Свети Јован Шангајски: Богојавление (18.01.2022)
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Славејќи го Богојавление, ние се сеќаваме и на тоа дека Бог им се покажа на луѓето како Троица и дека Исус му се јави на светот како Христос. Каде се јави Христос? Каде го започна Своето дело? Дали отиде во голем град и таму се јави во Својата слава? Или се искачи на гора висока, а многуилјадна маса стоеше долу и набљудуваше? Не! Христос тргна во пустината, на реката Јордан, каде што Јован го крштеваше народот. Јован проповедаше покајание и ги повикуваше верните да се крстат во Јордан, во знак на покајание.
И еве, Христос доаѓа како грешник и моли за крштение. Он, во Кого немаше грев. Јован се уплашил. „Ти треба да ме крстиш мене“. „Остави го тоа сега“ – одговара Исус – „зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (Матеј 3, 15). Христос дојде да ја исполни Божјата правда, гревот на Адамовата гордост да го поправи со смирение. Така, со смирение, Христос го отвори небото и им ја покажа на луѓето тајната на Троичноста на Бога (...)
Но зошто Тој тоа го направи токму во вода, а не на некое друго место? Да се потсетиме како Бог го создаваше светот. Кога Бог го создаваше светот, земјата беше безоблична и пуста и Духот Божји лебдеше над водата. Потоа, Бог ги раздвои земјата и водата, но така што водата да остане на секое место како нужност на сѐ што е создадено. (...) Кога човекот згреши, го навлече гневот Божји не само на себе, туку и на целата природа. Човекот е круна на Божјото создание; тој е поставен како цар на природата. А кога царот му стана непријател на другиот Цар, тогаш целото негово царство стана непријателско царство. Казната беше наменета не само за човекот, туку и за целата твар. (...)
Затоа, прошката за виновникот го ослободува и созданието од робувањето на пропадливото. За да се овозможи оваа промена, за природата да се подготви за непропадливоста која ќе настапи по судниот ден, Христос дојде на водите на Јордан. Нурнувајќи во Јордан, Христос ги освети не само водите на Јордан, туку и целата водена природа. А, бидејќи водата се наоѓа насекаде, со осветувањето на водите Христос го освети и целото создание, сета вселена. Христос ја подготвуваше природата за и таа да ги почувствува добрите последици од жртвата која Тој дојде да ја принесе. Но не само што Тој на водата ѝ даде моќ да ги измие човечките гревови, Крштевањето Јованово беше знак на покајание. Христијанското крштевање е ново раѓање, простување на сите гревови. Господ со вода ги казни гревовите на првиот свет и го уништи со вода во потопот. Сега Бог со вода ги спасува луѓето преку Тајната на Крштевањето.
Така, Христос на водите на Јордан ја уништи главата на змијата, како што тоа се пее во црковните песни, главата на онаа змија која ги измами Адам и Ева, но беше победена со Христовото смирение – им откри на луѓето дека Бог е Троица – ја освети водата, а со водата го подготви сето создание за прифаќање на зборовите за простувањето и за непропадливост (...)
Дотогаш, свети Јован Крстител проповедаше покајание, го подготвуваше патот кон Господ. Кога Самиот Господ им вика на луѓето „Покајте се“, тој глас им е намененет не само на луѓето кои живееја во Христовото време, туку со тие зборови Христос им се обрати на сите луѓе во сите времиња и векови. И ние ги слушавме тие зборови од Евангелието. Сѐ додека траат празничните песни на Богојавлението, тие нѐ потсетуваат дека се ближи времето на покајанието. Да внимаваме! Тоа не се зборови на пророци или ангели, туку на Самиот Господ. Ќе се покаеме и во постот кој доаѓа, ќе стремиме да ги победиме нашите страсти и да добиеме простување на гревовите, за во идниот век да влеземе во непропадливото Царство кое го подготви Господ. Амин.
Свети Јован Шангајски, Битола, 1928 година