За човековото срце
 
 
 
 
 

За човековото срце (28.05.2015)

 

„Сине, сине, дај ми го срцето свое“ (Изрек. 23, 26)

Бесмртната и разумна душа, која што ни е дарувана од Бог, пребива во срцето, бидејќи срцето е духовен центар на животот и на нашата душа. Светите Отци на Црквата, врз основа на личното духовно искуство, сведочат дека токму срцето, а не разумот, е сад на богопознанието. Од Светото Писмо знаеме дека срцето е садот на нашите желби, волјата, добрите и лошите намери. Согласно желбите и намерите на срцето настанува изборот на животниот пат. Според свети Јован Дамаскин: „Срцето е центар на силите за умножување, хранење, растење и друго“; а свети Василиј Велики во „Шестодневот“ вели: „Срцето е коренот на животот“.

Најновите научни достигнувања даваат докази дека срцето не е само орган на крвотокот туку, пред сѐ, орган на чувствата. А Светото Писмо за човековото срце зборува повеќе и подобро од која било наука, покажувајќи дека тоа е повисоко и подлабоко од органот на чувствата, бидејќи: „Ништо не е подлабоко од човековото срце“, сведочи праведниот Јов. Срцето е најважниот сад на познанието, мислењата и волјата – оживотворување на сите духовни дејствувања. Господ го бара нашето срце: „Сине, сине, дај ми го срцето свое!“ (Изрек. 23, 26), бидејќи ако неговиот центар е во Бог, тогаш во него се и сите останати душевни сили.

Срцето е место на средба на човекот со Бог, пат на познанието на повисокиот свет; срцето има способност да заедничари со Бог, да го препознава дејствувањето Божјо, јавувањето и откровението Божјо – а колку човекот е подуховен, толку оваа способност во него е понагласена.

„Во срцето мое како оган да се разгорел“, вели пророкот (Јерем. 20, 9). Каков оган? Еве што вели свети Ефрем Сирин: „Непристапниот за умот влегува во срцето и пребива во него. Земјата не може да ги издржи стапките Негови, а чистото срце ги носи во себеси“. Го созерцува без очите, според зборовите Христови: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога“.

Светиот Архиепископ Лука пишува: „Срцето се состои од мноштво осетливи, истанчани струни за сѐ добро и вистинито, коишто не се согласуваат со ништо што е зло и неискрено“. Токму поради својата префинетост многуструното срце има способност да општи со Бог во молитвите и откровенијата, бидејќи го слуша тивкиот глас на совеста што му зборува.

Срцето, коешто е корен на животот, ги поттикнува на дејствителност и сите останати душевни сили, бидејќи нему му е дадена власт да управува со животот. Страстите го одвлекуваат срцето на погрешни патишта, и затоа само луѓето што се очистени и ослободени од страстите можат да го направат она што е правилно, според волјата на своето чисто срце. „Најпрво од сѐ што се чува, чувај го срцето свое, бидејќи во него е изворот на животот“, советува премудриот Соломон.

Срцето е и корен на гревот. „Од срцето излегуваат зли помисли...“ (Мат. 15, 19). На огревовеното срце му е тешка мислата за Бог. Срцето рането од гревот не може да Го љуби Бог, бидејќи се плаши од Него. Нему му се помрачени и затворени очите на умот, тоа не го слуша гласот на совеста што јасно му сведочи за Бог, и многу често го доведува човекот до безумие. „Рече безумникот во срцето свое: нема Бог“ (Пс. 13, 1).

Срцето е центар на физичкото и душевното дејствување, и бидејќи ги обединува душевните способности, тоа има спознавачка моќ и дејствителна сила. Срцето е таинствена оска која што во единство го држи духовниот и телесниот состав на човекот. Тоа е длабока бездна што го поврзува човекот со Бог и со ближните. Христијанската љубов извира од срцето, таа се разликува од секоја друга љубов, бидејќи е благодатна.

Преподобен Макариј Велики за ова го рекол следното: „Срцето владее со сѐ, и кога благодатта ќе ги опфати сите пори на срцето и ќе загосподари над сите душевни помисли – тогаш можеме да видиме дали на таблицата на срцето е напишана благодатта на законот на духот“. Во срцето се обликува личноста на човекот, и кога душевниот живот е во хармонија, тогаш срцето настапува како регулатор на силите на доброто и злото.

Во тајните длабочини на срцето е скриена добродетелта или порокот. Духовно опитните луѓе знаат дека при доброто и благодатно настроение на срцето чувствуваат тивка радост, длабок мир, топлина и светлина... кои се умножуваат со творење добри дела и молитвен дух. Наспроти ова, дејствувањето на духот на злобата во срцето раѓа смут и жалост, некакво распалување или студеност, неутешно неспокојство.  

Срцето го прима словото Божјо, го разбира и го чувствува. Самиот Господ вели дека тоа е нива на која што се сее семето на словото. При читањето и слушањето на Светото Писмо токму срцето го добива тоа чувство дека точно тие зборови се однесуваат на нас.  

Срцето не само што го прима дејството на Духот Божји, туку, како центар на нашиот духовен живот, тоа се восовршува и Му се вподобува на Бог. Со срцето се извршува повисока функција на човековиот дух: верата и љубовта. Срцето е центар на љубовта: „Добриот човек од доброто срце свое изнесува добро“ (Лк. 6, 45). Во срцето се раѓаат добродетелите: смирение, кротост, милост, трпение, простување, вера, љубов. Чистото срце е најголемото богатство на човекот, зашто тоа е наша слава во Господа. Токму затоа тоа се јавува како место за пребивање на душата. Затоа се молиме: „Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене“ (Пс. 50, 10). Чистото срце – храм Божји, а духот вистински – Духот Божји во него.

Срцето е непроѕирно, недостапно за сетилата, и не само за туѓите туку и за нашиот поглед, зашто срцето е место, а не центар. Човекот со срцето љуби, верува, се надева. Човековото срце води надворешен живот кога „од преполнетото срце прикажува устата“ (Мт. 12, 34), и внатрешен, „внатрешниот човек на срцето“ (ап. Павле), коешто во себе го соединува природниот и натприродниот свет.

            Прашањето за срцето е прашање на слободата. Слободата на самоопределувањето е подлабока од свеста, зашто законите не делуваат во местото на срцето. Оттука е невозможно да се забрани да се љуби, да се мрази, да се посакува, да не се сака, да се верува, да не се верува. Судбината на човекот, неговите најинтимни одлуки се решаваат во длабочината на битието, во срцето, па и зад срцето, во богатството – коешто е Бог! „Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“. Во ова место човекот е Божја слика.

            Значи, срцето, а не умот – мисли, спознава, заклучува, одлучува. Преподобен Исак Сирин тврди дека „умот е едно од душевните чувства, додека срцето ги опфаќа и во себе ги содржи сите внатрешни чувства“. Срцето поседува способност да се здобие од духовниот свет со свети чувства од повисок поредок и да му ги предаде на умот. Дарот на интуиција што се наоѓа во местото на срцето чувствува и знае многу од тоа што на умот му е несфатливо и необјасниво. Интуицијата е познание на суштината на тварите и битијата, не со умот, туку со срцето.

            Исихастичкиот пат: умот во срцето покажува дека умот не е последната длабочина на битието, туку срцето. Но, умот се шири со срцето, а срцето се просветлува со умот. Љубовта се раѓа во срцето од спознанието на умот на Бог. Кога срцето ќе Го возљуби Бог, тоа се стреми кон Него, и човекот сѐ повеќе и повеќе се здобива со познание на Бог. За познавање на тајните Божји, неопходно е чисто срце, колку што тоа му е можно на создаденото битие, осетливо на Убавината што ја прима. „Длабоко е срцето човеково и кој ќе го испита“ (Пс. 65, 6).

            Срцето има способност да љуби, а љубовта има способност да Го познае Бог, бидејќи „Љубовта е Бог“. Срцето што љуби ја утврдува волјата, го просветлува умот, дарува утеха на тешкиот животен пат, го поттикнува човекот да им прави добро на ближните, пријателите и непријателите. Само љубовта е способна на воодушевувачкиот подвиг на пожртвуваноста. Срцето е престол на кој седи Господ.

            Свети Јован Кронштатски: „...Ти знаеш колку срцето бистро, јасно и далеку гледа, особено предмети од духовниот свет, што е забележливо во секое познание, а особено во духовното, каде што мноштво работи се спознаваат со вера (со ѕеркањето на срцето); а срцето е око на човековото битие, и колку што е тоа почисто, толку подобро, подалеку и појасно гледа. Кај светителите ова духовно око е доведено до таа висина и чистота што светите Божји луѓе гледаат јасно, широко и далеку, ги гледаат нашите духовни потреби.

            Толку за срцето на човекот.

 

                                                                                                                           Архимандрит Јован Крестјанкин