За постот
|
||
Светите Дваесет илјади никомидиски маченици
Во времето на свирепиот цар Максимијан Херкул христијанската вера во Никомидија цветаше и се умножуваше секојдневно. Еднаш царот бавејќи се во тој град дозна за христијанското мноштво и за напредокот на Христовата Црква, па многу се огорчи и смисли план како да ги погуби сите. Тогаш се приближи празникот на Христовото Рождество, а царот дозна дека тој ден сите христијани ќе се соберат во црквата, па нареди на денот на празникот црквата да се опколи со војска и да биде запалена. Откако се собраа христијаните по полноќ и откако торжествено го започнаа својот Божествен празник, војниците ја опкружија црквата не пуштајќи никого надвор, а царски пратеник влезе во црквата и им ја објави царската заповед: или веднаш да им принесат жртва на идолите или да бидат изгорени сите. Тогаш со Божествена ревност се распали архиѓаконот и почна да го потсетува христијанското собрание на Тројцата младенци во печката Вавилонска. „Погледнете, браќа, кон жртвеникот на Господовиот олтар и разберете дека на него сега за нас се жртвуваше нашиот Господ Кој е вистински Бог; зарем ние да не ги положиме за Него нашите души на ова свето место?“ Народот се возбуди да умре за Христа, а сите огласени се крстија и се миропомазаа. Тогаш војниците ја потпалија црквата од сите страни, а христијаните, на број дваесет илјади, изгореа во пламенот воспевајќи ја славата на Бога. Пет дена по ова црквата гореше, а од неа се креваше чад со неопислив опоен мирис и на она место се покажуваше необична златозарна светлина. Така славно завршија многубројни мажи и жени, девојки и деца, примија венец на вечна слава во Царството Господово. Пострадаа и се прославија во 302 година.
Тропар
Како темјан благоухан Црквата ги принесе молитвите на дваесетте илјади маченици кон Тебе, о Христе Боже, примајќи ги нивните души во рацете Твои, нив прослави ги, а нам по нивните свети молитви помилуј н?.
Преподобен Симеон Мироточив
Основач на светогорскиот манастир Симоно-Петра. Прославен низ подвизи, виденија и чуда. Се упокои мирно и премина кај Господ во 1257 година.
Светата маченичка Домна
Девица и жреца на скверните идоли на дворецот на царот Максимијан. Откако од некаде ги прочита Делата Апостолски поверува во Христа и се крсти од епископот Кирил во Никомидија заедно со евнухот Индис . Свети Кирил ја упати во женски манастир, каде што игуманија беше блажената Агатија. Но кога царот почна да трага по неа, Агатија ја преоблече во машка облека и ја испрати во машки манастир. Во тоа време во црква беа изгорени дваесет илјади христијани, на заповед на царот Максимијан. Веднаш потоа, по наредба на царот, Светите Индис, Горгониј и Петар беа фрлени во морето откако претходно им обесија камења на вратовите. Војводата Зинон којшто јавно го изобличи царот за идолопоклонство беше заклан; Свети Теофил, ѓаконот на епсикопот Антим, го убија со камења и со стрели. Игуманијата Агатија, монахињата Теофила и големците Доротеј, Мардониј, Мигдониј и Ефтимиј, сите ги погубија заради Христа. Една ноќ Домна одеше по морскиот брег и ги виде рибарите како фрлаат мрежи во морето. Во тоа време таа посебно тагуваше по Свети Индис. Рибарите ја повикаа да им помогне и таа појде, а по Божја Промисла во мрежата извлекоа три човечки тела. Во нив Домна ги позна Св. Индис, Горгониј и Петар, ги зеде нивните тела и чесно ги погреба. Кога дозна царот дека некое момче ги чува и ги кади гробовите на христијанските маченици, нареди да го убијат со меч. Ја фатија и ја убија Света Домна, која стекна маченички венец во Царството Божјо заедно со мачениците.