Тежок подвиг е молитвата
 
 
 
 
 

Тежок подвиг е молитвата (20.10.2015)

Вистинската молитва, која нѐ соединува со Севишниот, не е ништо друго освен светлина и сила која се спушта на нас од небесата. Таа по својата суштина го трансцендентира нашиот план на постоење. Во овој свет нема извор на енергија за неа. Ако јас се хранам добро, за моето тело да биде силно, тогаш плотта моја го бара своето, и сѐ повеќе и повеќе: неа не ѝ е до молитва. Ако ја смирувам плотта со претеран пост, на некое време во болно воздржание, тогаш се создава благопријатна почва за молитва, но потоа телото изнемоштува и одбива да го следи духот. Ако општам со добри луѓе, се случува да искусам душевно задоволство, понекогаш стекнувам ново психолошко или интелектуално искуство, но многу ретко и импулс за длабока молитва. Ако сум обдарен умствено за сериозен научен труд или за уметничко творење, тогаш мојот успех ќе биде повод за суета, и станува невозможно да се најде длабоко срце: место на духовна молитва. Ако сум богат материјално и размислувам за тоа како да ја искористам власта поврзана со богатството, или можноста да овоплотам некои од моите идеи, или да ги задоволам моите естетски или душевни желби, тогаш мојата душа не влегува при Бога, каков што ние Го запознавме низ Христос. Ако заминам во пустина, одрекувајќи се од мојот имот, и тогаш спротивставувањето на сите космички енергии ќе ја парализираат мојата молитва. И така без крај.

Вистинската молитва кон вистинскиот Бог е општење со Духот Божји, Кој се моли во нас; Тој ни дава да Го познаеме Бога; Тој го возведува нашиот дух во состојба на созерцание на вечноста. Како што благодатта нѐ посетува Одгоре, така молитвениот акт ја надминува нашата земна природа, бидејќи му се спротивставува распадливото тело, неспособно за издигнување во сферата на духот; се противи и интелектот, кој е бессилен да ја опфати безграничноста, бидејќи го колебаат сомнежи, отфрлајќи го сето она што го надминува неговото поимање. Молитвата се спротивставува на социјалната средина во која ние живееме, која го организира својот живот со поинакви цели, дијаметрално спротивни на молитвата. Молитвата не ја трпат злобните духови. Но само таа, молитвата, може да го прероди тварниот свет од неговиот пад, превладувајќи го неговото мртвило и инерција со големо напрегање на нашиот дух во следење на заветите Христови. 

Тежок подвиг е молитвата. Се менуваат состојбите на нашиот дух: понекогаш молитвата во нас тече како моќна река, а понекогаш срцето сосема се исушува. Но секое опаѓање на молитвената сила нека биде што е можно пократко. Молитвата често значи да се соопшти на Бог нашата бедна состојба: немоќ, униние, сомнежи, стравови, потиштеност, очајание – со еден збор, сѐ што е поврзано со условите на нашето постоење. Соопштување, не барајќи богати изрази, па дури ни логички доследности… Често овој начин на обраќање кон Бог станува почеток на молитвата – беседа.

 

Старец Софрониј (Сахаров)