Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 17/03/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Прочка

Во овој ден правиме спомен на паѓањето на првосоздадениот Адам од рајската храна, што божествените отци наши го определија пред почетокот на светата Четириесетница, за да покажат со тоа колку на човековата природа ? е потребен постот како средство за лекување, а колку е гнасно лакомството и непослушноста. Со примерот на Адам Светите Отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. Адам, јадејќи од забранетиот плод, мислеше дека ќе стане бог. Но, не само што не стана тоа, туку и смртта си ја навлече, а и пропаст на целиот род. И токму поради јадењето на првиот Адам, Господ постеше четириесет денови и беше послушен, и токму поради тоа и сегашниов пост е предложен од светите апостоли, па запазувајќи го она што Адам не го запази, преку постот повторно да ја стекнеме нераспадливоста што тој ја загуби. Впрочем, како што веќе рековме, целта на светите е за малку време да ги придобиеме делата Божји од почетокот до крајот и бидејќи сите ние еднакво ја делиме одговорноста на престапот Адамов и неговиот пад, од таа причина отците предложиле, сеќавајќи се на него, да го одбегнуваме неговиот пример, наместо да ја подражаваме неговата невоздржливост.

Преподобен Герасим

Овој познат светител најпрво се учеше на подвижнички живот во Тиваида Мисирска, а потоа премина на Јордан и таму основа обител во која имаше околу седумдесет монаси и која до ден денес постои. За својот манастир постави посебен типик, според кој пет дена монасите поминуваа по келиите плетејќи кошници и рогозини; внатре не ложеа оган, а јадеа само по малку сув леб и урми. Кога излегуваа од своите келии ги оставаа отворени за да може секој кој би влегол внатре да си земе што сака. Во сабота и во недела се собираа во манастирската црква, имаа заедничка трпеза, со вариво и со малку вино во слава Божја. Тогаш секој монах ќе донесеше и ќе го положеше пред нозете на игуменот она што го изработил во изминатите пет дена. Монахот имаше само по една облека. Свети Герасим им беше пример на сите. За Чесниот Пост не јадеше ништо освен што се причестуваше. Еднаш виде лав како рика од болка бидејќи имаше трн во ногата. Герасим пријде, се прекрсти и му го извади на ѕверот трнот од ногата. Лавот толку се скроти, што појде по Старецот во манастирот и остана таму до неговата смрт, а кога умре Старецот и лавот загина од болка по него. Свети Герасим учествуваше на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, во времето на Маркијан и Пулхерија, па иако и тој најпрво клонеше кон монофизитската ерес на Евтихиј и Диоскор, на Соборот се покажа како голем поборник за Православието. Од таа ерес го одврати Свети Ефтимиј. Од учениците на Св. Герасим најславен беше Св. Киријак Отшелник. Свети Герасим се упокои и премина во радоста на својот Господ во 457 година.

Тропар
О Герасиме оче наш, славо на подвижниците, учителу на смиреномудрите, ученику на великиот Ефтимиј, скротувачу на телесните и духовните ѕверови, Христос на Кој се молеше сето тоа ти го подари, застапи се за нас, свет подвижниче, пред Оној Кој пустината во рајска градина ја приведе.

Светите маченици Павле и Јулијана

Брат и сестра од Птолемаида Феникиска. Беа страшно мачени за Христа од царот Аврелијан и најпосле ги убија со меч. При нивните мачења се покажаа многубројни чуда. Незнабожците што ги видоа се обратија во верата, а некои од нив беа и убиени. Пострадаа во 273 година.

Тропар
Кој освен небесата може да ја искаже силата Господова, подарена на вас, свети маченици Павле и Јулијано, кои на Бога Му угодивте, верата ја сочувавте, Него Го исповедавте, во сите денови на вашиот живот. Одмор сега имајќи од вашето мачеништво, за нас молете се од вишниот Ерусалим, Господ да се смилува над нашите души.

Свети Јаков Постник

Живееше во 6 век. Толку се восоврши во богоугодниот живот што со молитва ги лечеше најтешките болни. Но непријателот на човечкиот род наведуваше врз него силни искушенија. Така еднаш едни подбивачи испратија кај него една развратна жена. Таа се преправаше пред него и плачеше, а го навлекуваше на грев. Гледајќи дека ќе падне во грев Јаков ја стави својата лева рака во оган и ја држеше така додека не се испржи целата. Кога го виде тоа жената се исполни со страв и ужас, се покаја и го поправи својот живот. Но во друга прилика тој не му одолеа на искушението а падна во грев со една девојка којашто родителите ја донесоа кај него како избезумена за да ја исцели од лудилото. Тој навистина ја исцели, но потоа згреши со неа и за да го скрие гревот ја уби и ја фрли во реката. Тоа е вообичаено: од блудот до убиството нема многу. По ова Јаков поживеа десет години во еден гроб како покајник. Еднаш во време на голема суша од која страдаа и луѓето и животните, по неговите молитви падна дожд и по тоа позна дека Бог му го прости гревот. Овој пример е сличен на Давидовиот: свирепиот зол демон по Божјо допуштение може да ги собори и најголемите духовни џинови, но искреното покајание го привлекува Божјото милосрдие. А најголемите гревови биваат простени тогаш кога грешникот самиот си наложува сесрдна казна за гревот, таква што ги зафаќа сите длабочини на неговото битие.

Тропар
Длабочина неизмерлива е милосрдието Твое Господи, кое го изли на слугата Твој Јаков, а он повратникот од мртвите, слава подаде на Името Твое, чест на силата искажана во чудата, поклон пред љубовта Твоја, која него го помилува, а и нас нe запазува, по неговите покајни свети молитви.