Светиот свештеномаченик Власиј
Родум од кападокиската област. Богобојазлив и кроток уште од раното детство. Заради своите големи добродетели беше избран за епископ на градот Севастија. Во тој незнабожечки град Св. Власиј беше големо духовно светило. Во времето на тешкото гонење на христијаните Св. Власиј го храбреше своето стадо и ги посетуваше Христовите маченици по затворите, меѓу кои особено се истакнуваше славниот Евстратиј. Кога градот Севастија остана сосем без христијани - едни пострадаа, други побегнаа - тогаш старецот Власиј се повлече во планината Аргеос и таму се насели во една пештера. Дивите ѕверови го познаа светиот човек и се приклонија кон него и ги милуваше. Но гонителите го најдоа светителот и во неговото скривалиште и го поведоа да му судат. Патем Власиј исцели едно момче на кое му беше застанала коска во грлото; и на поплаката на една вдовица дека волкот ? го грабнал прасето направи со силата на својата молитва и волкот го врати украденото. Мрачните судии го мачеа жестоко, го биеја и го стружеа. Со својата непоколебливост во верата Свети Власиј многумина ги обрати кон Христа. Заедно со него беа затворени седум жени и две деца. Прво ги заклаа жените, а потоа и чудесниот Власиј со децата. Пострадаа и се прославија во 316 година. Народот му се моли на Св. Власиј за здравјето на добиците и за заштита од ѕверовите.
Тропар
Велик молитвенику пред Господа, Власие свети епископе, мачениче преку кого Христос силата на благодатта ја посведочи. Моли се за нас, о ти подвижниче, на кого ѕверовите се покоруваа, болните се исцелуваа, седумте жени маченички со небесни домови се здобија, да добијат од Бога милост голема сите кои го празнуваат твојот свет спомен.
Светиот маченик Георгиј Кратовски
Македонец од градот Кратово. По занает златар. Во срцето и со сета душа христијанин. Имаше осумнаесет години кога Турците сакаа да го потурчат, но остана тврд во верата како прекрасен дијамант. Тогаш Турците го мачеа со најлути маки и најпосле жив го запалија. Пострада за Христа на 11 февруари 1515 година во Софија, во времето на царот Селим и се прослави со невенлива небесна слава.
Тропар
Во трпењето на многу искушенија во Твоите подвизи, Георгие, си ја претрпел и смртта огнена, и по својата смрт си примил нераспадлив венец со маченичките хорови, и сега достојно се населуваш во земјата на кротките, блажени. Моли се на Христа Бога за нас, кои се вера се поклонуваме на гробот од твоите мошти.
Кондак
Посакувајќи ја небесната слава, преблажен и многустрадален (маченику), си ја посрамил и уништил персиската заблуда, и си примил венец на победата, славен Георгие, веселејќи се заедно со ангелите и живеејќи заедно со мачениците, имењаку на воинот со исто име (Георгиј). Со нив моли се на Христа Бога за сите нас непрестајно.
Света Теодора
Грчка царица, сопруга на злобниот иконоборен цар Теофил. По смртта на овој цар царицата Теодора се зацари со својот син Михаил III. Веднаш го воспостави иконопочитувањето на Соборот во Цариград во 842 година. Во таа прилика беше востановено и празнувањето на победата на Православието коешто оттогаш се врши во првата недела на Чесниот пост. Оваа света, за Црквата заслужна жена, Му ја предаде својата душа на Бога на 11 февруари 867 година. Во тоа време на потполно торжество на Православието над сите ереси, според прекрасната Божја Промисла меѓу Словените беа испратени Светите браќа Методиј и Кирил како христијански мисионери.
Тропар
Блажена си ти, Теодоро, слугинко на Бога Вишниот, која Ликот Божји и Неговите угодници на светите икони ги почитуваш, блажена си заштитнице на Православната вистина, која народот во спасоносната вера го поведуваш, блажена си и за своето трпение, кое нам како пример ни го оставаш, со кое Христа треба да Го дочекаме во висините.