За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (29.05.2015)

„Кога се молите, не говорете многу како незнабошците... оти вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да сте Го помолиле“ (Матеј 6, 7-8).

 

Би требало постојано и непрестајно да ја повторуваме Исусовата молитва. Во нашите срца мора да остане само Исусовото име; кога ќе ја запоставиме својата молитва, односно заедничарењето со Бог, тогаш ѓаволот наоѓа прилика да нѐ збуни со негативни мисли. Така завршуваме не знаејќи што да сакаме, што да правиме или да зборуваме.

 

Душата мора непрестајно да биде подготвена и внимателна. Таа секогаш мора да биде во допир со духовниот настојател, односно со Бог. Само тогаш ќе се чувствува сигурна и ќе биде исполнета со надеж и радост.

Кога бев во војска за време на војната, служев како радио-оператор. Забележав дека единствено се чувствуваме сигурни ако секој час контактираме со воената дивизија. Кога нашата комуникација беше ограничена на секои два часа, чувствувавме одредена несигурност, а тогаш кога со нив можевме да контактираме само двапати дневно, се чувствувавме непријатно, осамено и изгубено. Ова може да се примени и на молитвата. Колку повеќе се молиме, толку ќе се чувствуваме посигурни, секако, на духовна основа.

 

Ако некој се занимава со рачна работа, многу ќе му помогне ако истовремено ја изговара Исусовата молитва. Кога човекот се занимава со работа која бара концентрација, односно ако вози автомобил или ако, на пример, оперира пациенти, тој исто така може да ја изговара Исусовата молитва за Бог да му помогне и да го просветли. Но, тој треба да се моли со срцето, додека умот ќе го восредоточи на работата. Така ќе избегне каква било грешка.

 

Колку повеќе умот се восредоточува на молитвата и се смирува, толку повеќе го озарува благодатта Божја. Но, ако поради нашата надменост тој стане расеан и збунет, тој исто толку станува и вознемирен; така нашиот ум, по природа чист, се исполнува со нечисти помисли.

 

Кога патиме од тесноградие, треба да побараме Божја помош. Ако тогаш не Му се обратиме, кога?

 

За другите луѓе треба да се молиме со покајание и со чувство на болка во душата. Тоа може да се постигне единствено тогаш кога поради своето смиреноумие ќе се сметаме себеси одговорни за сите проблеми во светот.

 

– Зарем вие, отец, можете да ја прифатите одговорноста за развод на некој брачен пар во Атина?

– Еве како можам тоа да го направам. Ќе си речам самиот на себе: кога би бил светител какви што биле светителите од старите времиња, би Го замолил Бог да направи тие повторно да се засакаат и Он би им помогнал, бидејќи ветил дека ќе ги услуши молитвите на светителите. Бидејќи не сум светител, Бог не ме слуша. Значи, крив сум што тоа семејство се распаѓа како и за сето зло на светот. На тој начин, никогаш никого нема да осудувам и за сѐ ќе се обвинувам себеси. Бог тогаш ќе помогне.

 

– Не смееме да се однесуваме како деца и непрестајно од Бог да бараме некои небитни работи. Кога бараме нешто што може да се постигне со обични човечки напори, треба да се потрудиме колку што е возможно самите да ги извршиме. На Бог треба да Му се обратиме единствено тогаш кога како човечки битија не сме во состојба да го постигнеме тоа што го сакаме.

 

Исусовата молитва мора со благодарност да извира од нашето срце; истовремено ќе размислуваме за сите добра кои Бог ни ги дарува.

 

Старец Паисиј Светогорец