Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 24/03/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Свети Софрониј, патријарх Ерусалимски

Роден е во Дамаск од угледни родители. Откако насобра светска мудрост сепак не остана задоволен и тргна да ја собира единствено духовната. Во Лаврата на Св. Теодосиј се најде со монахот Јован Мосха кого го зеде за свој учител и тргнаа заедно да ги обиколуваат манастирите и подвижниците во Мисир. Нивната лозинка беше: „секој ден стекни што повеќе духовна мудрост “. С ? што знаеја запишаа и потоа го издадоа во две книги под името Лемонариум (или Цветник). Подоцна заминаа во Рим, каде што Мосха умре, а му остави на Софрониј аманет да го пренесе или на Синај или во Теодосиевата Лавра. Софрониј му ја исполни желбата и го однесе телото на својот учител во Лаврата на Теодосиј, а самиот се задржа во Ерусалим, којшто во тоа време беше ослободен од Персијанците. Присуствуваше на враќањето на Чесниот Крст од Персија, кога царот Ираклиј на своите плеќи го внесе Крстот во Светиот Град. Стариот патријарх Захарија исто така вратен од ропство не поживеа долго, па кога се пресели во оној свет, го замени Модест (+ 364г.), а после него патријарх беше блажениот Софрониј. Тој со особена мудрост и ревност управуваше со Црквата десет години. Стануваше во одбрана на Православието од монотелитската ерес, којашто тој на својот собор во Ерусалим ја осуди уште пред таа да биде осудена на Шестиот Вселенски Собор. Го напиша житието на Св. Марија Египетска, го состави чинот на Водосвет и воведе нови химни и песни во разни богослужби. Кога арапскиот калиф Омар го освои Ерусалим, Свети Софрониј го измоли да ги поштеди христијаните, а Омар ова наводно и го вети. Кога сепак калифот набрзо потоа почна да ги ограбува и малтретира христијаните во Ерусалим, Софрониј од дното на срцето Го молеше Бога да го земе од живите на земјата за да не го гледа осквернувањето на светоста. И Бог ја услиши неговата молитва, па го зеде кај Себе во 644 година.

Тропар
Велик сад на благодатта, мудроста во тебе допре длабочина, Софроние оче наш преподобен, дар на солзи, дар на исцеленија, за душите гладни – мудрост која заситува и н? води во светлината на идната татковина. Моли се, целомудрена пофалбо, за оние кои Го бараат Патот, Вистината и Животот.

Светиот маченик Пиониј и другите со него

Свештеник смирненски. Пострада во Смирна во времето на Декиевото гонење. Го осудија на распнување, заради што беше многу радосен. И штом војниците го склопија крстот и го положија на земјата, Пиониј самиот легна на крстот, ги испружи рацете и им заповеда на војниците да му ги приковаат рацете со клинци. Крстот го всадија во земјата наопаку, а под главата на маченикот наложија оган. Наоколу имаше многу народ. Светиот Пиониј си ги затвори очите и радосно возвикна: „Боже, прими го мојот дух!“ и издивна. Овој светител го напиша житието на Св. Поликарп Смирненски. Пострада и се прослави во 250 година.

Тропар
Трагајќи по мудроста која ја открива вистината, ти Пионие свети, Христа го пронајде, Кој благодатен презвитер Свој те направи. Привлечен од Светлината вечна, окован пред светот излезе, заедно со Савил и Асклипиад, за да покажете дека само во Господа може човек да биде слободен. Радувајте се и за нас молете се, жители во вечната светлина.

Преподобен Георгиј Синаит

Игумен на Синајската Гора. Голем подвижник и праведник. На Пасхалната ноќ ангел Божји го пренесе во Ерусалим на литургија и истиот ден повторно го врати на Синај. Се упокои мирно во 6 век.

Тропар
Испосниче свети, кој со благодатта Божја страстите ги исуши, а со добродетели се наполни, саду на чудесата неразбирливи за човека, но возможни за оној кој верува. Жителу на небесата – нека твоите молитви н? спомнат пред Господа и нека бидат скалила за нашиот восход кон татковината.