Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 06/02/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобна Ксенија

Родена е во Рим како единица ќерка на прочуен сенатор. Привлечена од љубовта Христова не сакаше да стапи во брак како што сакаа нејзините родители и за да ја избегне мажачката побегна од дома тајно со своите две робинки, па отиде на островот Коа во местото Милас. Овде основа обител на девици што се подвизуваа во христовподобувањето. Иако беше жена, имаше машка издржливост во постот, молитвата и бдеењето. Често стоеше на молитва по цела ноќ. Беше облечена посиромашно од сите сестри, а врз лебот што го јадеше често истураше пепел од кадилницата. Во мигот на смртта (+ 455 г.) над манастирот се појави прекрасен знак: венец од ѕвезди со крст во средината, поблескав од сонце. Од нејзините мошти мнозина болни добија исцеление. Нејзините робинки го следеа примерот на својата игуманија и кога умреа беа погребани, според нивната желба, крај нозете на блажената Ксенија.

Тропар
Туѓинка на земјата, и блажена жителка на небесата, во љубовта божествена сите ги надмина, Ксение преподобна, како грлица верна на Христа докрај Му остана, и живеејќи на земјата за ништо земно не се врза. Затоа, блажена девице, моли се за нас, кои со љубов твојот спомен го почитуваме.

Светиот маченик Вавила

Свештеник во Сицилија. Пострада за Христа со двајца свои ученици во 3 век.

Тропар
Доброволно на себе подвиг на сиромаштво земајќи, се ослободи од бремето светско, о Вавиле, преподобен оче наш, благодатта најде место во срцето твое, па Христос те направи пастир и Свој исповедник, а ти молејќи се Него Го прослави пред незнаењето човечко. Сега, откако венец прими од Владиката, моли се за нас, свет свештеномачениче, да се спасат нашите души.

Преподобен Македониј

Сириски пустиник. Дури на старост се хранеше со печен леб, а пред тоа јадеше само јачменови зрна наквасени во вода. Се упокои во 418 година.

Тропар
Гледајќи ја тагата од овој свет, се зарадува душата твоја, о Македоние, кога дозна дека овде свое прибежиште немаме, туку го чекаме она кое ќе дојде. Затоа поита да странствуваш заради Христа и Царството Небесно, молејќи се непрестано и благодарејќи на Господа, за милоста излеана на родот човечки, по твоите свети молитви.

Преподобен Филон, епископ Кипарски

Посветен за епсикоп од Св. Епифаниј, беше повикан во Рим за со својата молитва да ѝ помогне на сестрата на царот Хонориј. Ги протолкува Петокнижието и Песна над песните. Се упокои мирно во 5 век.

Преподобен Дионисиј Олимписки, Чудотоворец

Се подвизуваше на Олимп. За монах потстрижен на Света Гора, каде што беше игумен на манастирот Филотеј. Пред крајот на животот повторно се повлече во осама на Олимп, каде што и се упокои во 14 век.

Блажена Ксенија Петроградска

Многу работи од земниот живот на света Ксенија останале од нас луѓето сокриени и само Господ Бог ги знае. Родена помеѓу 1720 и 1730 година, а се упокоила околу 1800. Родена била во Петроград, Ксенија Григориевна, млада, убава и образована. Била омажена за дворски певец, полковник Андреј Тодорович Петров. Не се знае точно какво било нејзиното потекло, но самиот брак со угледен, богат и убав млад човек, сведочи за високиот сталеж на нејзините родители, како и за нејзиното образование и примерно поведение. По ништо Ксенија не се разликувала од своите врсници. Но, една вечер нејзиниот Андреј изненадно, иако млад и сосем здрав, починал на некоја забава. Ксенија тогаш имала 26 години. Немала деца, а сега останала и без својот љубен сопруг. Целото нејзино богатство повеќе немало никакво значење, затоа имотот го поделила на сиромаси. За роднините тоа бил знак дека од болка Ксенија полудела, дури до надлежните поднеле молба за да ја спречат во раздавањето на богатсвото. Молбата била прифатена и Ксенија била повикана на разговор. Но веднаш било констатирано дека вдовицата Ксенија е сосема здрава и дека има потполно право со својата имовина да располага самостојно. Смртта на саканиот сопруг на Ксенија ? открива колку е лажна и суетна среќата во овој земен живот. Ослободувајќи се од земното богатство, ја облекува униформата на својот сопруг и заминува во непознато на осум години. А кога се појавува во сиромашното предградие на Петроград, започнува сите да ги убедува дека не умрел нејзиниот Андреј, тука таа, Ксенија Григориевна. Затоа, не се отповикувала на името Ксенија, туку само на името на својот Андреј. На тој начин ги покајувала не само своите гревови, туку и гревовите на својот сопруг. Умирајќи за светот, блажената со целото свое битие се стремела кон Бога. Зачекорила на еден од најтешките патишта – мудроста ја прегрнала со облеката на лудост. Станала јуродива заради Христа. Тоа е еден од најтешките подвизи. Ксенија немала одредено место на живеење. Главно, по цел ден лутала по сиромашното предградие на Петроград, а најмногу престојувала во парохијата каде била црквата на светиот апостол Матеј. Невообичаено и сиромашно облечена, и речиси босонога, без постојано место на живеење. Нејзините алегорични приказни, кроткост и незлобливост, многу често биле исмевани и со подигрување и кај возрасните и децата. Но, пред очите на блажената секогаш бил ликот на невиниот Страдалник, Господ Христос, Кој понизно ги примил и поднесол обвинувањата и плукањето, и навредите, и распнувањето, и самата смрт. Сеќавајки се постојано на Христовите страдања, блажената покорно и мирно ги поднесувала сите навреди и потсмевања.

Тропар
Засакувајќи го сиромаштвото заради Христа, сега се насладуваш на бесмртната трпеза, со привидното безумие, безумието на светот го изобличи, со крсното смирение Божјата сила ја прими. Поради тоа стекна дар на чудотворна помош, Ксение блажена, моли Го Христа Бога да нe избави од секое зло преку покајание.