Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 14/02/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот маченик Трифун

Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ? помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.

Тропар
Маченикот Твој Трифун, Господи, во своето страдање прими нераспадлив венец од Тебе – нашиот Господ; имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги порази мачителите и ја скрши немоќната смелост на демоните. По неговите молитви, спаси ги душите наши.

Кондак
Поткрепен од Света Троица, ти го разруши култот на мноштвото богови, чесен Трифуне, славен во Господа; а кога ги победи мачителите, благодарение на Спасителот Христа, ти го прими венецот на твоето мачеништво како непобедлив, и даровите на божествените исцеленија.

Светите маченици Перпетуа, Фелицитате, Сатир и другите со нив

Во времето на царот Септимиј Север ги фрлија во затвор зашто беа христијани. Света Перпетуа беше по потекло благородничка и таа ги храбреше другите затвореници да не се исплашат да пострадаат за Христа. На сон виде лествица од земјата до небото, сета начичкана со остри ножеви, јадици, клинци и други смртоносни оружја. А на дното од лествицата лежеше страшна змија. И виде како Сатир прв претрча низ лествицата до врвот неповреден, па од врвот ? довикна: „Перпетуа, ајде, те чекам! Но чувај се од змијата!“ Охрабрена од ова Перпетуа застана на главата од змијата како на прво скалило, па брзо редум истрча до врвот. И кога се искачи на врвот, влезе во небесата и ги виде прекрасните дворци небесни и беше многу радосна. Кога им го раскажа овој сон, затворениците растолкуваа дека наскоро им претстои смрт, и тоа прво на Сатир, коешто набрзо и се исполни. Прво го убија Сатир, а потоа Перпетуа и другите редум. Примија од Господ вечна награда во царството на светлината. Пострадаа сите за Христа во 202 или 203 година.

Тропар
На жените мироносици верна наследничке, на верата православна цврста исповедничке, славна маченичке Перпетуо, заради љубовта Христова, светот и земните наслади ги презре, и за Него маченички својот живот храбро го заврши, моли Го секогаш Спасителот за нашите души!

Преподобен Петар Галатиски

Во својата седма година го напушти родителскиот дом заради Христа и се повлече во пустина. Овде со пост и молитва толку се восоврши што правеше многу чуда со силата на Духот Божји. Околу 429 година се пресели во вечното Христово Царство во деведесет и деветтата година од животот.

Тропар
Христова пофалбо на мртвите кои оживеаја, со благодатта Господова и подвигот ангелски, оче преподобен Петар – ти кој умре пред да умреш, за нас моли се од живеалиштето на живите, сенка од твоите во Христа молитви да добиеме, за да се спасат нашите души.