Патот кон Бог е молитвата
 
 
 
 
 

Патот кон Бог е молитвата (30.05.2015)

 

 

На сиромавиот му е својствено да проси, а на човекот што осиромашил со падот во грев својствено му е да се моли.

 

Молитвата е обраќање на паднатиот човек и покајник кон Бог. Молитвата е плач на паднатиот човек и покајник пред Бог. Молитвата е излевање на желбите и молбите на срцето, воздивнување пред Бога на паднатиот, од гревот убиен човек.

 

Првото појавување, првиот двиг на покајанието е плачот на срцето. Тоа е молитвениот глас на срцето, што претходи на молитвата на умот. И набргу умот, поттикнат од молитвата на срцето, започнува да раѓа молитвени мисли.

 

Бог е единствениот извор на сите вистински добра. Молитвата е мајка и глава на сите добродетели, средство и состојба на општење на човекот со Бог. Таа ги позајмува добродетелите од Изворот на доброто, Бог, и ги дава на оној човек што се труди со молитвата да пребива во допир со Бог.

 

Патот кон Бог е молитвата. Мерењето на поминатиот пат се различните молитвени состојби во кои постепено влегува оној што правилно и постојано се моли.

 

Научи се правилно да Му се молиш на Бог. Откако ќе научиш правилно да се молиш, моли се постојано – и лесно ќе го наследиш спасението. Спасението доаѓа од Бог во свое време, и го известува во срцето оној што се моли правилно и постојано.

 

За правилната молитва потребно е таа да се произнесува од срце исполнето со сиромашен дух; од срце смирено и скрушено. Сите други состојби на срцето, пред неговата обнова од Светиот Дух, сметај ги – какви заправо и се – несвојствени за грешниот покајник, кој Го моли Бог за простување на своите гревови и за ослободување – како од темница и окови – од заробеноста на страстите.

 

Во Мојсеевиот закон на Израилците било пропишано дека само на едно, од Бог одредено место, му се принесуваат жртви. Исто и духовниот закон на христијаните им одредува само едно духовно место за принесување на сите нивни жртви, а особено на жртвата над жртвите – молитвите. Тоа место е смирението.

 

На Бог не Му се потребни нашите молитви! Он знае и пред нашите молитви што нам ни е потребно; Он, Премилосрдниот, обилно ги излева Своите дарови врз оние што не бараат од Него. Молитвата ни е потребна нам: низ неа човекот Го прима Бог. Без неа на човекот му е туѓ Бог, а колку повеќе се вежба во молитвата, толку повеќе Му се приближува на Бог.

 

Молитвата е причест на животот. Нејзиното напуштање на душата ѝ донесува невидлива смрт.

 

Што е воздухот за телото, тоа е Светиот Дух за животот на душата. Душата со посредство на молитвата дише со тој свет, таинствен воздух.

 

Кога ќе станеш од сонот, твојата прва мисла нека биде за Бог; самиот почеток на твоите мисли, сѐ уште незапечатен со никаков суетен впечаток, принеси Му го на Бог. Кога заминуваш во сон, кога се подготовуваш да се вдлабочиш во тој образец на смртта – последните мисли нека ти бидат за вечноста и за Бог Кој царува во неа.

 

Наместо бисери и дијаманти, наместо злато и сребро, украси се со целомудреност, смиреноумие, солзи на кротост и духовен разум, а пред да ги добиеш тие солзи, солзите на покајанието, украси се со детска, ангелска незлобливост: тоа е драгоцениот накит! Кога ќе го здогледа царот тој накин на душата – Неговиот милостив поглед се свртува кон неа.

 

Молитвата за сите, сите без исклучок на навредите, дури и најтешките – е неизоставен услов за успех во молитвата. „Молитвата на злопамтливите е посев на камен“, рекол преподобен Исаак Сирин.

 

Ништо толку не помага за напредок во молитвата како совеста, задоволена со богоугодни дела.

 

Исполнувањето на евангелските заповеди го расположува срцето за чиста, со умиление исполнета молитва, а вистинската молитва упатува на мислење, чувствување, дејствување според евангелските заповеди.

 

Милосрдието кон ближните и смирението пред нив кои се изразуваат со надворешни дела и се негуваат во душата заедно со чистотата на срцето, првенствено во однос на блудните помисли и чувства, сочинуваат основа и сила на молитвата. Тие – како да се нејзини крила (Пс. 54, 7), со кои таа се вознесува кон небото. Без нив, молитвата не може да се подигне од земјата, т.е. да никне од телесното мудрување: тоа ја задржува слично на мрежа или сила: тоа збунува, осквернува, уништува.

 

Душа на молитвата е вниманието. Како што телото без душата е мртво, така и молитвата без внимание е мртва. Молитвата која се произнесува без внимание, се претвора во празнословие.

 

На вниманието коешто е благодатен дар мора да му претходи сопствен труд во вниманието: последното мора да биде дејствително сведоштво на искрената желба да се добие првото. Сопственото внимание раѓа бура на помисли и мечтаења, се премислува за нив, а благодатното внимание е преисполнето со цврстина.

 

Умот за време на молитвата мора да биде без виденија, и со сета грижливост да се чува од нив, отфрлајќи ги сликите што се исцртуваат во вообразбата: затоа што умот во молитвата стои пред невидливиот Бог, Кој не е возможно да се претстави со никаков материјален приказ. Сликите, ако умот ги дозволи за време на молитвата, стануваат непроѕирна завеса, помеѓу умот и Бог. „Оние што при своите молитви не гледаат ништо, Го гледаат Бог“, рекол преподобен Мелетиј Исповедник.

 

Оној што достигнал непрестајно внимание и умиление во своите молитви, достигнал до состојба на блаженство на оние што во Евангелието се нарекуваат сиромашни по дух и што плачат. Таквиот веќе раскинал многу окови на страстите, веќе замирисал со мирисот на духовната слобода, веќе во своите недра го носи залогот на спасението.

 

Напредокот во молитвата кај подвижникот во почетокот започнува да се јавува како посебно присуство на вниманието: одвреме-навреме тоа неочекувано го опфаќа умот и го заклучува во зборовите на молитвата. Потоа, тоа станува многу попостојано и долготрајно: умот како да се прилепува за зборовите на молитвата, тие го повлекуваат кон соединување со срцето. На крајот, со вниманието одеднаш се соединува умилението, чинејќи го човекот храм на молитвата, храм Божји.

 

Свети Игнатиј Брјанчанинов