За врската на добродетелната тријада на добродетелите
 
 
 
 
 

За врската на добродетелната тријада на добродетелите (02.06.2015)

А сега, после сѐ што е речено, остануваат овие три, врската што сѐ поврзува и држи: верата, надежта и љубовта. А љубовта е најголема од сите (види: 1. Кор. 13, 13), зашто со неа се именува Бог (види: 1. Јн. 4, 16). Според мене, верата е зрак, надежта – светлина, љубовта – сончевиот круг. А сето тоа сочинува еден блесок и еден сјај.

Верата може сѐ да направи, сѐ да твори. Милоста Божја ја оградува надежта и не ја посрамува. А љубовта никогаш не паѓа, не заостанува и не му дава мир на оној што е занесен од нејзиното блажено воодушевување.

Кој сака да зборува за љубовта Божја, се осмелува да зборува за Бог. А да се расправа за Бог е лизгаво и опасно за луѓе што не внимаваат многу. Вистината на љубовта им е позната на ангелите, па и ним – според дејството на озарувањето. „Бог е љубов“ (1. Јн. 4, 16). А кој сака со зборови да објасни што е Бог, прави исто како слеп човек кој седнува на брегот на океанот и сака да ја измери количината песок на неговото дно.

Според својата природа, љубовта е вподобување на Бог, колку што им е достижно на смртниците. Според своето дејство, таа е извор на верата, бездна на долготрпеливоста, море на смирението.

Во вистинската смисла на зборот љубовта е напуштање на какви било непријатни мисли за друг човек, зашто љубовта не мисли зло (1. Кор. 13, 5).

Љубовта, бестрастието и боговосиновувањето меѓусебно се разликуваат единствено според називот. Како што светлината, огнот и пламенот се стекнуваат со едно дејство, така треба да ги замислуваме и овие три добродетели.

Сразмерно со исчезнувањето на љубовта во нас се јавува страв. Зашто човек во кого нема страв – или е исполнет со љубов, или душевно веќе е мртов.

Не е ни најмалку недолично да се спореди копнеењето и стравот, ревноста и преданоста, служењето и љубовта кон Бог со она што обично се гледа кај луѓето. Значи, блажен е човекот што така Го љуби Бог како што занесениот љубовник ја љуби својата љубена. Блажен е оној човек што така се плаши од Бог како што осудениците се плашат од судијата. Блажен е оној човек што станал толку усрден во вистинската преданост кон Бог, како што благоразумните слуги се усрдни кон својот господар. Блажен е човекот кој во вршењето на добродетелите станал ревносен како ревносните мажи, кои заради своите сопруги се лишуваат и од сон. Блажен е човекот кој на молитва стои пред Господ онака како што слугите стојат пред царот. Блажен е оној што непрестајно се подвизува да Му угодува на Господ, како што некои се трудат да им угодуваат на луѓето.

Мајката толку не му е приврзена на своето доенче, како што синот на љубовта Му е насекаде приврзан на Господ.

Кога некој навистина љуби, тој постојано го замислува ликот на љубениот и со уживање го прегрнува во душата своја. Од чезнеењето и во сон нема одмор, туку и тогаш срцето негово разговара со оној по кого што копнее. Така е обично во телесната, но така е и во бестелесната љубов. Некој, ранет од таа љубов, за самиот себе рекол (за мене тоа отсекогаш било едно чудо): „Јас спијам по природната нужност, но срцето мое бдее од великата љубов моја“ (Песна 5, 2).

Запази, о душо полна со вера: кога еленот ќе истреби отровница, така и душата жеднее и гине за Господа, зафатена од огнот на љубовта како маѓепсана.

Дејството на гладот е некако нејасно и неодредено. Додека, пак, дејството на жедта е одредено и јасно, зашто секој може да ја почувствува според внатрешниот жар. Затоа богокопнежливиот поет вели: „Жеднее душата моја за Бог, Бог силниот, живиот!“ (Пс. 41, 2).

Ако присуствота на љубената личост забележливо нѐ менува и нѐ прави ведри, радосни и весели, каква ли, пак, промена ќе предизвика присуството на Господ Христос, кога Он невидливо ќе дојде во посета на чистата душа?!

Стравот Божји, кога ќе се почувствува во длабочината на душата, обично ја истерува и проголтува нејзината нечистотија. Од страв пред Тебе трепери телото мое!“ (Пс. 118, 120). А светата љубов – некои души ги проголтува, според оној што рекол: „Ми го плени срцето, ми го плени“ (Песна 4, 9), а други ги прави озарени и радосни, на коишто се однесуваат зборовите: „Се надеваше срцето мое во Него, и Он ми помогна, и расцути телото мое“ (Пс. 27, 7).

Кога срцето е весело, и лицето на човекот блеска. Кога сиот човек така е обземен од љубовта Божја, тогаш и надворешно, на телото негово, како на некое огледало, се забележува сјајот на неговата душа. Така се прославил Мојсеј, боговидецот (види: 2. Мој. 34, 28-35). Тие што достигнале таков рамноангелски степен често забораваат на телесната храна, а мислам дека најчесто не ни чувствуваат потреба за неа. Не е ни чудно: зашто и луѓето што ги мачи телесен копнеж, често одбиваат да јадат. Сметам дека ниту телото на овие бесмртници повеќе не е подложно на болести (спротивно на сите природни закони). Зашто телото нивно е очистено, и на извесен начин, со дејството на пламената чистота што во нив го пресекол пламенот на страстите, е направено нераспадливо. Дури мислам дека и тоа што го јадат, го јадат без каква било наслада. Бидејќи како што подземната вода го напојува коренот на билките, така и небесниот оган ја храни душата на овие свети луѓе.

Со растењето на стравот Божји во човекот се јавува и љубов. А врв на чистотата е основен услов за познавање на Бог. Кој своите чувства совршено ги соединил со Бог, Самиот Бог на таинствен начин го воведува во вистината Своја, зашто додека не дојде до целосно соединување на сите наши чувства со Бог, тешко е да се зборува за Бог. Словото Божјо, соединувајќи се со човекот, ја усовршува чистотата, со доаѓањето свое ја умртвува смртта. А кога смртта ќе биде умртвена, ученикот на вистинското богословие станува озарен од Бог. Словото Господово, словото што доаѓа од Господ, чистото слово Негово, пребива во вековите на вековите. Кој не Го познал Бог, за Него зборува со претпоставки. Чистотата, пак, го прави својот ученик богослов, кој самиот себе се утврдил во догматите за Пресвета Троица.

Кој Го љуби Господ, најпрво го возљубил својот брат. Второто е доказ за првото. Кој го љуби ближниот, никогаш не поднесува луѓе што се занимаваат со оговарање. Уште повеќе, бега од нив како од оган. Кој вели дека Го љуби Господа, а на братот свој се лути, личи на човек што сонува дека трча.

Моќта на љубовта е во надежта. Со надеж ја очекуваме наградата за љубов. Надежта е збогатување со невидливо богатство; надежта е сигурна ризница пред ризницата. Таа е одмор од маките, таа – капија на љубовта, таа го убива очајанието, таа е слика на идните добра. Недостаток на надеж – исчезнување на љубовта. Со неа се врзани нашите маки, на неа се градат нашите подвизи. Нејзе милоста Божја ја опкружува. Монахот исполнет со надеж ја употребува надежта како нож со кој го убива унинието. Надежта раѓа искуство на даровите Господови. Зашто кој не ги почувствувал даровите Божји, не може а да не се сомнева. Надежта го победува гневот: „таа нема да се посрами“ (Рим. 5, 5). А гневливиот човек не е пристоен.

Љубовта е дародавец на пророштва. Љубовта е извор на чудеса. Љубовта е бездна на озарувањето. Љубовта е извор на благодатниот оган: колку повеќе пламти, толку повеќе ја распалува жедта на жедниот. Љубовта е живот на ангелите. Љубовта е вечно напредување.

 

Свети Јован Лествичник