За мајката на сите добродетели, светата и блажена молитва и за духовното и телесното однесување за време на молитвата (25.05.2015)
По својата природа, молитвата е сопостоење и единство на човекот и Бог. По своето дејство, таа е одржување на космосот, помирување со Бог, мајка на солзите – и нивна ќерка истовремено, смилостивување за гревовите, мост со кој се преминува преку искушенијата, панцир што штити од сите маки, разбивање на демонските напади, служба на ангелите, храна на сите бестелесни, идно веселење, бесконачен подвиг, извор на добродетели, причинител за благодатни дарови, невидливо напредување, храна за душата, просветлување на умот, секира за очајанието, потврда на надежта, ослободување од тагата, богатство на монахот, ризница на безмолвникот, стишување на гневот, огледало на духовниот напредок, показател на духовната мера, откривач на духовната состојба, претскажувач на идните добра, предзнак на вечната слава. За оној што вистински се моли, молитвата е суд Господов, судење пред престолот Негов пред страшниот суд.
Да станеме и да чуеме што оваа царица на добродетелите ни говори со висок глас: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе... и ќе најдете мир за душите ваши“, и исцеление за раните ваши; „зашто јаремот Мој е благ и лековит за големите гревови“ (Мт. 11, 28-30).
Ние што сакаме да се претставиме пред Царот и Бог, и да разговараме со Него, не смееме неподготвени да тргнеме на пат, за Он, здогледувајќи нѐ оддалеку без пропишаното оружје и дворски одежди, да не им нареди на Своите слуги и помошници да нѐ врзат и да нѐ фрлат далеку од лицето Негово, а молбите наши да ги скинат и да ни ги фрлат в лице. Кога одиш пред Господ, нека ризата на душата твоја целата ти биде исткаена со нишки на незлопаметењето, во спротивен случај, молитвата нема да ти користи за ништо.
Нека молитвата ти биде сосем едноставна: цариникот и блудниот син со еден збор се помириле со Бог (види: Лк. 18, 10; 15, 11).
Стоењето на молитва наизглед секогаш е исто, но всушност, тука има големи разлики и степени. Едни Му приоѓаат на Бог како на пријател и господар, и Му принесуваат песна и молење не за себе, туку за помош на другите. Втори бараат духовно богатство и слава, и поголема смелост пред Бог. Трети бараат Бог потполно да ги избави од нивните соперници. Некои, пак, молат за некое достоинство. Други молат целосно да им се простат гревовите. Некои молат за избавување од ропството, а други за ослободување од секоја вина.
На хартијата на нашите молби, пред сѐ, да ставиме искрена благодарност. На второ место нека дојде исповедањето и скрушеност во чувството на душата. Овој начин на молитва е најдобар, како што Господ преку ангел му објаснил на еден брат.
***
Бори се да ја приврзеш својата мисла за зборовите на молитвата, или подобро – да ја заклучуваш во нив. И ако се случи по својата детинска слабост твојата мисла да се умори и да падне, повторно воведи ја во зборовите на молитвата. Непостојаноста е својствена за човечкиот ум. Но, Оној што може сѐ да зацврсти, може и умот наш да го направи постојан. Ако истрајно се подвизуваш, и кај тебе ќе дојде Оној што ги одредува границите на морето на човечкиот ум, и ќе му рече во молитвата твоја: „Дотука ќе дојдеш и нема да преминуваш“ (Јов 38, 11). Невозможно е Духот да се врзе; а таму каде што е Создателот на духот, таму сѐ Му се покорува.
***
Сите, а особено тие што доаѓаат од Царот да примат прошка за својот долг, треба во себе да имаат неискажливо голема скрушеност. Додека сѐ уште се наоѓаме во темнината на страстите, да го слушнеме Оној што му рекол на Петар: „Опаши се со ризата на послушанието, соблечи ги од себе желбите свои, и без нив, гол, во молитвата своја пристапи Му на Господ. Неговата, и само Неговата волја призивај ја, па ќе Го примиш Бог, Кој го држи кормилото на твојата душа и сигурно управува со тебе“.
Станувајќи од светољубието и сластољубието, отфрли ги грижите, слечи ги од себе мислите, одречи се од телото. Зашто молитвата не ништо друго туку отуѓување од видливиот и невидливиот свет. „Што имам на небото?“ Ништо. „И што освен Тебе посакав на земјата?“ Ништо, освен во молитвата да не се одвојувам од Тебе! Едни сакаат богатство, втори слава, трети имот. А јас чезнеам само да се прилепам за Бог и на Него да ја положам надежта на бестрастието мое (Пс. 78, 25; 28). Верата ѝ дава крила на молитвата; без вера молитвата не може да се искачи на небото.
***
Не одбивај да се помолиш и за друг човек, ако тој те замоли за тоа, без оглед што сѐ уште не си го стекнал дарот на молитвата. Верата на оној што ја бара твојата молитва често го спасува и оној што скрушено се моли за него. Не превознесувај се кога молитвата за другите ќе ти биде услишена: верата нивна тоа го направила.
***
Трудејќи се ревносно околу молитвата, биди и милостив.[1] Преку тоа монасите ќе примат стократно тоа што им следува во животот што доаѓа по овој. Огнот на љубовта ја воскреснува молитвата што се вселила во нашето срце. А кога таа ќе воскресне и ќе се вознесе на небото, доаѓа до спуштање на Огнот во одајата на душата.
Свети Јован Лествичник
[1] Биди милостив: Што плачеш за време на молитвата? Ти не си милостив кога ги гледаш солзите на сиромашниот. Како Бог ќе се смилува на тебе? Милостината – тоа се крилја на молитвата: ако на својата молитва не ѝ дадеш крилја, таа нема ни да се издигне во висините; ако ја окрилиш својата молитва, таа ќе се вознесе на небото; како што се гаси огнот во кандилото без масло, така пропаѓа и молитвата што не е пратена со милостина (Схол. 16 all. Col. 1144 CD).