Молитвата – патот кон Бог (22.10.2015)
На просјаците им е својствено да просат, а на човекот, кој со падот во грев е доведен до просјачки стап, му е својствено да се моли. Молитвата е обраќање на паднатиот покајник кон Бог. Молитвата претставува излевање пред Бог на срдечни барања и воздивнувања на човекот, паднат и убиен од гревот.
Првото пројавување, првото движење на покајанието е плачот на срцето. Тоа е молитвениот глас на срцето, кој ѝ претходи на молитвата на умот. И набргу умот, повлечен од молитвата на срцето, почнува да раѓа молитвени мисли.
Бог е единствениот Источник на сите вистински добра. Молитвата е мајка и глава на сите добродетели, како средство и состојба на човековото општење со Бог. Таа ги позајмува добродетелите од Источникот на добрата – Бог, и ги прави своина на човекот, кој со молитвата настојува да пребива во општење (заедница) со Бог.
Патот кон Бог е молитвата. Мера за поминатиот пат се различните молитвени состојби, во кои постепено влегува оној што постојано и правилно се моли.
Научи се пред Бог да се молиш правилно. Научувајќи се да се молиш правилно, моли се постојано и лесно ќе наследиш спасение. Спасението ќе се јави од Бог во свое време, недвосмислено објавувајќи се во срцето на човекот што се моли правилно и постојано.
За молитвата да биде правилна, потребно е таа да се произнесува од срце исполнето со ништожност на духот, од срце скрушено и смирено. Сите други состојби на срцето, до неговото обновување од Светиот Дух, сметај ги за такви какви што навистина се – односно несвојствени за покајниот грешник, кој Го моли Бог за простување на гревовите свои и за ослободување, како од темница и од окови, од робувањето на страстите.
Со Мојсеевиот закон на Израилците им било пропишано на Бог да Му ги принесуваат сите свои жртви само на едно место. И со духовниот закон на христијаните им е назначено место за принесување на сите нивни жртви, а особено жртвата над жртвите – молитвата. (...) Тоа место е смирението.
На Бог не му се потребни нашите молитви! Он знае што ни треба и без нашите молења. Он, Премилосрдниот, Својата обилна милост ја излева и на тие што не просат од Него. Молитвата ни е потребна: таа го сродува човекот со Бог. Без неа човекот е отуѓен од Бог, а колку повеќе се вежба во молитвата, толку повеќе Му се приближува на Бог.
свети Игнатиј Брјанчанинов