„Небото е мало за Неговите дланки, а срцето е Негово живеалиште“
 
 
 
 
 

„Небото е мало за Неговите дланки, а срцето е Негово живеалиште“ (10.08.2015)

Умот што преку сетилата не се расејува по светот, успева да се врати кон самиот себе... Умот што не се расејува кон надвор се враќа кон самиот себе, и преку себеси се искачува кон Бог, како по пат на кој не постои опасност од прелест.

свети Василиј Велики

 

Царството Божјо е внатре во вас (Лука 17, 21). Влези во самиот себе, усрдно барај, па без напор ќе го најдеш... Влези во себе и живеј во самиот себе, во прекрасната ќелија на духот свој – и таму барај го Царството, како што нè учеше нашиот Спасител... Влези, значи, во себе, пребивај во своето срце, зашто таму е Бог. Тој не те напушта, туку ти Го напушташ Него... Прекрасно е ова и чудесно, недостижно за небесните и неискажливо за земните. Недостапниот, за секој ум, влегува во срцето и пребива во него; Сокриениот од оние што со оган зрачат се населува во срцето. Земјата не може да издржи под Неговите стапала, а чистото срце Го носи во себе. Небото е мало за Неговите дланки, а срцето е Негово живеалиште. Целата твар не може да Го смести во своите граници, но ако тоа го побара срцето Тој ќе се смести и во малото срце. Мал простор одбира Бог во човекот за Свое живеалиште и човекот станува храм Божји, во кој пребива и живее Бог. Душата е Негов храм, а срцето свет олтар на кој се принесуваат жртви на пофалба и славословија; умот, пак, е јереј што таму стои и свештенодејствува.

свети Ефрем Сирин

 

Оној што се подвизува во внатрешноста, секој момент треба да поседува четири дејствувања: смирение, крајно внимание, спротивставување на помислите и молитва – затоа што по спротивставувањето треба од длабочината на срцето, со неискажливи воздишки да повика кон Христос. Тогаш и самиот подвижник ќе види како со обожуваното Име Исусово се развејува непријателот и неговото мечтаење, слично на прашината или на чадот пред силата на ветерот... Затоа, немој да се предаваш на сонот на мрзливоста, на своја погибел, туку со Името Исусово удирај го непријателот. Тоа најслатко Име нека се прилепи за твоето дишење, па ќе ја познаеш придобивката од безмолвието... Доколку со смиреноумие и со повикување на Исус Христос секогаш престојуваш во своето срце и секојдневно одиш по овој мислен, тесен, но и радосен и сладок пат, ќе достигнеш до созерцување на Светињата на светињите. Христос ќе те просветли со познанието на длабоките тајни, зашто во Него се скриени сите блага на премудроста и знаењето (Кол. 2, 3). Во Христос ќе почувствуваш дека во твојата душа слегол Светиот Дух Кој го просветлува човекот со откриено лице да ја гледа Славата Господова (сп. 2. Кор. 3, 18).

свети Исихиј презвитер Ерусалимски