Преподобната мајка Синклитикија
По потекло од Македонија. Воспитана во Александрија. Како богата и угледна девојка многумина ја бараа за брак, но таа сите ги одби и побегна од домот на нејзините родители во манастир. Поживеа осумдесет години, во најголемо воздржание, пост, бдеење и молитва. Нејзините поуки за монахињите се секогаш сметани за вистински духовни бисери, бидејќи Света Синклитикија високата духовна мудрост ја стекна не преку книги, туку преку страдање, мака, низ деноноќно богомислие и духовно општење со Божествениот свет. Во тој возвишен свет со душата се пресели во 350 година. Меѓу другото, говореше преподобната Синклитикија: „Ако е време на пост не оставај го постот божем заради болест, зашто и оние што не постат запаѓаат во исти болести“. Уште велеше: „Како што изложеното богатство брзо го раграбуваат така и добродетелта, кога се разгласува, се помрачува и се губи“.
Тропар
Блажена, целомудрена мајко наша Синклитикијо, смиреномудрието дишење ти стана, милосрдието – солза со која ги миеше душите на нажалените, подвигот телесен ја покажа силата Христова во тебе. Ние, тоа гледајќи го, верата ја засилуваме и со благодат се напоивме од твоите свети молитви, кои и сега ги вознесуваш пред Бога за спасение на родот човечки.
Водокрст
На 18 јануари, ден пред празникот на Крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан – Богојавление, Црквата се подготвува за големото торжество што ја очекува следниот ден. Затоа, поради важноста на јавувањето на Света Троица во водите Јордански, овој ден е наречен Навечерие на Богојавление (Водокрст, Водопост), и за него е определен еднодневен пост, како воведение во празникот на Просветлението. Мерата на постот за верниците, како и за останатите пости, се определува индивидуално, по силите на верникот и по благослов на духовникот, а с? во склад со Преданието.
Богослужбите на овој ден го пресликуваат поредокот на навечерието на Рождеството Христово – Бадник. Се богослужат Царски часови, како и голема вечерна со Василиева Литургија. После входот со Евангелие и молитвата „Светлино тивка“ се читаат тринаесет паримии, затоа што во раната Црква токму на овој ден, и во овој дел од Литургијата се покрстувале сите огласени што претходно се подготвувале за Свето Крштение. Поредокот на остатокот на богослужбата го следи поредокот на Василиевата Литургија.
По задамвоната молитва се преминува кон Голем водосвет, по кој сите верни се поросуваат со осветената вода, и пијат од неа. Никој не треба да отстапи од вкусувањето на осветената вода, затоа што поради благодатта на празникот се осветува сета природа и сета твар, и човекот треба да земе учество во оваа Тајна.
Постои благочестиво предание на овој и утрешниот ден со осветената вода да се попрскаат домовите на верниците, пеејќи го тропарот на Богојавление. Оваа вода се користи преку целата година, за по нејзината сила здравите да се укрепат, болните да се исцелат, демоните да се изгонат, непријателите да се одвратат и секое добро од Бога да се добие.
Тропар
Кога се вознесе Илија, се поврати тогаш реката Јордан од кожувот Елисеев, и се разделија водите на две страни и водениот стана за него сув пат, како праслика на вистинското Крштение, со кое текот на овој живот го поминуваме: Христос се јави на Јордан, за да ги освети водите.
Светиот свештеномаченик Теопемт и маченикот Теона
Кога Диоклецијан објави гонење на христијанинте, никомидискиот епископ Теопемт беше првиот кој пострада за Христа. Го изведоа пред царот и царот му се закани со смртна казна ако не се одрече од Христа. На оваа закана храбриот епископ одговори: „Напишано е: не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Ти цару, имаш власт над моето тело, прави со него што сакаш“. Многу го биеја, го мачеа со глад и го истизаваа на разни начини. Најпосле царот повика еден маѓепсник, Теона, да му доскокне на Божјиот човек со некои магии. Теона раствори во вода најјак отров и му го даде на Теопемт да го испие. Овој ја прекрсти чашата и го испи отровот. Кога виде Теона дека неговиот отров воопшто не му наштети на Теопемт, се заврте кон царот и возвикна: „И јас сум христијанин и Му се поклонувам на Распнатиот“. Обајцата ги осудија на смрт. Теопемт го убија со меч, а Теона жив во земја го закопаа, во 298 година. Чесно пострадаа и станаа граѓани на Царството Христово.
Тропар
Силата Господова во твојата немоќ се покажа о свети Теопемте, кога од желбата за светот откажувајќи се единствено на Бога му служеше. Преку тебе Теона беше поведен кон спасение, а непријателот човечки посрамен, молете се вие пријатели Христови да се спасат нашите души.
Светиот пророк Михеј I
Современик на Пророкот Илија. Му пророкуваше на царот Ахав за погибелта во војната со Асирците (1 Царства 22; 2 Летописи 18). С ѐ пророкуваше усно и не пишуваше ништо. Друг беше оној Михеј којшто го прорече раѓањето на Господ во Витлеем и напиша книга со пророштва.
Преподобна Аполинарија
Ќерка на Антимиј, намесникот на малолетниот цар Теодосиј Помладиот. Таа му беше постарата ќерка, а помладата беше луда. Аполинарија не сакаше да се мажи, туку во срцето стана Христова свршеница и замина во пустината Мисирска. Во машка облека и под машкото име Доротеј, стапи во машки манастир, каде се подвизуваше вознесувајќи го непрестајно својот дух кон Бога и горејќи од љубов кон Создателот. Некој му посоветува на царскиот намесник да ја испрати неговата луда ќерка кај пустинските монаси да ѝ прочитаат молитва. И по Божја Промисла се случи постарата сестра со својата силна молитва да ја исцели својата луда сестра. Дури кога Аполинарија се упокои, се објави тајната дека не беше машко туку женско. Мажествената храброст на оваа света девица остана за пример и поттик на многумина низ вековите. Се упокои во 470 година.