Писма
 
 
 
 
 

Писма (12.06.2015)

 

Драги во Христос, возљубени во Господ, отец Борис и матушка Наташа.

            На денот на сеќавањето на вашиот драг Серјожик[1] јас со душата сум со вас.

            Блаженото дете, кое за краткото време на својот живот „наполни лета многу“. Го зеде Господ, „за злото (на нашиот свет) да не го измени“.

            Сакам не да сочувствувам со вас во болктата, туку да се радувам со вас. Јас не го познавав, но неговото писмо до Владиката[2] ме воодушеви со својата зрелост и со духот на благодатта. Не го познавав, но неговата кратка биографија што ја напишала Осоргина ми овозможи да си создадам слика за тоа прекрасно дете. „Не зборувај со тага – нема го, туку со радост – тој беше“.

            Вие можеби ќе се навредите, но јас најискрено мислам дека да се копнее за него – е грев пред Бог и болно е за него. Заради него можеби и треба да се радува и благодари на Бог.

            Наместо желби: нека ја упокои Господ душата негова; со увереност зборува душата дека тој го достигнал тоа светло Царство кое, да даде Бог, сите да го добиеме по милоста Божја.

            Со голема љубов во Христос, ваш недостоен брат

јеромонах Софрониј

 

 

31 јануари 1948 година

Драга матушка Наташа,

мирот Христов да биде со вас.

Сакам да Ви кажам неколку збора, истите што сакав и во минатото писмо, но кога му приоѓаш на едно мајчинско срце, тогаш, секако, се трудиш да бидеш што е можно повнимателен.

            Замислете, Вашето писмо ме увери дека во првото писмо бев во право, но во поглед на оние мисли што ги имав, а не во поглед на оние што испаднаа во него и покрај моите желби да помогнам и само да помогнам, а не да му причинам мака на Вашето срце.

            Сега, кога го добив вашето писмо, неговата содржина ми дава одредена можност да бидам подиректен во своето обраќање.

            Гледам дека сум останал несфатен и дека Вие сте заклучиле наопаку.

            Се работи за тоа дека ако и воопшто пишував за децата, тогаш делумно зашто понекогаш и заради дечињата може да страда Вашето срце. Тагувате и се вознемирувате заради нив, а тоа сега, сепак, може да го замори Вашето срце. Но мојата главна мисла не беше за нив, туку за Серјожик. Немав храброст да зборувам за она што му е најмило на Вашето срце, но токму во природата на Вашето сеќавање за него постои неправилност што се одразува на целата Ваша душевна состојба. Се осудувам да мислам дека јас, како монах, ја познавам борбата на помислите на срцето малку подобро од другите. И мене, ете, ми се чини дека кога во Вашето сеќавање на Серјожик би имало само радост за неговото спасение и полза во смисла на навистина поучен пример за сите, тогаш сѐ би било богоугодно и корисно за Вас.

            Ќе прашате: што е лошо во моето сеќавање на Серјожик? Нема ништо лошо, но постои грешка, исто како кога луѓето понекогаш неправилно Му се молат на Бог. Освен тоа, наместо полза, понекогаш испаѓа болест. Вашата грешка е во тоа што во своето сеќавање за детето внесувате одредено вообразување; го замислувате како возрасен итн. Што би правел. Каков би бил сега.

            Второ, мислите дека ако не тагувате, Вашата љубов како да поминува, како да оладувате. Но токму во тоа е Вашата грешка. Не смее во себе да се поддржува таа тага, не смее да се негува. Можеби, после толку години тага за детето Ви е многу тешко да ме разберете и посебно тоа го спроведете во живот.

            Нека Господ Ви даде разум и сила за во животот да го остварите тоа за што тука станува збор.

            Дајте му го Серјожик на Бог со радост. Кажете Му на Бог: „...Мојата утроба послужи за раѓање на детето, но тој е Твој и јас верувам дека Ти го љубиш повеќе од мене, а мене помогни ми да се сеќавам на него и да се молам само така како што Тебе Ти е угодно“:

            Ако Ви нанесов болка, простете, но многу ќе се радувам ако ги послушате моите зборови што Ви ги кажувам според Бог.

            Направете како што Ве молам. Молете Го Бог да Ви помогне, и ќе го видите благословот Божји на себе.

            Со љубов во Христос, Вашиот брат

јеромонах Софрониј.

 



[1] Најстариот син на о. Борис и матушка Наталија кој умрел кога имал 10 години, на 19 фебруари 1940 година.

[2] Се мисли на Митрополитот Евлогиј, Патријаршиски егзарх во Западна Европа (се упокоил во 1946 г.), духовник на о. Борис и неговата сопруга.