Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 18/02/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светата маченичка Агатија

Оваа славна девица и маченичка за Христа има потекло од сицилијанскиот град Палермо, од благородни и имотни родители. Кога царот Декиј подигна гонење на христијаните Света Агатија беше фатена и изведена пред судијата Квинтијан. Тој кога ја виде прекрасна на лице, посака да ја има за жена. Но штом ? предложи, Агатија му одговори дека таа е невеста Христова и дека не може да го изневери својот вереник. Судијата ја подложи на тешки маки. Ја биеја, ја исмеваа врзана за едно дрво и ја тепаа до крв. Потоа Квинтијан повторно ја посоветува да се одрече од Христа и да ги избегне натамошните маки, но на ова невестата Христова му одговори: „Овие маки се многу корисни за мене. Како што пченицата не може да влезе во амбарот пред да се очисти од плевата така ни мојата душа не може да влезе во Рајот ако најнапред телото не е скрушено со маки“. Тогаш мачителот нареди и ? ги отсекоа градите, па потоа ја фрлија во затвор. Во затворот ? се јави апостолот Петар и ? го врати целото здравје на телото. Повторно ја изведоа на мачење и повторно ја фрлија во затвор, каде што Му ја предаде својата душа на Бога, во 251 година, во градот Катана, а во времето на царот Декиј. После смртта на Агатија нејзиниот мачител Квинтијан појде да го приграби нејзиниот имот, но по патот се разбеснеа коњите што ги јаваа тој и војниците, па сиот го изгризаа по лицето, го фрлија на земја и го изгазија со нозете намртво. Толку брзо го стигна казната од Бога за дивото злосторство над Света Агатија.

Тропар
Господи Боже наш, како јагне поведено на колење за наше искупување, послушај ги молитвите на Твоето јагне Агатија, и поради нејзината жртва пред Тебе поставена, смилувај се над нашите прегрешенија, а таа прославена на небото и на земјата нека биде наша застапничка во вечни векови.

Светата маченичка Теодула

Пострада за Христа во времето на нечестивиот римски цар Диоклецијан. При мачењето Теодула го вразуми еден од мачителите, Еладиј, и го приведе кон Христовата вера. Кога Еладиј јавно ја исповеда својата вера во Христа, го убија со меч. На судот Теодула се држеше многу храбро, а за ова судијата ја нарекуваше безумна. Затоа Теодула му рече: „Безумни сте вие што Го заборавивте единствениот вистинит Бог, а им се поклонувате на мртвите камења“. Судијата ја подложи на тешки маки, а нив Теодула ги издржа храбро и со оваа храброст во маките многумина ги восхити и ги обрати кон Христа. Меѓу нив беа и двајца угледни граѓани, Макариј и Евагриј. Нив двајцата и мнозина други ги фрлија заедно со Света Теодула во усвитена печка. Така го завршија земниот живот и се удостоија со Христовото царство.

Тропар
Славејќи ја победата на животот над смртта, блажена маченичке Теодуло, ја разреши гордоста демонска, и сите нe поучи да се надеваме на Бога. Денес, утврдени од радоста твоја во Христа, те молиме твоите молитви да ни бидат сопатници, на патот до Небесното Царство.

Свети Полиевкт, патријарх Цариградски

Заради неговиот висок ум, набожна ревност и чесноговорливост го нарекоа втор Златоуст. Во времето на патријархот Полиевкт и царот Константин Порфирогенит во Цариград дојде и руската кнегиња Олга и таму се крсти во 957 година. Патријархот ја крсти, а царот ѝ беше кум. Свети Полиевкт пророчки ѝ рече: „Благословена си ти меѓу руските жени, зашто ја засака светлината и ја отфрли темнината, ќе те благословуваат синовите руски до последното колено“. Полиевкт беше земен за патријарх во 946 година и остана на патријаршискиот престол до смртта во 970 година.