Свети Григориј Ниски: За искушението
 
 
 
 
 

Свети Григориј Ниски: За искушението (26.01.2022)

„Не воведувај нѐ во искушение“. Колку сила има во овие зборови, браќа? Господ различно и со повеќе имиња го именува лукавиот (нашиот непријател), како што се: Ѓавол (Матеја 13, 39), Велзевул (Матеја 10, 25), Мамон (Матеја 6, 24), кнез на светот (Јован 14, 30), човекоубиец (Јован 8, 44), лукав татко на лагата (Јован 8, 44) и со други слични имиња. Можеби едно од најјасните негови имиња е Искушение. Оваа наша претпоставка го потврдува самото устројство на Господовата Молитва, бидејќи Господ по зборовите „не воведувај нѐ во искушение“ додава молба за избавување од лукавиот, со што означува едно исто нешто. Оној кој не влегува во искушение (напаст), тој со самото тоа е надвор од власта на лукавиот; значи, следува дека искушението (напаста) и лукавиот се едно исто. На што нѐ учи ова молење со Господовата Молитва? Нѐ учи да бидеме слободни од она што гледаме дека е овој свет, а за кој е кажано: „Целиот свет лежи во зло“ (1 Јов.5, 19). Кој сака да биде вон дофатот на лукавиот, којшто нѐ поттикнува на искушенија, тој мора целосно да се исклучи од световниот живот. Оти, искушението не може да ја допре душата доколку непријателот (лукавиот), откако на злобна јадица ги поставил своите световни прелести како мамец, не ги постави тие прелести пред нашите очи за во нас да ја побуди желбата за искушение. Оваа мисла ќе ни биде многу појасна ако ја поткрепиме со примери.

Морето често бидува страшно кога ќе се разбранува, но не за оние кои живеат далеку од него. Огнот е погубен, но само за материјата која гори. Војната е ужасна, но само за оние кои ќе влезат во војна. Кој сака да ги избегне неволјите на војната, тој се моли да не дојде до потреба и тој да војува. Кој се плаши од оган, се моли да не биде во него. Кој се плаши од морето, тој се моли да не му затреба да плови по морињата. Така и оној кој се плаши од заразата на лукавиот нека се моли да не биде цел на лукавиот (т.е. да не стане роб на световните суети и страсти). Бидејќи „светот лежи во зло“, во световните дела се скриени поводи за искушенија; значи, оној кој се моли да не западне во искушение не треба да моли за друго, туку само за тоа да не биде заведен од световните прелести. Оти, кој ќе го избегне тоа, тој ќе ја избегне вражјата мамка; нема да ја загризе неговата прикриена јадица и така нема да западне под власта на лукавиот.

Свети Григориј Ниски