Светата маченичка Татијана
Римјанка, од угледни родители. Христијанка и ѓакониса на Црквата. По смртта на царот Хелиогабал во Рим царуваше царот Александар, чија мајка Мамеја беше христијанка. Самиот цар беше колеблив и неодлучен во верата; заради ова во дворецот држеше статуа на Христос и статуи на Аполон, на Авраам и на Орфеј. Неговите доглавници ги гонеа христијаните и без царска наредба. Кога ја изведоа девицата Татијана на мачење, таа Му се молеше на Бога за своите мачители. И ете, ним им се отворија очите и видоа околу маченичката четири ангели. Кога го видоа тоа, осуммина од нив поверуваа во Христа, заради што и самите беа мачени и убиени. Света Татијана продолжија да ја мачат: ја биеја, ? отсекуваа месо, ја стружеа со железо и целата накажана и ранета ја фрлија вечерта во затворот за утредента повторно да ја удрат на маки. Но Бог ги испрати Своите ангели во затворот за да ја охрабрат и да ? ги исцелат раните, па Татијана изутрина се јави пред мачителите наполно здрава. Ја фрлија пред лав, но лавот се умилкуваше околу неа и воопшто не ? наштети. ? ја отсекоа косата, мислејќи според нивниот незнабожечки ум дека во косата ? е скриена некоја магија или волшебна сила. Најпосле ја изведоа заедно со татко ? и обајцата ги убија со меч. Така во 225 година го заврши животот оваа славна девица со тело на жена, а дух мажествен.
Тропар
Татјано, света маченичке, Христос пред нозете твои тварта ја покори, твоите молитви од Бога услишани беа, громови идоли разрушуваа, лавови се умилкуваа, неверници во вера се приведуваа, моли се помазаничке на Бога Живиот, благодатта која во тебе делуваше нас да н? укрепува и спасува, по твоите свети молитви, по твоите за Христа принесени подвизи.
Светиот маченик Петар Авесаламит
Родум од Елефтеропол во Палестина. На младост пострада за верата во Христа, во времето на царот Максимин, во 311 година. После многу маки го осудија на смрт. Кога ја сослуша смртната пресуда радосно возвикна: „Тоа е мојата единствена желба, да умрам за Христа!“ Го распнаа на крст и како и Самиот Господ издивна на крстот.
Тропар
Крстот свој го понесе, о Петре маченичке свети, на него измамата идолска ја распна, пред очите на оние кои одеа во смртна сенка, но безумието не ја виде светлината, посведочена од крвта која Христа Го исповедаше, и на крст те прикова кој добивка стана за тебе, а за нас прибежиште, во кое се надеваме на твоите свети молитви. Господи, слава Ти!
Празник на иконата „Млекопитателница“
Така се вика иконата на Пресвета Богородица којашто Св. Сава Српски ја донесе од манастирот на Св. Сава Осветен кај Ерусалим и ја положи во неговата Посница на Кареја на Света Гора. Вака се исполни пророштвото на Св. Сава Осветен изречено осумстотини години претходно, дека ќе дојде некој свештеник српски Сава и дека таа икона и неговиот жезол треба да му ги предадат нему. Кога тој ја посетил обителта на Св. Сава Осветен, монасите се сетиле на ова пророштво на основачот на својата обител и му ги предале иконата и жезолот. Оваа икона е поставена на десната страна од царските двери во Посница, а жезолот во една келија наречена Патерица, на Кареја.
Тропар
Со благоволение на Отецот, од Божествениот Дух бессемено си Го зачнала Синот Божји; Оној Кој постои од Отецот без мајка пред вековите, и заради нас без татко по плот Го родила, и како Младенец со млеко си Го хранела. Затоа, не престанувај да Го молиш, да ги избави од беди душите наши.
Преподобната мајка Теодора
Славна монахиња и наставничка на монахињи од Александрија. „Како што на дрвјата им се потребни зимата и снегот за да донесат род така и на нашиот живот му се потребни маките и искушенијата“, говореше оваа света жена. Се упокои мирно во почетокот на 5 век.