Свети Максим Исповедник: Мисли за искушенијата
 
 
 
 
 

Свети Максим Исповедник: Мисли за искушенијата (27.01.2022)

Искушението е закон на гревот кој лукавиот му го приготви на првиот човек, а лукавиот е ѓаволот кој го воведе првиот човек во гревопад, така што го соблазни и го вовлече во грев, искушувајќи го со она што Бог го забрани, и човекот така ја наруши Божјата заповед. Плод на сето тоа беше губењето на бесмртноста. Искушение се нарекува и вовлекувањето на душевната волја во телесните страсти; а лукав се нарекува вистинската причина која го победува тоа човечко тежнеење кон телесни страсти. Од тоа, пак, прaведниот Судија не избавува никого, освен оној кој им простува на своите должници, а оној кој не простува залудно се моли за опростување на своите гревови. Бог го остава таквиот немилосрден и непомирлив човек и тој бидува победен од лукавиот.

Човекот треба да ги знае потребите на својата природа, т.е. дека постои закон на природата од една, и закон на тирјанството од друга страна. Тирјанството на страстите доведува до самодоволно оддалечување од човечката природа. Првиот закон (на природата) ги задоволува основните природни потреби, а вториот закон (тирјанството на страстите) ја изопачува човековата природа, која првобитно е создадена чиста и непорочна. Законот на човечката природа е таков што со дејство на човечкиот ум го чува нашето битие. (...)

Значи, ако сакаме да се избавиме од лукавиот и да не западнеме во искушение, да се потпреме на Бога и да им простуваме на нашите духовни должници. Така правиме не само за да ни бидат простени нашите гревови, туку и за да ги победиме законите на гревот, не запаѓајќи во искушение и победувајќи го родителот на гревот, лукавиот, молејќи се за избавување под раководство на Господ Христос, Кој го победи светот и Кој нѐ вооружа со Своите заповеди, научувајќи нѐ да ги отфрлиме страстите и незаситно да стремиме кон Него како Леб на Животот, Премудроста и Правдата преку исполнување на волјата на Небесниот Отец, Кој нѐ направи ангелски сослужители, кои ни го објавија небесното устројство на животот, благоугодно на Бога. И затоа (заради сличностите со ангелите) ние исходуваме кон Бога, кон Отецот, Кој направи да бидеме заедничари на Божествената природа преку причестувањето на Светиот Дух, со што стануваме чеда Божји и синови Божји, и се облекуваме во Самиот Светител на таа благодат, Синот на Отецот од Кој, преку Кој и во Кој имаме и ќе имаме вечен живот.

Молитвата наша нека биде насочена кон ова таинствено обожение за да објавиме какви нѐ направило воплотувањето на Единородниот Син и каде нѐ вознесла моќната Десница на Човекољубецот, нас кои сме пониски од најниското, нас кои сме притиснати од товарот на нашите гревови. Да Го возљубиме уште повеќе Оној Кој толку премудро ни подготви спасение, покажувајќи со дело дека нашата молитва е услишена, покажувајќи ни дека навистина Го имаме Бог за Отец, а не лукавиот, кој со посредство на страстите секогаш се обидува тирјански да владее со нас и кој наместо во живот нѐ води во смрт. Оти, секој од овие два властодршци (и Бог и Неговиот непријател ѓаволот) на оние кои им се предаваат им го даваат секој своето: Бог им дава вечен живот, а ѓаволот им дава смрт на оние кои му се предаваат под дејство на искушенијата.

Свати Максим Исповедник