богојавление, природно е човекот да биде богослужење. Човекот и не е ништо друго туку – свештенослужител, богослужител. Тој непрестајно Му служи на Бог: и со мислите, и со чувствата, и со зборовите, и со делата, со еден збор – со целокупниот свој живот. (...)

Најдобро и најсовршено Му се служи на Бог кога се живее според Евангелието на Богочовекот Христос.

 

Преподобен Јустин Ќелиски