„Срцето да Го опфати Господ, и Господ срцето“ (16.08.2015)
Што имаме ние во овој суетен свет? Ние не сме создадени за навек да останеме во него, туку во него богоугодно да се подвизуваме, па потоа да си одиме во својата Небесна Татковина.
свети Андреј Јуродив
Ве молам, браќа, немојте никогаш да ја напуштате молитвата, ниту, пак, да ја запоставувате... [Монахот] било да јаде, пие, седи дома, патува или прави нешто друго, е должен непрестајно да повикува „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме...“ Со ова спомнување, душата што себеси се принудува на тоа може во себе да пронајде сè: најнапред внатре во своето срце ќе го пронајде она што е зло, а потоа и она што е добро. Ова спомнување ќе го поттикне движењето на змијата, но и ќе го смири. Ова спомнување може да го изобличи гревот што живее во нас и може да го уништи. Ова спомнување може да ја придвижи целата сила ѓаволска во срцето и може да ја победи и постепено да ја искорени: Името на Господ Исус Христос слегувајќи во длабочината на срцето ја уништува змијата што ги запоседнала неговите пространства, а душата ја спасува и ја оживува.
Непрестајно, значи, биди со Името на Господ Исус Христос, така што срцето да Го опфати Господ, и Господ срцето, и така да станат едно. Впрочем, ова не е нешто што може да се изврши за ден-два. Тоа трае со години и бара многу време, затоа што е потребен голем, долгогодишен подвиг за да се истера ѓаволот и да се всели Христос. (...) Ве преколнувам, значи, да не ги оддалечувате своите срца од Господ, туку да стражарите над нив и да ги чувате, сеќавајќи се секогаш на нашиот Господ Исус Христос, додека Името Господово не се вкорени во вашите срца и додека тие не престанат да мислат на ништо друго освен на тоа да се прослави Христос во вас.
свети Јован Златоуст