ФИЛОСОФИЈА НА ПРОГРЕСОТ
 
 
 
 
 

ФИЛОСОФИЈА НА ПРОГРЕСОТ (10.06.2015)

Постои некоја космичка завера против нашата планета, зашто никаде во вселената не се умира освен на земјата. Остров на смртта, единствениот остров на кој се умира, ете тоа е мрачната ѕвезда наша. А над неа, околу неа и под неа кружат милијарди ѕвезди, на кои нема смрт, на кои не се умира. Бездната на смртта од сите страни ја опколува планетата наша. Кој е тој пат што тргнува од земјата, а не се струполува во бездната на смртта? Кое е тоа битие што може да ѝ избега на смртта на земјата? Сите умираат, сѐ умира на овој морничав остров на смртта. Нема потажна судбина од земјината, нема поочајна трагедија од човековата. Зошто му се дава живот на човекот, кога отсекаде е опколен со смрт? Замките на смртта насекаде се распослани; на патиштата човекови е поставен мрак. Како огромен и чудовишен лигав пајак, смртта исплела густи мрежи околу исчадените ѕвезди наши, и во нив ги фаќа луѓето како беспомошни муви. Од сите страни крвожедни стравови вијат во човекот и тој нема каде, зашто смртта отсекаде го затворила. Зошто му се дава свест на човекот, кога таа насекаде и во сѐ наидува на смрт? Зошто му се дава чувствување на човекот; дали за да почувствува како гробот му е – татко, а црвите – браќа. Преку напатениот Јов секој од нас му довикува на гробот: ти си татко мој, а на црвите: вие сте мајка моја. Свеста е тажен и страшен дар за човекот, но многу потажен и многу пострашен дар е – чувствувањето. А сетилата? Зошто му се дадени сетилата на човекот: дали за да му бидат пипки, со чија што помош на секој чекор во историјата на родот човечки ќе ја напипува смртта? Испратете ја мислата своја по овој остров на смртта за да ви пронајде смисла на човековото постоење, и таа ќе ви се врати очајна и тажна, целата посипана со ладната пепел на смртта; испратете го чувствувањето свое и тоа ќе ви се врати изрането и изгрувано по непреодните долини на смртта; дајте едно сетило свое до крајот на кое било битие во историјата, и тоа како крај негов, како завршеток негов несомнено ќе напипа смрт.

Господа, смртта е најочигледната, најуниверзалната стварност во светот. Всушност, последната, завршната стварност на човековиот живот на земјата е смртта. Кажете, зарем смртта не е последната стварност – и моја и ваша? Сите сме заразени со смртта, сите без исклучок; бацилите на смртта навлегле во сите ткива на битието наше; секој од нас во себе носи илјада смрти. Нашата планета постојано е опустошувана од хроничната епидемија на смртта; нема медицина што може да нѐ спаси од оваа епидемија; нема карантин каде што луѓето може да се очистат од микробите на смртта. Што е човековиот живот на земјата ако не: постојано грчевито отимање од смртта, борба со смртта, и најпосле – пораз од смртта? Зашто ние во медицината, во науката, во филисофијата не ја победуваме само смртта, туку и нејзините претечи: болести и слабости. И тоа делумно и привремено ги победуваме. Што се триумфите на науката, философијата, техниката пред страшниот факт на сеопшта смртност на сѐ човечко? Ништо освен џагор на збунети и преплашени деца. Ако во световите има трагедија, тогаш централата нејзина е човекот. Трагично е да се биде човек, о! неспоредливо потрагично од тоа да се биде тигар или овца, змија или птица, полжав или комарец. Без разлика колку човекот се напрега за да ја надмине трагедијата на човечкиот живот, тој мора и да чувствува и да осознава дека постојано останува затвореник во неотворливата зандана на смртта, зандана што нема ниту прозорец ниту врата. Раѓајќи се на светот, од првиот момент човекот е кандидат за смрт; и не само тоа, туку штом се роди – веќе е осуден на смрт. Утробата што нѐ раѓа не е ништо друго освен родена сестра на гробот. Излегувајќи од мајчината утроба, човекот веќе стапнува на патот што води во гроб. Без разлика по кој пат оди на овој остров на смртта, на крај, човекот мора да слегне во – гроб. Секој човек е залак, кој, на крајот на краиштата, е проголтан од ненаситната смрт, „всејадица смерт“. Што ни останува, о бедни заробеници на смртта? Единствено: побуна на горко насмевнување и грч на немоќно срце.

Господа, на долгиот и страшен пат низ историјата во човекот толку се наталожувале и насобирале смрти што смртта станала единствената категорија во која се движи и одвива сиот живот човечки, во која тој настанува, останува, па можеби и престанува. Низ историјата, во човекот се родило едно убедување: ако во овој свет има нешто неопходно, тогаш тоа е смртта. Тоа убедување станало ноќна мора на секоја епоха. Морничавата реалност на смртта го принудила човештвото да го преформулира тоа убедување во догма: смртта е неопходност. Таа немила догма била предавана во наследство од татко на син, од човек на човек, од поколение на поколение. Ако човек без предрасуди се загледа во историјата на овој чуден свет, мора да се признае дека овој свет е – огромна воденица на смртта што непрестајно меле поворки луѓе, од првиот човек, па сѐ до последниот. И мене ме меле, и тебе те меле, пријателе, и сите нѐ меле, сѐ додека еден ден или една ноќ не нѐ сомеле. Кажете, може ли човек да биде спокоен и без бунт да го прими овој свет, кога во оваа воденица на смртта е приклештен помеѓу два воденични камења, кои ќе го мелат сѐ додека не го сомелат? Може ли мувата да биде спокојна во пајаковата пајажина, и глушецот во стапицата? Од ужас – човекот чувствува дека овој живот е некое страшно привидение и мрачно заробеништво. (...) А вселената? Нели е тоа огромна, огромна, херметички затворена гробница, по која луѓето како очајни кртови непрестајно ријат, и никако да ја изријат?

Целата историја на родот човечки е само заглушувачка афирмација на смртта. Сите нејзини бури и невремиња, затишја и подвизи, сите нејзини творци и борци сведочат едно, само едно: смртта е неопходност; секој човек е неизоставно и неминовно смртен. Тоа е финалето на секое човечко битие, тоа е тестаментот што зад себе неизоставно го остава секој жител на нашата планета. Предците наши го оставиле тој тестамент секому од нас. Во него стојат само овие три збора: смртта е неопходност. – Кажете, господа, може ли човек со таков тестамент да биде спокоен и среќен во оваа воденица на смртта? Дали е можен, дали е логичен, дали е оправдан, дали е потребен прогрес во еден свет во кој смртта е – најнеодоливата неопходност? А тоа прашање значи: има ли смисла ваквиот свет, ваквиот живот, ваквиот човек? Прашањето за прогресот е прашање за смислата на животот. Ако во воденицата на смртта е можна смисла на животот, можен е и прогрес. Одговорот, пак, на тоа прашање е можен единствено преку одговорот на прашањето за смртта. Со решавањето на проблемот на смртта, всушност, се решава централниот проблем. Посредно и непосредно, сите проблеми во крајна линија се сведуваат на проблемот на смртта. Кој ќе го реши проблемот на смртта, ги решил главните проблеми на човековата свест и совест. На овој проблем се пробуваат сите богови и сите луѓе. Ако некој го реши овој проблем, тогаш тоа е вистинскиот Бог, и нема други богови, и – не ни требаат.

Соочете го проблемот на смртта со современата позитивистичка наука. За да го реши проблемот на животот и смртта, науката ги мобилизирала сите свои сили, но сите нејзини напори се слеваат во еден заклучок: во светот владеат природни закони што се неопходни и неизменливи; и смртта е природен закон, затоа е неопходен и неизменлив; во ваков свет и ваков човек: смртта е неопходност. – Еве, својот одговор на страшниот проблем на смртта науката го обвива во таинствен збор: неопходност. Но, со тоа таа не го решава проблемот, туку само го констатира и афирмира. Со ваков одговор науката го потврдува фактот дека смртта е неопходност. Но, господа, токму тој факт е најголемото проклетство за родот човечки. Јас морам да извлечам консеквенци од овој догмат на современата наука: ако смртта е неопходност, тогаш човечкиот живот нема смисла: неопходноста останува неопходност: човештвото е осудено на перманентен status quo ante, односно осудено на перманентна смрт, бидејќи смртта е неопходност за сите луѓе. Неодамна, познатиот астроном Џемс Џинс, професор на универзитетот Кембриџ, изјави: „Веруваме дека вселената не е постојан, непроменлив склоп. Таа живее свој живот, патува, како и сите ние, на пат што води од раѓање до смрт. Зашто науката не знае за друга промена освен за промената што се состои во стареење, и за друг напредок освен за напредокот кон гробот. Во светлината на нашето сегашно знаење принудени сме да веруваме дека целата материјална вселена е само еден пример за ова, иако на огромна скала[1].

Бидејќи смртта е единствениот природен завршеток на човекот, па и на самата вселена, тогаш вистински прогрес во основа е невозможен; не само невозможен, туку и непотребен. Бидејќи што ќе ми е прогрес кога се состои во тоа свечено да ме испратат од колевката до гробот? Тоа е како кога ќе те осудат на смрт, па џелатот го премачкува мечот со мед, за да ти биде послатко кога со него ќе ти ја отсече главата... Што ќе ми е прогрес, што живот, зошто сиот труд, и работа, и должност, и љубов, и омраза, и култура, и цивилизација, кога сиот умирам без остаток? Сето тоа пред коешто луѓето се поклонуваат: прогрес, култура, цивилизација, работа, должност, морал, татковина, семејство – сѐ се тоа вампири што крвта ми ја цицаат, цицаат, цицаат... Проклети да се!

Господа, мора да се биде искрен: ако смртта е неопходност, тогаш овој живот е – најподбивниот дар, најодвратен потсмев, и главно: ужас, неиздржлив ужас... За науката неопходноста на смртта е неотстаплива и непобедлива; тоа значи: науката не може ниту да пронајде ниту да му даде смисла на животот. Пред проблемот на смртта издивнува и самата наука. Многумина зборуваат: науката е сила, науката е моќ. Но, кажете: зарем е сила онаа што е – бессилна пред смртта, во самата суштина сила? Зарем е моќ онаа што е немоќна пред смртта, во самата суштина моќ? Нема сили освен онаа што ја победува смртта. Велат: науката е човекољубива. Но какво ми е тоа човекољубие кога таа го остава човекот во смрт? Кога е немоќна да го одбрани од смртта? Човекољубие е: да се победи смртта. И нема друго.

 

Преподобен Јустин Ќелиски

 



[1] The Stars in their Courses, Cambridge, 1931.