Старец Јосиф: Подвигот на молитвата (30.01.2022)
Подвигот, како што рековме порано, за своја основа ги има исполнувањето на целта и смислата на нашиот христијански живот. Во делотворното подвижништво сѐ се наоѓа во вистинско усогласување на нашите желби и нашите животи, со желбите и животот на самиот Спасител и наш Бог. „Бидете во Мене, и Јас во вас“ (Јован 15, 4). Тоа е неразделна согласност и единство. Еден од најважните моменти на оваа согласност е молитвата, и таа поради тоа претставува врв на секој подвижнички живот. Молитвата е центарот од кое секое друго дело стекнува потврда и сила за остварување.
Нашиот Господ, Кој е само вистина, ни зборува дека „без Мене не можете ништо да направите“ (Јован 15, 5). Последицата на овој наш однос со Него е молитвата. Тој Самиот нѐ повикува: „Барајте и ќе ви се даде“ (Матеј 7, 7). Никој, значи, да не го заборави подвигот на молитвата. Секоја добродетел која води кон чување на заповедите Божји е полезна и сигурна. Во нашиот однос со Создателот, молитвата има најголемо достоинство меѓу добродетелите. Нашите праведни и богомудри Отци ја одржуваа молитвата и безусловно ја препорачуваа. Во таа смисла, и апостол Павле вели: „Молете се непрестајно“ (1 Сол. 5, 17).
Зборовите на Христос дека без Него не може да се направи ништо ја откриваат нашата целосна немоќ. Затоа имаме потреба да се сретнеме со нашиот Спасител. Таа средба се остварува во молитвата. Во оваа смисла, треба да се сфати нужноста на манастирското одвојување, кон кое монасите секогаш ревносно се придржувале. И во периодот на Стариот Завет, во периодот на пророците и Законите, сите кои Го почитуваа Бог го правеа тоа со молитва. Со молитва која се раѓа од голема болка и смирение, така што да може да претставува правило за оние кои сакаат повторно да го стекнат она што го загубиле.
Во својата опфатност и израз, молитвата може да има многу облици. Молитвата може да се менува во однос на околностите и нужностите со кои се соочуваме. Секој човек има потреба за разбирање и помош, се свртува кон силниот Бог Кој спасува и својата молитва ја прилагодува според најголемата неволја која го измачува. Преколнувањето и усрдната молитва, молитвословието и исповедањето, благодарноста и славословието, како и сите други облици на молитва, неизоставно му се потребни на човекот.
Главната цел на молитвата, значи, е средба во љубов со Бог Спасителот. Оваа љубов е својство на „чистата молитва“ по која трагаат хероите на подвигот. Тоа е огнена љубов кон мислениот Женик, кон која „се стремам не би ли го достигнал она за кое Христос ме достигна мене“ (Фил. 3, 12).
Старец Јосиф Исихаст