Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 23/03/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Тодорова сабота

Во овој ден, прва сабота од постот, го празнуваме преславното чудо со коливото на светиот и славен великомаченик Теодор Тирон, кое има ваков почеток: за време на владеењето на Јулијан Отстапник (по Констанциј – синот на големиот цар Константин), кој отпаднал од Христос и му се вратил на идолопоклонството, започнало гонење на христијаните, јавно или прикриено. Откако се одрекол од свирепото и нечовечно јавно измачување на христијаните, смислил начин тајно да ги оскверни. Во првата седмица од Великиот пост царот Јулијан го повикал управникот на градот и му заповедал да ја тргне храната што обично се продава на пазарите и да ја замени со храна, односно со лебови и пијалаци осквернети со крв од идолски жртви, та оние што постат, купувајќи и јадејќи од оваа храна да се осквернат. Управникот на градор веднаш ја извршил наредбата. Но, по промислата Божја оваа подмолна намера му била откриена на великиот маченик Теодор, наречен Тирон, и го испратил кај градскиот архиереј Евдоксиј да го извести за намерата на царот. Свети Теодор отишол кај архиерејот и му рекол: „Стани веднаш и собери го стадото Христово и кажи му да не купува ништо од пазарите, зашто храната е осквернета со жртвена крв, по наредба на нечестивиот цар. Овој, пак, чудејќи се, го прашал: „Што ќе прават тие што немаат храна дома, ако не одат на пазар да купат?“ Свети Теодор му одговорил: „Нека јадат коливо (варена пченица)“. Патријархот веднаш станал и на мнозина им кажал за своето видение, и на тој начин ја запазил својата паства од подмолната завера на царот-отстапник. Кога царот видел дека не му успеала намерата, наредил на пазарите повторно да се изнесе вообичаената храна. А Христовиот народ, кога завршила седмицата, му оддал благодарност на свети Теодор, и со радост оваа сабота ја определил да се слави во негов спомен.

Светиот маченик Кодрат Коринтски и другите со него

За време на гонењето на христијаните многумина верни се разбегаа по планините и по пештерите. Така направи и мајката на овој Кодрат. Но токму во тоа време беше бремена, па во шумата го роди Кодрат и наскоро умре. По Божја Промисла и чуван од ангелот чувар, хранет и воден, Кодрат порасна во осаменост во природата. Оној Кој му даваше манна од небото на Израилот во пустината, му пушташе и на младенецот Кодрат слатка роса од облаците на усните. Кога имаше дванаесет години тој слезе в град и таму едни добри луѓе го засакаа и го дадоа да учи. Тој ја изучи лекарската вештина и ги лечеше болните колку со природните лекови толку, но и уште повеќе, со молитвата на која се привикна од детството. Кога настана ново гонење под Декиј, Кодрат беше изведен на суд и фрлен во затвор. Нему му се придружија и петмина негови другари и го исповедаа името Христово. Тие беа Кипријан, Дионисиј, Анект, Павле и Крискент. Незнабожците ги влечеа по улиците и, особено нивните деца, ги биеја со стапови и со камења дури не ги одвлекоа до губилиштето. Мачениците Му се помолија на Бога, па беа обезглавени. На тоа место изби извор со вода, којшто и денес го носи името Кодратов и потсетува на херојската смрт за Христа на овие шесточисленици. Пострадаа чесно за вистината во 250 година во Коринт, во времето на царот Декиј и неговиот намесник Јасон.

Тропар
О Кодрате свет оче наш, подигнат во пустината од Оној Кој го знае почетокот и крајот на животот, умудрен да станеш пастир на многумина, ги научи на тебе доверените да добијат чест за верата и слава за мачеништвото, моли се Божји помазанику, Христос за нас да покаже милост голема, и да ги спаси нашите души по твоите свети молитви.

Светиот маченик Кодрат Никомидиски

Беше богаташ и благородник, а уверен и крстен христијанин. Во времето на гонењето на Валеријан, кога мнозина христијани беа затворени, Кодрат ги потплатуваше затворските власти и влегуваше по затворите, им носеше потребни намирници на заробените и ги утврдуваше во верата. Кога беа изведени пред судијата и прашани за името, татковината и статусот, тие молчеа. Тогаш зад нив се појави Кодрат кој извика на сиот глас: „Христијани сме по име, благодарни слуги на Господ Исус Христос, а град и татковина ни е небото“. После оваа изјава го подложија на суд и по долги маки го убија заедно со другите.

Тропар
Божја пофалбо, Кодрате свет, вселената денес и во веки прослава на Господа вознесува, што таков слуга има, кој пријател Негов постана, и дом измоли за себе и оние кои по неговите молитви од Христа милост добија. Радувај се, свет великомачениче, и заедно со Сатурин, Руфин и останатите, за нас молете се.

Преподобната мајка Анастасија

Патриција и дама на дворецот на царот Јустинијан. Кога остана вдовица и виде дека царицата Теодора не ја поднесува, таа ненадејно се изгуби од Цариград и се најде во Мисирската пустина. Прочуениот духовник авва Данило ја потстрижа во ангелски образ и ја објави како монах Анастасиј евнух. Ова беше според нејзината желба, за полесно како жена да се спаси под машки лик, а и за да се сокрие од царевото трагање по неа. Потоа се затвори во тесна келија и во неа помина дваесет и осум години. Се упокои во 563 година. Пред нејзината смрт авва Данило ? го виде лицето светло како сонце.

Тропар
О света ученичке на бесмртниот Цар Небесен, животот земен воскресение доживува од благодатта подарена, за мноштво трудови кои ги принесе како туѓинка, осиновена се најде во прегратката Христова. Спомни си за нас, мајко преподобна, во молитвите твои принесени, за спасение на родот човечки.