„Дури и да не можеме да стигнеме во ветената земја, подобро е коските да ги оставиме во пустината, отколку да се вратиме во Египет“ (05.06.2015)
1. Еднаш, некој се покајал после гревот и се повлекол во тишина. Меѓутоа, се случило да се удри од камен, ја повредил ногата и искрварил од раната, веднаш потоа ја испуштил душата. Дошле демоните, сакајќи да му ја земат душата, но ангелите им рекле: „Погледнете ги каменот и крвта што ја пролеа за Господа“. И, според зборовите на ангелите, душата му била ослободена.
2. На еден брат, кој паднал во грев, му се појавил сатаната и му рекол: „Ти не си христијанин“. Братот му одговорил: „Кој и да сум, во секој случај сум подобар од тебе“. Сатаната повторно му рекол: „Ти велам, ќе отидеш на мачење“. А братот му одговорил: „Ти не си мој судија, ниту мој Бог“. На тој начин ѓаволот си заминал со незавршена работа, а братот искрено се покајал пред Бог и станал искусен.
3. Со еден брат завладеала тагата. И тој прашал некој Старец: „Што да правам? Помислите ми зборуваат дека залудно сум се одрекол (од светот) и дека нема да можам да се спасам“. А Старецот му одговорил: „Дури и да не можеме да стигнеме во Ветената земја, подобро е коските да ги оставиме во пустината, отколку да се вратиме во Египет“.
4. Еден друг брат го прашал истиот Старец: „Што мисли пророкот кога вели: Нема спас за него во Бога“ (Пс. 3, 2). Старецот му одговорил: „Тој мисли на помислите на очајание што ги сеат демоните кај оној што згрешил, говорејќи му: ‘За тебе повеќе нема спасение кај Бог’, и обидувајќи се да го турнат во очајание. Тој треба да се бори со нив говорејќи: „Господ... е засолниште мое. Он ги вади од стапица нозете мои“ (Пс. 17, 3; 24, 15).
5. Некој од отците кажувал дека во Солун постоело место каде што се подвизувале девици. Една од нив, под влијание на општиот непријател, заминала од манастирот и паднала во блуд, останувајќи во страста долго време. Некое време, со помош на човекољубивиот Бог, таа се покајала и се вратила во општожитието. И кога стигнала пред дверите, паднала мртва.
Нејзината смрт му била откриена на еден светител, кој ги видел светите ангели што дошле по нејзината душа и демоните што ги следеле. Во разговорот што се случил меѓу нив, ангелите тврделе дека таа се покајала, а демоните им одговориле: „Толку време таа беше наша робинка и нам ни припаѓа. Меѓу другото, не ни стигнала да влезе во општожитието. Како тогаш тврдите дека се покајала“.
Ангелите им рекле: „Од моментот кога ја видел нејзината подготвеност да се врати, Бог го примил нејзиното покајание. Во нејзина власт беше да се покае, што и го прифатила како своја цел, додека нејзиниот живот беше во власт на Господ на сите“. Од тие зборови демоните се посрамиле и си заминале. А оној што го видел откровението, им го раскажал на присутните.
6. Ава Алониј рекол дека човекот ако сака, од утрото до вечерта може да достигне божествена мера.
Од свети Амфилохиј
Ако си се одрекол од светот и си се предал себеси на Бог за да живееш во покајание, немој да им дозволиш на помислите да те направат тажен поради претходните гревови, кои, наводно, се непростливи. Немој ниту да ги занемаруваш Божјите заповеди, инаку ниту претходните гревови нема да ти ги прости. Биди трезвеноумен, брате, пред духот што донесува тага во човекот, обидувајќи се да те зароби на повеќе начини, сѐ додека не те направи немоќен.
Зашто, ако е по Бог, тагата претставува радост, имајќи предвид дека гледаш да се управуваш според Божјата волја. А помислата што ти говори: „Каде ќе побегнеш? За тебе нема покајание“, доаѓа од непријателот со намера да го наведе човекот да се откаже од воздржувањето. Напротив, тагата по Бог не го напаѓа човекот, туку му говори: „Немој да се плашиш. Обиди се повторно“. Таа, всушност, знае дека човекот е слаб и го крепи.
Сочувај се од помислите со разумност и ќе видиш дека слабеат. Оној, пак, што се плаши од нив, тие, со својата тежина, го прават неподвижен. Силата на оние што сакаат да стекнат добродетел е да не бидат малодушни кога ќе паднат, туку повторно да се погрижат. Божјата благост со радост го прифаќа човекот што ги оставил своите гревови, не земајќи ги предвид неговите претходни согрешенија, како што кажува Светото Писмо за блудниот син. Тој ја оставил храната за свињите, т.е. своите телесни желби, и смирено се вратил при својот татко. Затоа и таткото го прифатил, наредувајќи веднаш да го облечат во облека на невиност, дарувајќи му и прстен на восиновувањето, кој го врачува Светиот Дух. Зашто нашиот Господ е милостив и сака човекот да се преобрати, како што рекол: „Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник кој се кае (Лк. 15, 7).
Кога човекот ќе се обрати кон Бог, оставајќи ги своите гревови, покајанието во истиот момент го препородува и како на доенче му дава млеко од своите свети гради, грижејќи се за него како грижлива мајка. Мајката непрекинато го штити доенчето од секое зло сѐ додека се наоѓа во нејзините прегратки. Штом заплаче, таа веднаш му ги нуди своите гради. Понекогаш нежно го удира за да го научи со страв да го цица нејзиното млеко и да не биде непослушно. Меѓутоа, ако плаче, таа го сожалува, бидејќи излегло од нејзината утроба. Таа го смирува, го бакнува и го милува додека не ги прифати нејзините гради.
Ако му се покаже злато, или сребро, или бисери, или која било друга вредност од овој свет, доенчето, секако, ќе ги набљудува. Но, наоѓајќи се во мајчината прегратка, тоа сѐ ќе превиди за да цица од нејзините гради. Нему ниту таткото не му се лути затоа што не работи или затоа што не оди во војна против непријателите, знаејќи дека е мало и дека не може. Тоа има нозе, но не може да се потпре на нив; има раце, но во нив не може да држи оружје. Неговите родители трпеливо чекаат да порасне.
Кога доенчето ќе порасне и ќе стане мало дете, па ќе почне да се тепа со некои деца, тогаш неговиот татко нема да се налути ако го истепаат, зашто знае дека сѐ уште е дете. Меѓутоа, кога ќе стане маж, неговата подготвеност ќе се пројави доколку има непријателство кон непријателите на својот татко. Тогаш таткото му го предава целиот свој имот, зашто е негов син.
Но, ако после големиот труд, кој во него го вложиле неговите родители, тој стане злосторник кога ќе порасне, па ги замрази своите родители, откажувајќи послушност кон нивното благородство и станувајќи им пријател на нивните непријатели, тие ќе престанат да го сожалуваат, ќе го исфрлат од куќата и нема да му го дадат наследството.
И ние, браќа, да се погрижиме да останеме под покривот на покајанието. Да цицаме млеко од неговите свети гради за да нѐ храни. Да истраеме под неговото бреме додека нѐ воспитува, за да се препородиме одозгора согласно Божјата волја, растејќи во човек совршен, според мерата на растот од Христовата полнота.
Од ава Исиаја