Луда љубов
 
 
 
 
 

Луда љубов (03.11.2015)

Има две нешта што го откриваат тој што љуби и го прават да торжествува: прво, добро да му чини со сѐ што може на љубениот, и второ, да прифати да претрпи стравотии и да поднесува страдање, ако треба, за него. Притоа, второво е многу поголем доказ за љубовта отколку првото. Но на Бог тоа не Му беше можно, бидејќи е Нестрадален во однос на секое зло. Како Човекољубец, Он беше во состојба да му благотвори на човекот, меѓутоа, ни приближно немаше како да претрпи рани и да поднесе страдање заради него, така што, иако вљубеноста Му беше натприродна, сепак, го немаше признакот што би ја покажал. Значи, потребно беше да не биде скриено дека Он огнено љуби, ами и нам да ни даде опит од таа најголема љубов, та љубејќи, да ни ја покаже крајната љубовност. За таа цел го намисли самоистоштението и го спроведе, та си сочини и средства преку кои би можел да претрпи ужаси и болка да поднесе, па откако докажа со тоа што го истрада дека пренадмоќно љуби, го обрати при Себе оној што побегнал од Благиот, зашто се имал убедено дека е намразен од Него.

            Но најнеобично од сѐ е тоа дека не само што поднесе најужасни страдања и умре од раните туку откако возживеа и телото од распадливоста Си го воскресна, Он ги задржа раните и врз телото уште ги носи лузните, па со нив се јавува и пред очите на ангелите, и, всушност, ги смета за украс, радосен да покаже дека ужаси претрпел. Додека сѐ друго што му е својствено на телото го отстранил, имајќи тело духовно, кое е без тежест, измеренија или каква и да е од телесните страсти, белезите воопшто не ги отфрлил, ниту раните совршено ги премавнал, ами решил да ги сочува заради љубовта кон човекот, зашто преку нив загубениот го пронашол, и така наранет, љубениот го придоби. Како поинаку би можеле да останат трагите од раните врз бесмртно тело, кога дури и кај смртните и распадливите природата и умешноста умеат да ги отстранат? Згора на сѐ, се чини дека Он имаше желба многупати да пострада во него заради нас, но бидејќи ова излезе неможно, поради тоа што Неговото тело еднаш засекогаш ѝ побегна на распадливоста, а истовремено и за да ги поштеди луѓето, кои би го повредиле, Он намисли да ги зачува знаците на заколението во телото и вечно да биде со отпечатоците од раните, кои еднаш Му беа нанесени при Распнувањето, за и понатаму, далеку во иднината, да биде јасно дека беше распнат и прободен во ребрата за Своите слуги, та заедно со неизглаголивиот Му лач и тие да бидат царски украс за Него.

            Што би ѝ било рамно на оваа љубов? Има ли нешто што толку било возљубено од човек? Која мајка била толку нежна[1], кој татко бил толку чедољубив? Кој некогаш стекнал таква луда љубов по што било убаво, па не само што допушта да биде рануван од љубениот и уште ја сочувува вљубеноста кон неблагодарникот туку и самите тие рани ги цени над сѐ? И од ова произлегува дека Он не само што нѐ љуби туку и неизмерно нѐ почитува, и тоа со крајна чест, според која не се засрами ниту од слабостите на нашето естество, туку седнат е и на Царскиот престол со лузните, кои ги добил од човечката немоќ. Меѓутоа, тоа што толку ни ја удостои природата не значи дека нѐ пренебрегнал поединечно. Напротив, Он сите нѐ вика кон круната Негова, избавувајќи нѐ од ропството и правејќи нѐ синови; уште и небото на сите им го отвори, та и патот ни го покажува и како е можно да полетаме, за што и крилја ни даде, но ни со ова не се задоволи, туку Самиот нѐ води и крепи, и нѐ бодри, штом онебрегнеме.

            А сѐ уште не го кажав највеликото. Имено, Владиката не им сопребива на слугите Свои единствено до оваа мера, и не само што го споделува ова, кое е Негово, и рака им подава туку сиот Себеси ни се дава, па токму поради ова ние сме храм на Живиот Бог. Така, овие членови се Христови членови, а на Главата на тие членови херувимите ѝ се поклонуваат; еве, и овие нозе и овие раце сврзани се со тоа Срце.

 

Свети Никола Кавасила



[1] Види: Ис. 49, 15.