КАКО ДА СЕ СТАНЕ ЛИЧНОСТ И КАКО ДА СЕ ЖИВЕЕ КАКО ЛИЧНОСЕН ДУХ (Втор дел)
 
 
 
 
 

КАКО ДА СЕ СТАНЕ ЛИЧНОСТ И КАКО ДА СЕ ЖИВЕЕ КАКО ЛИЧНОСЕН ДУХ (Втор дел) (08.07.2015)

Прашање: Како преподобен Серафим и преподобен Силуан ја доживувале состојбата „држи го твојот ум во адот и не очајувај?“

Отец Софрониј: Еве, допревте едно од највисоките прашања во нашата православна аскетска култура. Пред јавувањето на Господ, Силуан поминал еден саат одвоен од Бог. Бог го напуштил. Со страшни зборови ја опишува таа состојба: „И ми беше јасно дека одам во вечна погибел“. Таа одвоеност од Бог претставувала краен напор: тоа билo, како што кажуваме на грчки, „кенозис“, а на руски „истоштение“ (самоиспразнување). И кога по тој напор му се јавил Господ, не му рекол ниту еден збор. Но, подоцна, кога Господ му рекол: „Држи го умот твој во адот“, Неговиот збор се однесувал на тој страшен миг што му претходел на видението на Христос. И Силуан го добил одговорот на својот опит на вечниот ад како откровение на вечното спасение што му го дарува Бог. Секогаш кога очајуваме, всушност, ние правиме грев против Очевата љубов. И кога толку длабоко би го доживувале секој грев што нѐ одвојува од Отецот, тогаш ќе ридаме за целото човештво. И тоа ќе нѐ приближи кон Христос Кој умира на Голгота. После таквата смрт следи воскресение.

            Така, читајќи го Силуан, мораме да разбереме зошто Господ му зборува: „Држи го умот твој во адот и не очајувај“.

            Зошто Господ така прави, и зошто тоа е највисокиот степен и највисокиот облик на целата аскетска култура? Зашто првородениот грев, кој нѐ одвојува од единството со Бог, нѐ потопил во страсти, и луѓето почнале да живеат со страстите. А кога човек пребива во адот, тогаш ниедна страст не дејствува во него: ниту гордост, ниту суета, ниту властољубие, ниту среброљубие, ниту телесен живот – ништо. Пред човекот е чист апсолутен мрак, кој влева страшно очајание. И Господ му кажува: „Држи го умот твој во адот, кој го позна, но не очајувај“, зашто во тој миг човек живее надвор од гревот и страстите. И ако така живее, тој Му отстапува место на Бог да дојде и да пребива во него. Господ му го дал тој опит на блажениот Силуан кога тој ја преживувал вечната одвоеност од Бог, вечната пропаст.

            Бог е оган, и на тој оган може да му се приближи само со огромно смирение. Затоа, бидете внимателни со тој оган. За нас, состојбата што му била дадена на Силуан е сѐ уште далеку од стварноста. Од страдањето што Силуан го преживеал, се родила состојбата во која го живеел животот на целиот Адам. И тоа не било човечко философска, туку духовна состојба. Како можеме да го држиме умот во адот, слично на состојбата во која што бил Силуан? Тоа можеме да го познаеме во границите на нашиот опит, кога нѐ напаѓа унинието. Отците востановиле нешто како општо правило кога станува збор за унинието – самоосудување: за сѐ да се осудуваме себеси. Тоа е состојба што е пониска од онаа за која читаме во житието на Силуан. Но тоа е царскиот пат што ни го оставиле Отците. Значи, кога се случува нешто лошо, човек кажува: „Јас сум виновен – кога би немал лоши мисли и кога би бил исполнет со љубовта Христова, тоа не би се случило“. И човек тагува, жали за себе, и така постепено расте во љубовта кон Бог. Но љубовта на таа висина, за која читаме во житието на Силуан – тоа е ретка појава во црковната историја.

            Еве, ние зборуваме за послушанието – едноставно, мало дело; а тој го доживува послушанието на совршено поинаков начин. И замислете, кога во животот се сретнува со гревот во луѓето, тој од молитвата за нив преминува на целиот Адам, и со солзи се моли да се исцели и да се спаси целиот Адам. Философски можеме само донекаде да го поврземе тој премин, но како духовна состојба, тоа се доживува со опитот за кој пишува самиот Силуан, кога за оние што не Го имаат познаено Бог ридал повеќе отколку за самиот себе. Со умот лесно можеме да погодиме за што станува збор, но да се пребива во таа состојба речиси половина век – тоа е неверојатна појава. И таа состојба го приближува човекот кон Христос, Кој се искачил на Голгота не за одреден народ, да речеме, за Евреите или Грците, туку за целиот Адам. И токму таа состојба е својствена за Христос како Бог. Во таа состојба човек почнува да разбира што значи да се биде личност. Ако Бог се открил како личност, тогаш во тој опит можеме да ја сфатиме личноста. Се разбира, имам предвид личност како идеален образ и подобие Божјо. Не е доволно да се зборува за личноста со човечки термини. Кога човек станува личност по образот на овоплотениот Логос на Отецот, тоа е веќе обожение.

            Значи, гледате, ние толку често зборуваме за личност. Почеток на опитот на личноста е молитвата за целиот свет со длабок плач, молитва што може да се нарече гетсиманска молитва. Тогаш човек разбира што е тоа личност. Така, гледате, од телесен облик, од грст земја, ние гледаме човечки дух кој во љубовта ја опфаќа сета твар и кој во себе Го носи Бог. Еве ја состојбата на идниот век!

            Многумина го засакале Силуан, но тој има еден израз: „Јас се молам за целиот свет, за целото човештво, но ќе бидам задоволен ако барем еден човек ме послуша и принесе покајание“. И еден студент од богословскиот факултет во Атина рекол: „Зошто Силуан кажува: барем еден човек? Можеби сѐ уште нема таков човек?“ Ете, тој студент имал интуиција колку е крајно голем напорот на таа аскетска култура. Таа култура во човекот го гледа одразот на Божествената Личност и во нас го остварува образот и подобието Божјо во највисокиот облик.

            Со почит да ги носиме во себе зборовите на Старец Силуан и да знаеме за што станува збор. И тогаш разумно можеме да процениме колку сѐ уште сме далеку од тоа какви треба да бидеме.

 

Старец Софрониј (Сахаров)