Свети Игнатиј Брјанчанинов: За ереста
 
 
 
 
 

Свети Игнатиј Брјанчанинов: За ереста (13.02.2022)

Ерес е збор од грчко потекло кое означува какво било посебно, одделно учење. Така и христијанското учење во времето на својата појава понекогаш било нарекувано еретичко (Дела 28, 22). Подоцна, овој назив се применувал исклучиво за произволното и лажно учење за христијанството, одвоено и различно од учењето на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Христијанството е Божјо учење, Божјо откровение. Тоа, како познание кое Бог му го подарил на човекот, мора да биде прифатено и чувано со најголема почит и покорност, кои приличат на таа најголема светиња.

 

Христијанството може да се прифати и зачува единствено со смирена вера, бидејќи тоа надалеку го надвишува човечкиот разум. Тоа е онаа духовна, таинствена книга (Откр. 22, 18-19), Книгата на Божјото Знаење, која ја напиша и издаде самиот Бог и на која ништо не може да ѝ се додаде или одземе. Оттука, јасно е колку тежок грев е ереста. Ереста е огорченост и бунт на тварта против Творецот, бунт и огорченост на ништовното, ограничено битие на човекот против сесовршениот Бог. Тоа е грев на умот, грев на духот, хула на Бога, непријателство против Бога. Последиците на падот преку ерес наликуваат на последиците на падот на отфрлените духови: помрачение на разумот, закоравеност на срцето, разлевање на отрови низ телото и внесување вечна смрт во душата.

Ереста не е способна за смирение (свети Јован Лествичник). Таа го прави човекот целосно отуѓен од Бога. Таа претставува смртен грев. Како плод на гордоста, ереста го држи во железни синџири оној кој е заробен во неа и ретко кој се ослободува од нејзините окови. Упорното истрајување во ереста е својство на еретиците...Човештвото масовно запаѓало во ерес, тоа го покажува историјата на многу народи, додека обраќањето од ерес во Православието може да се забележи во мал број поединечни случаи, и тоа ретко. О колку страшен отров е ереста! Отров од кој тешко може да има исцелување, тоа е ереста!

Ереста е грев на умот.

Суштината на тој грев е богохулењето.

Кога се работи за грев на умот, ереста не само што го помрачува умот, туку и срцето го заробува со скаменетост, убивајќи го со вечна смрт. Преку овој грев, човекот најмногу се вподобува на паднатите духови, чијшто главен грев е противењето и хулењето на Бога.

 

Гордоста е суштинска одлика на паднатите духови; суштинска одлика на еретикот исто така е гордоста, која најочигледно се пројавува преку презрив однос и осудување на сите кои не припаѓаат на одредена секта, непријателство и силна омраза кон нив. Но, најзначајна пројава на гордоста на еретикот и расколникот се состои во тоа што тие, отфрлајќи го Богопознанието и Богослужењето, откриени и соопштени на луѓето од Самиот Бог, настојуваат да ги заменат со самоволно, богохулно и богопротивно богопознание и богослужење. Оној којшто е победен од гревот на ереста и расколот, ѓаволот го искушува со други страсти и очигледни ереси. И зошто, впрочем, ѓаволот би ги искушувал и би се борел со оној кој со смртниот грев на ереста веќе е убиен со вечна смрт и кој веќе западнал во демонска состојба? Баш напротив, ѓаволот го поддржува еретикот и расколникот во воздржување и други надворешни подвизи и облици на добродетел, за на тој начин да го држи во самозадоволство и заблуда, и за со таа маска на светост со која се прикрива еретикот да ги привлече правоверните, или макар да стекне признание од нив, оправдано и извесно одобрување на ереста, сомнеж во вистинската вера и рамнодушност кон неа...

 

Свети Игнатиј Брјанчанинов