Светлината на духовното знаење е животот на умот
 
 
 
 
 

Светлината на духовното знаење е животот на умот (15.08.2015)

1. Оној што Го љуби Бог, го вреднува познанието на Бог повеќе од што било друго создадено, и ревносно и непрестајно се стреми кон тоа познание.

 

2. Ако сѐ што постои било создадено од Бог и за Бог, а Бог е над сите работи што ги создал, оној што го напушта она што е над сѐ и му се посветува на она што е подредено покажува дека повеќе ги вреднува созданијата Божји отколку Самиот Бог.

 

3. Кога умот ти е концентриран на љубовта Божја, многу малку внимание ќе им посветуваш на видливите твари, па дури и своето сопствено тело ќе го сметаш за нешто туѓо.

 

4. Бидејќи светлината на духовното знаење е животот на умот, и бидејќи светлината произлегува од љубовта кон Бог, правилно е да се каже дека нема ништо поголемо од божествената љубов (види: 1. Кор. 13, 13).

 

5. Кога умот е грабнат преку љубовта за божествено познание и стои надвор од доменот на созданијата, тој станува свесен за Божјата бесконечност. Според светиот пророк Исаија, токму тогаш едно чувство на восхит го прави умот свесен за својата ништожност и најискрено ги повторува зборовите на пророкот: „Тешко мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ со нечиста уста, а очите мои Го видоа Царот, Господ Саваот!” (Иса. 6, 5).

 

6. Оној што Го љуби Бог, не може да не го љуби секој човек како самиот себе, иако е ожалостен од страстите на оние што сѐ уште не се очистиле. Но кога тие ќе ги поправат своите животи, неискажлива е неговата радост и таа не знае за граници.

 

7. Ако своето тело го чуваш од болест и од сладострастие, ќе ти помогне да му служиш на она што е поблагородно.

 

8. Оној што ги заборава сите светски желби, се издигнува над сите светски грижи.

 

9. Оној што Го љуби Бог, несомнено ќе го љуби и својот ближен. Таквиот не може да трупа богатство, туку го разделува на богоугоден начин, бивајќи великодушен кон секого што има потреба.

 

10. Љубовта дејствително ја пројавуваме во воздржанието и долготрпението кон нашиот ближен, искрено посакувајќи му добро, и во правилната употреба на вештествените твари.

 

11. Исто како што помислата на оган не го стоплува телото, така и верата без љубов не ја достигнува светлината на духовното познание во душата.

 

Свети Максим Исповедник