Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 11/03/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот маченик Агатангел Битолски

Овој македонски светител пострада од Агарјаните во 1727 година. Како што пишува на кивотот во кој денес во Бигорскиот манастир се чува неговата чесна глава, во тој период од нивното петвековно владеење со македонските краишта Агарјаните имале необичен и свиреп обичај за време на тридневното празнување на Бајрам насилно да го преведат во својата исламска вера секој христијанин што ќе го нашле. Во страв и трепет пред нивниот незадржлив гнев незаштитените и угнетени христијани се сокривале кој како умеел и можел. Раката на друговерните гонители пак, секогаш успевала да докачи по некоја нејака жртва и да го изврши злото над невиниот човек. Мнозина од уловените македонски христијани гонителите ги наоѓале неподготвени да појдат на маченички подвиг и исходот на спасението на оние што го примале исламот под тешка закана останувал неизвесен. Но Бог разгоре љубов кај Својот храбар следбеник Агатангел, кој реши да се дрзне, та со помош Божја да му стави крај на нечесното затирање на кревките и неопитни души. Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел појде во царскиот сарај и со богомудри зборови пред турските големци се заложи тоа насилно исламизирање на невините христијани на Бајрам да запре. Со содејство Божјо светителот успеа да најде милост пред агарјанските првенци и тие, според ферманот приготвен за таа добра намера, го укинаа гонењето на христијаните на Бајрам. Но Бог, за да ја открие вистинската верност на Својот ревнител Агатангел им допушти на неколкумина Агарјани во Битола да му се нафрлат на светиот маж и да го погубат. А свети Агатангел чесно пострада од нив, простум примајќи го својот небесен венец од Христа, Кому Му поверува: „Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.” (Мат. 29 – 33 )

Тропар
Следејќи Го Христа на Голгота, благодатта го исполни срцето твое, и со ревност мажествена истапи пред дверите на беззаконието, за да се врати слободата на угнетените, о Агатангеле светол мачениче, награда не те одмина, главата твоја во слава овенчана Небесата ја прославија, и ние денес поклонение и чествување принесуваме, Бога Го прославуваме, Кој по твоите молитви свети, милост голема кон нас покажува.

Преподобен Прокопиј Декаполит

Овој светител беше од Десетоградието (Декаполис) околу морето Галилејско, заради што и се нарече Декаполит. На испоснички живот се предаде во младоста и ги мина сите пропишани подвизи за очистување на срцето и возвисување на духот кон Господ. Но кога настана гонењето за иконите од страна на злобниот цар Лав Исавријанин, Прокопиј стана во заштита на иконите, докажувајќи дека иконопоклонувањето не е идолопоклонство, зашто христијаните знаат дека поклонувајќи им се на иконите не ? се поклонуваат на материјата туку на живите светители насликани на иконите. Заради ова го мачеа ѕверски, го затвараа, го биеја и го стругаа со железо. Кога беше убиен злобниот цар Лав, иконите беа вратени во црквите, а Прокопиј се врати во својот манастир и во него во мир го проживеа остатокот од животот. На старост се пресели во Царството Божјо, каде што со радост ги гледа ангелите и светителите чиишто ликови ги чествуваше на иконите на земјата. Мирно се упокои во 9 век.

Тропар
Благодариме за лицето со бори прекриено, и за браздите од солзи ископани, свет исповедниче Прокопие, но се радуваме на ликот твој очистен и прославен од Небесните висини, кој нам благодат ни дарува од Христа Бога, поради мачеништвото, награда за исповедништвото, но и за молитвите, принесени тогаш, а и сега за родот човечки.

Преподобен Талалеј

Испосник сириски. Прво се подвизуваше во манастирот на Свети Сава Осветен, но потоа се насели на некои многубожечки гробишта прочуени по појави на демони и плашила. За да го победи стравот во себе со верата во Бога, Талалеј се насели таму и на гробиштата живееше долги години многу трпејќи од нападите на злите духови дење и ноќе. Заради големата вера и љубов кон Господ, Он му даде дар на чудотворство, па им направи многу добрини на болните и страдални луѓе. Се упокои околу 460 година.

Тропар
Ученику Христов, Талалее свети, Учителот те освети знаците на времињата да ги распознаваш, кои за покајание Он ги даде на родот човечки, во тебе Господ го исцрта патот на преумувањето, плачот на радоста и сладоста на молитвата. Тебе те молиме сега и секогаш, оче благодатен, за нас застапи се пред Престолот Вечен.

Преподобен Тит Печерски

Тит беше презвитер и имаше нелицемерна љубов кон ѓаконот Евагриј како брат кон брат. Но колку што беше голема нивната љубов во почетокот толку голема омраза посеа ѓаволот меѓу нив подоцна. Толку се замразија што кога едниот кадеше во црквата другиот се свртуваше и излегуваше надвор. Тит повеќепати се обидуваше да се помири со својот противник, но залудно. Тој се разболе и сите мислеа дека ќе умре. Замоли да му го доведат Евагриј за да се простат. Со сила го довлечкаа Евагриј до постелата на Тит, но тој се истргна и рече дека на Тит нема да му прости ниту на овој ниту на оној век. Кога го рече тоа се спростре на земја и издивна. А Тит се крена здрав од постелата и раскажа како демоните летаа околу него с ѐ дури не му прости на Евагриј, па кога му прости навалија на кутриот Евагриј, а него го опколија ангелите Божји. Се упокои во 1190 година.

Преподобен Стефан

Прво беше дворски чиновник кај царот Маврикиј. Потоа ја остави дворската служба и гонет од Христовата љубов подигна дом на милосрдие за старците во Цариград. Мирно се упокои во 614 година.

Светиот маченик Јулијан Подагрик

Страдаше од подагра и не можеше ниту да стои ниту да оди. За верата во Христа го изведоа на суд и жив го изгореа на клада заедно со неговиот ученик Кронион во времето на царот Декиј во Александрија.

Преподобен Ефрем Катунакиски

Старец Ефрем Катунакиски е роден во 1912 година во Амбелохори во Тива, од татко Јоанис Папаникитас и мајка Викторија. Старецот беше крстен со името Евангелос. Заврши Гимназија, но благодатта Божја ги затвори во Евангел световните порти на возобновата. Во Тива, каде што се беше преселило неговото семејство, Евангелос ги запозна своите Старци – Ефрем и Никифор. Животот на Евангелос беше монашки. Се подвизуваше духовно со Исусовата молитва, со метании, пост и главно со послушност. На 14 септември 1933 Евангелос го напушти светот и дојде во пустината на Света Гора во Катунаки, во исихастирионот на преподобен Ефрем Сирин и положи метанија во братството на Старците Ефрем и Никифор. По искушеништвото стана монах со мала схима, со име Лонгин, а во 1935 година доби велика схима од Старецот Никифор и го доби името Ефрем. Следната година стана јеромонах. Отец Ефрем се удостои и го запозна водачот на исихастичкиот живот, проѕорливиот и свет Старец Јосиф Исихаст (1898 – 1959) и се поврза духовно со него, со благослов на неговиот Старец Никифор. Во 1973 година се упокои јеромонахот Никифор, Старецот на отец Ефрем. После 1980 старецот имаше собрано братство и ја запазуваше заповедта на Старецот Јосиф да го добие братството по смртта на Старец Никифор. Старец Ефрем имаше голема духовна борба со непријателот на духовниот живот – суетата. Неговите жртви беа за Христа, а не за пофалби од луѓето. Литургијата за отец Ефрем беше потресен настан. Уште од првата Литургија која ја отслужил, сетилно ја гледал благодатта Божја како ги претвора даровите. По осветувањето на чесните дарови, Го гледаше Самиот Христос на дискосот и беше невозможно да ги задржи солзите, кога доаѓаше на ред раздробувањето на Телото Христово. Течеа солзи врз антиминсот во текот на Литургијата и околу себе гледаше ангели како му сослужуваат. Старец Ефрем беше украсен со дар на прозорливост и ја гледаше духовната состојба на секој клирик или монах и му даваше соодветни духовни лекови за напредок во духовниот живот. Благодатта Божја го имаше украсено старец Ефрем и со дар на предвидливост, па затоа и гледаше состојби кои доаѓаат (како земјотресот во Солун во 1977 година), и често ги повикуваше верниците, па и малите деца со имињата, кои по многу години ги добиваа при нивното монашење. Завештанието на блажениот отец Ефрем за единството на Православните беше јасно: „Расколот лесно станува, единството е тешко“. Во 1996 отец Ефрем имаше мозочен удар и остана неподвижен. Воопшто не негодуваше, туку Го славословеше Бога. Ни го остави својот пример за соочување со болестите. На 14/27 февруари 1998 отец Ефрем Катунакиски, светогорската легенда, ја предаде својата осветена душа во рацете на Создателот, Кому му служеше уште од детството. Во ноември 2019 година, Цариградскиот Патријарх г. Вартоломеј објави дека старец Ефрем наскоро ќе биде канонизиран, заедно со уште пет други нови светители.