Свети Вукол, епископ Смирненски
Ученик на Св. Јован Богослов, којшто и го посвети за епископ на градот Смирна. Во Смирна тогаш имаше малкумина крстени. Свети Вукол блескаше сред темнината на незнабоштвото како јасна свеќа. Се одликуваше со сите добродетели, а особено со благост и со кротост. Пред смртта Вукол го посвети за свој наследник во епископството славниот Поликарп, а самиот мирно се упокои и отиде кај Господ.
Тропар
Пастиру Христов Вуколе свети, од ученикот на љубовта, богословот преку кого Духот глаголаше, ти епископски жезол прими, мракот на незнаењето го осветли и вселената со вистината ја разбранува, моли се утехо на овците словесни од тежината на гревот да бидеме ослободени, по твоите свети молитви.
Светата маченичка Фауста
Пострада за Христа во времето на царот Максимијан (помеѓу 305 и 311 година). Со своето јунаштво ги восхити и ги обрати кон христијанство своите мачители: осумдесетгодишниот жрец Евиласиј и епархот Максим. Кога судијата ? се закани на Фауста со уште пострашни маки, таа му рече да изработи нејзина икона со изобразба на сите оние маки со коишто ? се заканува. Кога беше готова иконата и ? ја покажаа, Света Фауста рече: „Како што оваа икона не чувствува никакви маки така ни моето тело не ги чувствува маките од твоите казни, зашто душата моја е утврдена во Бога“. Судијата ја фрли во котел со врела вода и во него ова тринаесетгодишно девојче претрпе смрт и со молитва на усните отиде со душата во Рајот.
Тропар
Носителка на пламенот на верата во себе, светата девстеница Фауста, го запали срцето на Евиласиј и Максим за вистината, и тие скротени од благодатта Христова Го исповедаа Спасителот пред светот. Сите тројца во купелот на простувањето, како со кораб во мирни води стигнаа до Христа, и по нивните молитви Господ да ги прости нашите гревови, подавајќи ни милост голема.
Светата маченичка Доротеја
Угледна и прекрасна девица од Кесарија Кападокиска. Управникот на областа Саприкија им ја даде Доротеја на двете незнабожечки сестри Христина и Калиста за да ја одвратат од Христа. Но се случи обратно: Доротеја успеа да ги обрати обете сестри во верата Христова. Налутен Саприкиј нареди и ги врзаа овие две сестри со плеќите една за друга, па ги фрлија во каца со смола и ги запалија. Тогаш ја осудија на смрт Доротеја. Таа радосно ја ислуша пресудата и возвикна: „Ти благодарам, душељубецу Христе, што ме повикуваш во Твојот Рај и ме воведуваш во пресветите дворци Твои!“ Некој присутен големец Теофил ? се насмае на Доротеја за овие зборови и ? довикна: „Чуј, невесто Христова, испрати ми јаболки и цвеќе од шипинките од Рајот на твојот жених!“ „Навистина ќе ти испратам!“, му одговори маченичката. Кога Доротеја беше на губилиштето одеднаш се појави едно прекрасно момче со три чудесни јаболка и три црвени цвета од шипинки. Тоа беше ангел Господов. А беше зима. Доротеја му рече на ангелот да му ги однесе на Теофил и да му рече: „Еве ти што бараше!“ Кога Теофил ја прими пораката и го виде дарот, сиот го обзеде страв. И с ? се преврте во него, па тој, закоравен незнабожец, стана христијанин. Беше и мачен и убиен за Христа, а отиде со душата во Рајот на Господ Исус набрзо после Света Доротеја.
Тропар
Кормиларот те поведе накај што сакаше душата твоја, о Доротео,света девственице, по тој пат благодатта знаменија сееше, кои плодови донесоа во душите на Христина и Калиста, а оган запалија кај Теофил, кој од рајот на сладоста плодови прими. Молете се за нас, вие свети маченици, жители на небесните населби.
Свети Фотиј, патријарх Цариградски
Голем светилник на Црквата. Роднина на царот и внук на славниот патријарх Тарасиј. Крепостен заштитник на Црквата од папското властољубие и од другите римски изопачувања на верата. За шест дена ги помина сите чинови од лаик до патријарх. Стана патријарх на Божик, 857 година, а се упокои во Господ во 891 година.
Тропар
Светлината од Светлина те поведе и нахрани, Духот Кој од Отца исходи те просветли и бодреше на сите патишта твои, о Фотие пастиру Божји, Господ преку тебе ја утврди вистината, во срцата, во умот. Денес прославувајќи Го Бога во тебе, Неговиот светија, ја величаме Неговата милост, не ги криеме многуте штедрости што Пастирот ги покажа, по твоите, о Фотие, свети молитви.
Преподобните Варсонуфиј и Јован
Големи подвижници од Газа, проѕорливци и чудотворци. Ја составија прочуената книга „Одговори“ за многу прашања од духовниот живот. Живееја во 6 век.
Тропар
Вие кои умревте за сите, Бог ве оживеа, просветли, прослави и возвелича, бидејќи со благодатта Негова станавте потполно ум, потполно око, потполно светли, потполно совршени, потполно богови по благодат, о Варсануфие и Јоване – оставајќи ни одговори, молете се за нас да го стекнеме смирението, и трпение ваше, за потполно да љубиме и Бога Го добиеме.
Светите маченички Марта и Марија и нивниот брат Ликарион
Сите тројца беа распнати на крст за Христа, па потоа избодени и умртвени со копја.
Тропар
Силата Твоја, Господи, во исповедниците го надминува разумот човечки, така Марта, Ликарион и Марија младоста која поминува ја заменија со венци на животот вечен, и солзите на болките породилни, со радости неискажливи. Затоа, денес се и наши застапници, пред Твоите, о Господи, праведни судови.