Нерасеаната молитва е највисокото созерцување на умот
 
 
 
 
 

Нерасеаната молитва е највисокото созерцување на умот (13.08.2015)

Кога душата е прочистена преку чување на сите заповеди, тоа го прави умот решителен и подготвен да ја прими потребната состојба за молитва.

Кога Мојсеј се обидел да ѝ се приближи на несогорливата капина, му било забрането да се доближи сѐ додека не ги собул своите обувки (види: 1. Мој. 3, 5). Значи, ако сакаш да Го видиш и да заедничариш со Него Кој е над секоја сетилна претстава и над секој поим, мораш да се ослободиш од секоја острастена помисла.

Моли се со солзи и сѐ што ќе бараш, ќе биде слушнато. Зашто Господ многу се радува кога се молиш со солзи.

Ако се молиш со солзи за време на молитвата, не се превознесувај, мислејќи си дека си подобар од другите. Зашто твојата молитва добила помош за лесно да ги исповедаш своите гревови преку своите солзи и да се смириш со Господ. Затоа, не претворај го лекот за страстите во страст, на тој начин повторно налутувајќи Го Оној што ти ја дал таа благодат.

Многумина, пролевајќи солзи за своите гревови, забораваат за што служат солзите, и во нивното безумие застрануваат.

Обиди се својот ум да го направиш глувонем за време на молитвата; тогаш ќе можеш да се молиш.

Што било што ќе направиш за да му се одмаздиш на некој брат што ти направил зло, ќе ти се покаже како камен за сопнување за време на молитвата.

            „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси (Мат. 19, 21); и „нека се одрече од себе и нека го земе својот крст“ (Мат. 16, 24). Тогаш нема да бидете расеани додека се молите.

            Ако сакате да се молите како што треба, одрекувајте се од себе цело време, а кога ќе ве снајде каква било неволја, тогаш свртете се кон молитвата.

            Ако трпите нешто болно заради љубов кон мудроста, плодот од ова ќе го видите за време на молитвата.

            Ако сакате да се молите како што треба, никого не нажалувајте; во спротивен случај, залудно трчате (види: Фил. 2, 16).

            Ако трпеливо го прифаќаш тоа што доаѓа, секогаш ќе се молиш со радост.

            Не се моли за исполнување на своите желби, зашто тие може да не бидат според волјата Божја. Туку секогаш моли се како што си научен, кажувајќи: Волјата Твоја нека биде на мене (види: Лука 22, 42). Секогаш моли Го на овој начин – да биде Неговата волја. Он го посакува тоа што е добро и корисно за тебе, додека, пак, ти не секогаш го бараш ова.

            Нерасеаната молитва е највисокото созерцување на умот.

            Молитвата е искачување на умот кон Господ.

            Ако копнееш по молитва, отфрли сѐ за да добиеш сѐ.

            Свесна свесност за молитвата е концентрацијата придружена со благоговение, умиление и болка на душата кога таа ги исповеда своите гревови со внатрешна тага.

            Ние ги практикуваме добродетелите за да достигнеме созерцание на внатрешните суштини (логоси) на созданијата, и од ова преминуваме кон созерцание на Логосот што им дава постоење, а Он се јавува кога сме во состојба на молитва.

            Состојбата на молитва е состојба на бестрастие, која преку добродетелта на најдлабоката љубов го пренесува во умственото царство умот што копнее по мудрост.

Свети Евагриј Отшелник