Свети Атанасиј Велики: Предавање на бесмртноста (21.01.2022)
Бог, значи, е добар; или, подобро кажано – тој е извор на добрината, а во добрината не може да има завист кон било што. Според тоа, не завидувајќи му на никого за постоењето, Он создаде сѐ од небитието, и тоа преку Својот Логос, нашиот Господ Исус Христос. Меѓу сите созданија земски, најмногу му се смилува на човечкиот род, па увидувајќи дека човекот не е во состојба да остане таков каков што е создаден, му ги подари најголемите дарови: ги создаде луѓето не едноставно како бесловесни животни на земјата, туку ги создаде според Свој образ, и им ја предаде силата на Својот Логос за така да поседуваат извесна сенка на Логосот и за да останат словесни, та да бидат во состојба да пребиваат во блаженство, живеејќи го вистински и навистина рајски животот на светителите.
И повторно, знаејќи дека човеката природа има можност да тежнее на две страни, Бог го испревари тоа, па со закон и со место ја обезбеди благодатта која им ја даруваше. Имено, ги воведе во Својот рај и им даде закон за, ако ја сочуваат својата благодат и останат добри, да живеат во беспечелниот и безболен рај со безгрижен живот, а освен тоа и за да имаат ветување за непропадливост на небесата; а доколку направат престап, изопачувајќи се, и станат лоши, да спознаат дека ќе ја претрпат пропадливоста на смртта, на која подлежи нивната природа, та повеќе нема да живеат во рајот, туку и понатаму ќе умираат надвор од него и ќе пребиваат во смрт и пропадливост (...)
Значи, Бог го создаде човекот и сакаше тој да остане во непропадливост. Но поради својата лекоумност, луѓето се одвратија од умувањете за Бога, размислувајќи за и изумувајќи го злото за себе, како што порано беше кажано; поради тоа, во склад со претходното предупредување, се осудени на смрт, и натаму не беа такви какви што беа создадени, туку мислите ги развратуваа, а смртта зацари во нив (...)
Кога виде како словесниот род пропаѓа и како пропадливоста царува над него преку смртта; кога виде дека заканата поради престапите ја поддржа пропадливоста над нас и дека е залудно да се укинува законот пред да се исполни; кога ја виде неприличноста на сѐ што се случи и дека исчезнува она што Тој го сотвори; кога ги виде прекумерните човечки злодела, и дека безмалку се намножиле толку што станаа неподносливи за човекот; кога виде, исто така, дека сите луѓе се одговорни за смртта – Логосот се смилува на нашиот род, се сожали на нашите слабости (...) На Себе зеде тело, и тоа не некое кое е поинакво од нашето.
И така, бидејќи сите луѓе се одговорни за смртната пропаст, Логосот прими од нас тело кое е подобно на нашите тела, и го предаде на смртта во име на сите, односно Му го принесе на Отецот; а тоа го направи поради Своето човекољубие, за откако сите во Него ќе умрат, да биде уништен законот за пропадливоста, кој им беше наметнат на луѓето. Оти, во Телото Господово сме спасени од власта на смртта и за неа повеќе нема место меѓу луѓето кои се подобни на Него; за повторно да ги врати во непропадливост луѓето кои западнаа во пропадливост, за да ги врати од смрт во живот, и со благодатта на Воскресението да ја изгони смртта од нив, како огнот што ја уништува трската.
Свети Атанасиј Велики