Непрестајно да го наслушуваме своето срце (06.06.2015)
Несомнено ѓаволот е присутен во срцата на голем број луѓе во вид срдечна тромост, раслабеност и мрзливост за секое добро и корисно дело, особено за дело на верата и благочестието кои бараат внимание на срцето и трезвеност, воопшто за духовен труд. Така, тој за време на молитвата го повредува срцето со тромост, а умот со тапост; така го погодува срцето со студеност и срдечна пасивност кога треба да прави добро, на пример, кога треба да сострадува со страдалниот, да му помогне на оној што е во неволја, да го утеши нажалениот, да го научи оној што не знае, да му го покаже патот на вистината на заблудениот и порочниот. Треба непрестајно да го наслушуваме своето срце, да ја изгонуваме од него маглата на мрзливоста и скаменетата неосетливост, да внимаваме тоа постојано да гори со вера и љубов и кон Бог и кон ближниот, и да биде подготвено на сите напори и самопожртвуваност заради славата Божја и заради спасението на ближниот. Во усрдноста да не сте мрзливи; духот да ви биде пламенен; служете Му на Господа (Рим. 12, 11). Ѓаволот, исто така, е присутен во нашите срца и во вид необично силна раздразнетост; ние понекогаш толку боледуваме од самољубие што не трпиме ни најмало противречење, материјална или духовна препрека, не сакаме да претрпиме ниеден остар, груб збор. Но треба да трпиме токму тогаш кога водите на злобата и нетрпението се допираат до нашата душа. Со трпение спасувајте си ги душите (Лука 21, 19).
Не сум ли Јас сѐ за тебе, црву Мој, со ликот Мој украсен? А кон што се прилепуваш ти? Во што се надеваш? Не Ме оставај Мене, Изворот на жива вода (животот), Јас сум – Самиот Живот. Животот наш – Господ, е еден и единствен. Ако Го има во срцето, тоа е доволно. Само Он ќе го одржи животот наш. Затоа и е речено: Не само од леб ќе живее човекот, а од секој збор што излегува од устата на Бога (Матеј 4, 4).
Ако не си мрзлив во усрдната молитва за другите, по нивна молба или сам или заедно со нив, ќе добиеш милост од Бог – благодат Божја во срцето, која ќе ти причинува задоволство и ќе те укрепува во верата и љубовта кон Бог и кон ближните. Ова се вистински зборови, засновани на опит. Ние, вообичаено, не толку волно туку повеќе принудно, или по навика, се молиме за другите, без целосно учество на срцето; треба да се принудуваме себеси да се молиме од сето срце, со голема вера, и голема смелост, за да ја добиме великата и богата милост од милостивиот и кон доброчинства неизмерно наклонет Бог. Но, да се молиме со вера и никако да не се сомневаме; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура (Јаков 1, 6). На Господ, Кој ни е заеднички Отец, мило Му е кога усрдно, со вера и љубов се молиме едни за други, оти Он е Љубов, подготвена да дарува милост на сите поради заемната љубов. Светиот Дух рече: Молете се еден за друг, за да се исцелите (Јаков 5, 16). Гледаш ли колку е угодна на Бог и колку е делотворна молитвата едни за други.
Свети Јован Кронштадски