Свети Нектариј Егински: Немажество, смелост, кукавичлак
 
 
 
 
 

Свети Нектариј Егински: Немажество, смелост, кукавичлак (02.02.2022)

За моралното немажество

Моралното немажество е недостиг на морална сила, која се појавува како поводливост, попустливост, покорност, како пораз, како ропство. Немажеството е најголема морална слабост, а од неа се раѓаат сите гревови. Оној кој е лишен од морална сила не може да се спротивстави на надворешните и внатрешните искушенија, кои се зачнуваат во неговото срце; не може да истрае во добродетелта и да го одбие гревот, и иако ја признава убавината и благодатта на добродетелта и гнасотијата на злосмрденоста на гревот, не може да му се спротивстави и да истрае цврсто во копнежот за добро. И слаб притиосок ја крши неговата сила и незначително искушение неговата одважност. И случајна неволја ќе му ја завладее душата. Претрпува пораз во борбата и го спушта оружјето уште пред да започне пресметката. Морално немажевниот е немажевен и во војната со непријателот, бидејќи е плашлив и животољубив. Секогаш отстапува за да го спаси сопствениот живот и за да избегне каква било опасност. Се плаши да не изгуби нешто од својот имот и да не остане без удобност. Трепери од страв за своето здравје и често стравот од погибија го прави бегалец кога доаѓа до борба. Кој е лишен од морална сила, го жртвува заедничкото заради личното, сметајќи ја за поважна сопствената полза од општата, ја предава сопствената земја и ги жртвува светињите за и него самиот да не го снајде некаква неволја. Без морална сила тој, победен од злоба и грев, станува најлош човек, погубен и опасен за сите. Од оној кој не знае за морално мажество, како и од кукавицата, плашливецот и подмолниот, сите треба да се одвраќаат.

За смелоста и неразумната храброст

Смелоста е промислено движење на душата кон она за што е потребно решеност, а неразумната храброст е непромислено движење на душата кон она што ги надминува силите. Смелиот човек е свесен за големината на опасноста и смислено се решава на дејствување, додека неразумно храбриот, не увидувајќи ја големината на опасноста, постапува непромислено. Смелиот не се плаши кога се впушта во борба и се бори до победа. Тој може и да падне во борбата за светото и свештеното, за праведното, за вистината, но никогаш нема да отстапи и да се даде во бегство. А кога неразумно храбриот ќе влезе во борба и ќе ја погледне смртта в очи, ќе се избезуми од страв и ќе отстапи како бегалец, плашејќи се за својот спас. Смелиот е мажествен, храбар, великодушен и расуден, а неразумно храбриот е немажествен, кукавица, малодушен и нерасуден.

За кукавичлакот

Кукавичлакот е страст на слабата душа која е обеземена од страв. Кукавичлакот е малодушност, нерешителност, недостиг на воинска храброст, непостојаност на душата опфатена од ужас и страв. Тоа е малодушност во очекување на опасноста, неумешност за борба, неприсебност во опасностите, отсуство на одважност, неподготвеност на духот, недостиг на морална сила, слабост на духот, поводливост кон злото. Кукавичлакот го поробува човекот, го прави предавник, го заведува во беславие и бесчестие, го приклонува на презир и го придвижува кон непочитување на божественото, свештеното и светото. Кукавицата е немажествен, подол, недостоен, низок, беден, ропска и ситна душа, себичен и самољубец. Своето спасение и избавување од опасноста тој го става над сѐ, та и над славата и слободата.

Свети Нектариј Егински