„Се загреа срцето мое во мене, и во мислите мои се разгоре оган!“
 
 
 
 
 

„Се загреа срцето мое во мене, и во мислите мои се разгоре оган!“ (09.08.2015)

Оној што сака Бог бргу да му ги исполни молитвите, кога ќе стане и ќе ги испружи своите раце кон Бога, треба, пред сè, дури и пред да се помоли за својата душа, да се помоли за своите непријатели. И ако така прави, во сè што ќе посака Бог ќе го послуша.

ава Зенон

 

Сè што правиш против оној што ти нанел неправда, сето тоа ќе ти се најде [како пречка] во срцето за време на молитвата.

преподобен Нил Синајски

 

Добродетелниот и смиреноумен монах ги сокрива своите добродетели како богатиот своето богатство. Тој не ја твори својата волја, туку секој миг се прекорува, подвизувајќи се во тајното дејствување според зборовите на Писмото: Се загреа срцето мое во мене, и во мислите мои се разгоре оган! (Псал. 38, 3). Каков е тој оган? Слушнете го зборот на Писмото кој гласи: Бог е оган Кој спалува (Евр. 12, 29). Како што од оганот се топи восокот и се суши тињата на скриените нечистотии така од тајното поучување се сушат скверните помисли, венеат душевните страсти, се просветлува умот, мислата станува јасна и срцето се исполнува со радост. Тајното поучување ги ранува демоните, ги изгонува злите помисли и го просветлува внатрешниот човек. Оној што се наоружува со тајното поучување и Бог го крепи, и ангелите го поддржуваат, и луѓето го слават. Тајното поучување и читањето е дом на душата во кој не може да се влезе, неподвижен столб, тивко и безметежно пристаниште во кое се спасува душата.

Демоните многу се вознемируваат и се сматуваат кога монахот ќе се наоружа со тајното поучување, т.е. со молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот“, како и со читањето на Божественото Писмо во осаменост. Скриеното поучување е огледало на умот и светилник на совеста. Тоа го исушува блудот, ја скротува јароста, го изгонува гневот, ја укинува гордоста, ја оддалечува навредливоста, го сотира унинието. Скриеното поучување го просветлува владејачкиот ум, ја изгонува мрзливоста, го раѓа умилението, го вселува стравот Божји, донесува солзи. Тоа на монахот му носи вистинско смиреноумие, умилно бдение, безметежна молитва. Тоа е молитвена ризница што ги отстранува неприличните помисли и ги победува демоните, и го чисти телото. Тоа учи на долготрпеливост, на воздржливост и потсетува на геената. Тоа го прави умот собран и безмечтателен, поттикнувајќи го да мисли само на смртта. Скриеното дејствување е исполнето со секое добро и украсено со секоја добродетел. Тоа е оддалечено од сè скверно. Тоа е некаде далеку од сè такво.

ава Исаија Отшелник

 

Кога ќе ја увидиш помошта во своето срце, знај дека не се јавила однадвор, туку дека проработила благодатта што таинствено ти била дадена на Крштението. Таа подејствувала во мерата во која си ја замразил помислата и си се одвоил од неа... Избавувајќи нè од секое насилие, Христос Господ не забранил помислите да се прикрадуваат во нашето срце, за да може едните како омразени на срцето веднаш да бидат истребени, а другите, како омилени, да останат. Со тоа се покажува и благодатта Христова и волјата човекова, т.е. неговата љубов – или кон подвигот заради благодатта или кон помислите заради самоугодување...

Светото Крштение дава совршено разрешување [од ропството на гревот], како впрочем и покајанието. Да се сврзеш себеси повторно со пристрасност или да пребиваш разрешен преку исполнувањето на заповедите – е работа на своевласна одлука. Причината за задржувањето на помислите во гревовна наслада се наоѓа во самовласната пристрасност, а не во принудата. Ние, според Писмото, имаме власт да ги отстрануваме помислите (2. Кор. 10, 4). Отстранувањето на лукавите помисли во внатрешноста е знак на љубов кон Бог, а не на грев, бидејќи грев не е појавувањето на помислата, туку пријателската беседа на умот со неа. Ако не ја сакаме, зошто се задржуваме на неа? Не е можно нешто што од сѐ срце го мразиме долготрајно да разговара со нашето срце. Доколку тоа сепак се случи, значи дека е присутно нашето лошо учество...

Оној што искрено спознал дека – според зборовите на апостолите – во себе од Крштението Го има сокриено Христос, ги остава сите светски нешта и пребива во своето срце чувајќи го со полна претпазливост (Изрек. 4, 23)... Добрата што верните ќе ги добијат по Воскресението се наоѓаат горе, но нивниот залог и првина веќе отсега духовно дејствуваат во нивните срца за, уверени во идното, да го презреме сето сегашно и да Го засакаме Бог до смрт...

Имено, од светото Крштение сите ние станавме способни за тоа, иако на тоа се удостојуваат само оние кои цврсто веруваат и кои секој ден умираат заради љубовта Христова, т.е. оние што стојат над секоја мисла за сегашниот живот и помислуваат единствено на тоа како да ја достигнат совршената љубов Христова...

ава Марко Подвижник