Преподобен Јован Касијан
Овој голем духовник се роди во Рим од угледни родители. Во младоста ги изучи сите светски науки, особено философијата и астрономијата. Потоа сиот се предаде на изучување на Светото Писмо. Вдавајќи се од добро на подобро и сакајќи с ? поголем степен на совршенство, Касијан замина од Рим за Цариград за лично да го види и чуе Свети Јован Златоуст. Златоуст го поучи и го посвети за ѓакон. Откако многу се исползува со мудроста на Светиот Златоуст, се упати понатаму на Исток за уште повеќе да се поучува и усовршува. Најмногу се задржа во Мисир, во Нитрија, меѓу прочуените духовни атлети, од кои се научи на вежбање во сите добродетели. Најпосле повторно се врати на Запад и се насели во градот Марсеј. Овде основа два манастири, еден машки и еден женски. На молба на монасите напиша повеќе списи од кои особено полезен за љубителите на духовниот живот е: „Осум книги за борбата против осумте главни страсти“. Особено важен е неговиот спис против еретикот Несториј. Касијан го напиша тој спис на молба на архиѓаконот Лав. Му послужи верно на Господ и се пресели во вечниот живот во 435 година. Моштите на Свети Касијан и денес почиваат во Марсеј.
Тропар
Преподобноста со труд добродетелен ја задоби, благодатта Божја те преисполни, о свет оче Јоване Касијане, патеводител ти беше Јован Велики, ученик Лав смирени, а ти кој си пофалба на Јован Лествичник. Бестрасноста твоја до престолот Божји те возвиси, оттаму на нас ти погледни, и моли ја Светлината да н? прими при Себе очистени.
Преподобен Варсонуфиј
Родум од Палестина. Роден како незнабожец, а се крсти во својата осумнаесетта година и веднаш се замонаши и го доби името Јован. Кога се прочу со својот добродетелен живот, го избраа за архиепископ на Дамаск. Но не остана долго на таа положба. Жеднеејќи по осамен духовен подвиг тајно го напушти Дамаск и отиде во Нитриската пустина. Овде се пријави под името монах Варсонуфиј и веднаш го доби послушанието на манастирски водоносец. Некогашниот архиепископ ова послушание го прими со радост. Со своето расудување и со другите вредни добродетели наскоро им стана пример на сите монаси. Дури пред смртта на монасите им беше откриено кој е тој. И така овој светител послужи со својот пример за укор на гордите и властољубивите, а за утеха на смирените и кротките. Се упокои мирно во 457 година.