Свети Јустин Ќелиски: Човекот и Небесата
 
 
 
 
 

Свети Јустин Ќелиски: Човекот и Небесата (09.02.2022)

Премили чеда во Христа,

Од Господ да имате секој ден благослов од небесата, и во него секогаш по цело небо. А на човечкото битие на земјата, во секој миг на земјата попотребно му е небото, отколку сета земја што постои. Оти, човекот е деведесет и девет отсто од небесата, а само еден отсто од земјата. Затоа, наша секојдневна должност е: да се искачуваме кон небесата, да ползиме кон небесата, да трчаме кон небесата, да летаме кон небесата. На тоа до детали нѐ учи Светото Евангелие на чудесниот Господ Исус, како и секое свето житие на секој светител на Спасителот. Како духовни небесни деца, на земјата ние најпрво учиме да ползиме кон небото, потоа да одиме, па да трчаме кон небото, па да летаме кон небото.

Што даваме од себе во тоа? – нашата ревност, нашето христокопнежливо тежнеење. И тоа го даваме преку нашата ревност во молитвите, во постот, во љубовта, во добротата, во смирението, во кротоста, во трпението, во благоста. Кога ревнуваме во сите тие добродетели и ги водиме сите наши мисли низ нив, нашите чувства и, нашите расположенија, ние несомнено итаме кон небото и сме сѐ поблиску и поблиску до него. Додека најпосле, со сестрана благодатна помош од Благиот Утешител, не ја искачиме душата на небесниот брег, пренесувајќи го сиот свој живот на небото.
Тогаш, во својата полнота почнува „нашиот живот на небесата“, иако со телото сме на земјата. Тогаш ние всушност сме над с
ѐ што е земско, над сите земски сласти и страсти. И тогаш. Сите Христови вечности почнуваат да стануваат наши: ние според дарот на Божјата благодат почнуваме да чувствуваме дека и Вечната Вистина е наша, и Вечната Правда, и Вечната Љубов, и Вечниот Живот. И во тоа наше сладосно и радосно живеење, ние со својата душа, со сето срце, со сета волја, со сиот ум итаме од подвиг во подвиг, од добродетел во добродетел. Итаме и низ тага и низ радост, итаме и дење и ноќе, за најпосле во бескраен восхит да почувствуваме дека сме целосно Христови и дека со сето битие сме молитвено спрострени пред Него: Нему Му служиме, во Него живееме.

Што значи тоа да се биде христијанин? – Да се биде христијанин значи да се биде без грев. А тоа значи целиот да се биде Христов, со својата душа, со срцето, со сиот ум, со својата волја. Тоа, пак, се постигнува кога со вера, љубов, молитва и надеж, и со останатите свети добродетели Му го предадеме на Господ и својот ум, и душата, и срцето, и волјата. И Тој тогаш ги обработува и преработува во нова душа, во ново срце, во нов ум, во нова волја...
Чеда мои и мили сестри, вие многупати сте ја почувствувале победата над гревот и смртта, како и неискажливата радост од тоа, која раскошно сте ја доживеале по благодатта Божја. Дај Боже таа радост што почесто да ја доживувате и таа да се претвори во бесмртен жерав – челник на вашите мисли, чувства и расположенија! Благиот Господ во век и веков со сите вас.

Свети Јустин Ќелиски