Свети Козма Етолски: Апостолите (04.02.2022)
Како што некој господар држи ниви и виногради, така и Господ го држи целиот свет како лозје. Тој зеде дванаесетмина апостоли и им ја даде Својата благодат и Својот благослов, испраќајќи ги во светот да ги научат луѓето како и овде да живеат добро, во мир и љубов, а потоа да отидат во рајот, за вечно да се радуваат. Ги испрати да ги научат луѓето да се покајуваат, да веруваат и да се крштеваат во име на Отецот и Синот и Светиот Дух и да имаат љубов кон Бог и братот свој. И во која годе земја да одеа апостолите, ако луѓето ги примаа, Господ им порача да ја благословуваат таа земја. А ако во некоја земја не ги примеа, Господ им порача да ја истресат прашината и да си заминат. Така светите апостоли, примајќи ја благодатта на Светиот Дух, како мудри и верни слуги на нашиот Христос, итаа низ целиот свет налик на молњи. Со таа благодат лекуваа слепи и глуви, лепрозни и демонизирани и, што е најголемо од сѐ, со Христовото име им заповедаа и на мртви и тие воскреснуваа. Каде и да одеа апостолите, ако луѓето ги примаа, тие од нив правеа христијани, ракоположуваа архиереи и ереји, составуваа цркви и ја благословуваа таа земја, па таа стануваше земски рај, радост и веселба, пребивалиште на ангели, пребивалиште на нашиот Христос. А кадешто луѓето не ги примаа, Господ им заповеда да се истресат и на таа земја остануваше клетва, а не благослов, та стануваше пребивалиште на ѓаволот, а не на нашиот Христос. (...)
Во нашиот Христос, значи, браќа мои, верувам, Него Го славам и Му се поклонувам. Нашиот Христос го молам да ме очисти од секакво согрешување душевно и телесно. Нашиот Христос Го молам да ме засили да ги победам трите непријатела: светот, плотта и ѓаволот. Нашиот Христос Го молам да ме удостои и јас да ја пролеам својата крв за Неговата љубов, како што Он ја пролеа Својата заради љубов кон мене. И кога би можел, браќа мои, и на небесата да се извишам и велегласно да викнам, да му објавам на целиот свет дека единствено нашиот Христос е Син и Слово Божјо и Вистински Бог и живот на сите, би го направил тоа. Но бидејќи не можам да направам толку многу, го правам ова малку и патувам од место до место и ги поучувам своите браќа по мерата на моите моќи, не како учител, туку како брат. Единствениот наш учител е Христос.
Свети Козма Етолски