Вистинската цел на нашиот христијански живот се состои во стекнување на Светиот Дух Божји
 
 
 
 
 

Вистинската цел на нашиот христијански живот се состои во стекнување на Светиот Дух Божји (26.10.2015)

Молитвата, постот, бдението и сите други христијански дела, колку и да се добри сами по себе, не се цел на нашиот христијански живот, макар што служат како неопходни средства за нејзино достигнување. А вистинската цел на нашиот христијански живот се состои во стекнување на Светиот Дух Божји.

            И постот, и бдението, и молитвата, и милостината, и секое заради Христос добро дело, се средства за стекнување на Светиот Дух Божји. Сѐ што не е направено заради Христос, макар и да е добро, нема да ни биде плата за идниот живот, па и во сегашниот не ни дава Божја благодат. Ете зошто Господ Исус Христос рекол: „Секој што не собира со мене, тој растура“. Доброто дело поинаку не може да се нарече освен собирање, макар што ако не се прави заради Христос, сепак е добро. Светото Писмо вели: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице; туку кај секој народ оној кој се бои од Него и постапува правично, мил Му е“ (Дела, 10, 35). И, како што гледаме од континуитетот на свештеното раскажување, тоа „правично постапување“ толку Му е пријатно на Бог, што на Корнилиј стотникот, кој беше богобојазлив и чинеше правда, му се јави ангел Господов за време на неговата молитва и му рече: „И сега, прати луѓе во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар; тој ќе ти каже зборови преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом“.

            Значи, Господ ги употребува сите Свои божествени средства за да му даде на таквиот човек можност за своите добри дела, за да не биде лишен од награда во животот на пакибитието. Но за тоа да се добие, треба да се почне со вистинска вера во Господ наш Исус Христос Синот Божји, Кој дојде во светот да ги спаси грешните, како и тоа да се стекнува Духот Свет, Кој во нашите срца го воведува Царството Божјо и кој ни го пробива патот кон стекнување на блаженство во животот на идниот век.но, со тоа, тие дела што не се заради Христос направени, престануваат да Му се угодни на Бог: нашиот Создател ни дава само средства за нивно остварување. Од човекот зависи дали ќе ги оствари или не. (...) Колку е големо состраданието Божјо за нашата беда, односно невниманието кон Неговата грижа за нас, кога Бог вели: „Стојам пред вратата и чекам!“, подразбирајќи го под врата – текот на нашиот живот, уште не затворена од смртта. (...) Ете зошто е кажано:„ Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение“, односно да не се лишите од Духот Божји, зашто молитвата и бдението ни ја пренесуваат Неговата благодат.

 

преподобен Серафим Саровски